1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Судење на „Граѓани на Рајхот" поради планови за државен удар

29 април 2024

„Граѓаните на Рајхот" сакаат хомогено општество, без странци. Нивни поддржувачи се обвинети дека во 2022 година планирале државен удар во Германија и заради тоа сега им се суди.

Апсењето на Хајнрих XIII принц Ројс во декември 2022 година
Апсењето на Хајнрих XIII принц Ројс во декември 2022 годинаФотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Тие веројатно сакале да извршат државен удар во Германија. Станува збор за т.н. „Граѓани на Рајхот“ здружени околу Хајнрих XIII принц Ројс, кои веројатно имале намера да упаднат во Бундестагот и да уапсат членови на парламентот. Во фокусот посебно го имале канцеларот Олаф Шолц, сојузната министерка за надворешни работи, Аналена Бербок и лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц. Но, осомничената десничарска терористичка група „Патриотска унија“ спречена е благодарение на рација ширум државата спроведена на 7.декември 2022 година во која беа уапсени 25 лица, вклучително и Ројс. Најголемиот дел од нив од тогаш е во притвор. Запленети се 382 парчиња огнено оружје и речиси 150 илјади парчиња муниција. Првото од три судења на групата која според проценките брои околу 200 лица, ќе започне денес пред Покраинскиот суд во Штутгарт. Подоцна следуваат процесите пред судовите во Франкфурт на Мајна и во Минхен.

Полициска акција против членовите на „Граѓани на Рајхот“ во декември 2022 година.Фотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Чекање на сигнал од соучесниците

Во фокусот е Хајнрих XIII принц Ројс, 72-годишен трговец со недвижности од Франкфурт на Мајна. Плановите на групата „Граѓани на Рајхот" веројатно го вклучувале и него на местото на шефот на државата откако ќе ја преземат власта. Според обвинителството, групата очекувала некаков вид сигнал од соучесниците за да ја преземат власта уште во септември 2022 година. Меѓу нив тогаш биле и тајни групи формирани од членови на странски влади, војски и тајни служби.

По апсењето на групата на Ројс, следуваа и натамошни апсења како во ноември минатата година, по што министерката Ненси Фезер изјави дека „не можеме доволно гласно да го кажеме ова денес, кога се одигра една од најголемите рации против антидржавни акции на десницата: дека поларизацијата се зголемува и дека ние секој ден ја браниме нашата демократија".

Ненси Фезер: Мораме да ја браниме демократијата секој денФотографија: Nadja Wohlleben/REUTERS

Насилно преземање на фабрика за оружје?

Подготвена на насилство, групата околу принцот Ројс очигледно сонувала за користење на хеликоптерите на Бундесверот, со кои би управувале поддржувачите во германската војска. Дури и наводно е планирано насилно преземање на германската компанија за производство на оружје „Хеклер и Кох" со седиште во Оберндорф на Некар. Обвинетите за сега се товарат за членување во терористичка организација и за велепредавство. Сите три судења заедно веројатно ќе бидат мамутски процеси во кои идеологијата на групата „Граѓани на Рајхот" исто така ќе биде централно прашање.

Небулозни фантазии за мртви деца

А, според обвинителството, идеологијата содржи и ова: принцот Ројс смета дека со Германија владее некаков вид држава во државата, „deep state", која за себе си поставила за цел да организира убиства на деца и млади луѓе во големи размери. Ниту една фантазија не била доволно небулозна, па според нивното мислење, поплавата по долината на реката Ар во Северна Рајна Вестфалија летото 2021 година била само обид да се скрие убиството на децата со поплавувањето на старите владини бункери. Наводно станувало збор за 600 мртви деца во кругот на поддржувачите на Ројс.

Поранешна пратеничка на АфД

Во обвинителството се верени дека групата сакала да се спротивстави на насилното преземање на власта. Поддржувачите тогаш имале намера да преговараат за нов мировен договор со некогашните сојузници од САД, Франција и Велика Британија, но посебно со Русија. За да се подготви за целата работа, групата очигледно одржувала вежби за пукање и ги шпионирала просториите на Бундестагот за да биде подготвена за денот кога ќе ја преземат власта. Меѓу обвинетите е и поранешната пратеничка во Бундестагот од редовите на десничарската популистичка АфД, Биргит Малзак-Винкеман, која е и поранешна судијка. Неа ќе и се суди во Франкфурт заедно со Ројс. Во новата држава „Граѓани на Рајхот“, Малзак-Винкеман очигледно требала да биде министерка за правда.

Приврзеници на „Граѓани на Рајхот“ со знамиња на кралството Прусија за време на демонстрации во октомври 2023 година. Фотографија: Daniel Schäfer/dpa/picture alliance

Опасна групација од околу 20 илјади лица

Безбедносните служби проценуваат дека вкупниот број „Граѓани на Рајхот“ во Германија изнесува околу 20 илјади луѓе. Заедничко им е што ја отфрлаат демократијата и што имаат монархистички тенденции, ксенофобија и антисемитизмот. Граѓаните на Рајхот не го признаваат пост-воениот поредок во Германија како легитимен наследник на Германскиот Рајх. Во некои случаи, "Граѓаните на Рајхот" отворено се закануваат или вршат насилство, се закануваат со киднапирање, на пример на сојузниот министер за здравство, Карл Лаутербах. Авторот Тобијас Гинцбург осум месеци ја истражувал сцената, а за време на короната од 2020-та до 2022-ра се вмешал и меѓу радикалните активисти и противници на вакцинацијата и поддржувачи на теории на заговор.  Во март минатата година на прашањето дали движењето навистина претставува опасност, Гинцбург вели дека „не е лесно на тоа да се одговори како што се чини, затоа што Граѓаните на Рајхот не се обединето движење и немаат хомоген тип на екстремизам. Тоа е повеќе теорија на заговор, која е длабоко вкоренета во германската историја и националсоцијализмот“. Но, групата ја дели фантазијата на сите десничарски екстремистички активисти, имено „идејата за хомогено општество, без други, без странци“.

Пресудите од сите три судења се очекуваат дури следната година. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми