1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Обвинителство: Дискотеката „Пулс“ била смртоносна стапица

19 ноември 2025

Судењето за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани започна. Обвинителството најавува одговорност за трагедијата со 63 жртви и над 200 повредени

Судење за пожарот во Кочани,19.11.2025
Пат кон правда: Почна судењето за катастрофалниот пожар во ‘Пулс’Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал вода и не ја истурил“, изјави обвинителот Борче Јанев во воведниот збор на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според него, катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на серија институционални пропусти и неодговорност.

„Снимките кои нѐ потресоа сите и го обиколија светот се само завршниот и фатален чин на ова институционално, невидливо, но реално зло, кое исплива на виделина таа вечер. Во Кочани не изгоре само објектот, со него изгоре и илузијата дека одговорните во системот се тука кога треба да заштитат“, рече обвинителот.

Обвинителството најави дека ќе бара одговорност за сите пропусти кои довеле до една од најголемите трагедии во државата.

Трагедија во Кочани: Судењето за пожарот во дискотеката ‘Пулс’ открива шокантни пропусти“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Институционални пропусти и калкулиран ризик

Обвинителите сметаат дека трагедијата е последица на долготрајна институционална неодговорност и дека општеството мора да се соочи со вистината за да може да заздрави.

„Колку и да е мачна, тешка и болна. Ако премолчиме и ја изгубиме вистината, ако не се соочиме со целосната димензија на оваа ненадоместлива загуба и невидена трагедија, никогаш нема да имаме сила како општество да тргнеме на патот кон заздравување“, рече Јанев.

Според него, доказите ќе покажат дека клубот „Пулс“ бил безбедносна смртоносна стапица, буре барут уште од самиот почеток.

„Никулците на оваа катастрофа биле одамна изникнати и сите пресудни услови за тоа одамна поставени. Доказите ќе покажат дека опасноста која демнела со години никој од овие обвинети не сакал да ја погледне и види, меѓутоа требало, морале и биле должни да ја видат и спречат“, порача Јанев.

Според него, „не станува збор за несреќа или случај на судбината, туку за цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања и калкулиран ризик. „Нашиот народ знае да каже: подобро да се спречи, отколку да се лечи. Тоа е и функцијата на превентивното безбедносно дејствување, но во овој настан последиците се неизлечиви, затоа што никој никогаш не се ни обидел да ги спречи“, додаде обвинителот.

Трагедијата се случи на 16 март годинава. Во пожарот загинаа 63 лица, а над 200 беа повредениФотографија: Arbnora Memeti/DW

Обвинети и обвиненија

За трагедијата се обвинети 38 лица – 35 физички и три правни лица. Меѓу нив има поранешни министри, ексградоначалници, инспектори и сопственици на фирми. Првообвинет е сопственикот на „Пулс“, Дејан Јовановски, кој заедно со неговиот брат е во притвор. Сите се товарат за „тешки дела против општата сигурност“, а едно лице за примање мито.

Според обвинителството, обвинетиот Дејан Јованов без какви било институционални стеги и контроли за почитување на безбедносните правила и прописи, никогаш не се интересирал за опасноста. „Димензијата на преземени дејствија и обемот на пропусти кај овој човек се шокантни и запрепастувачки. Ќе можете да видите и чуете што сè бил спремен да направи само заради профит и материјална надомест. Бидете убедени дека ќе ве потсетат на негативни ликови, антипод на сите човекови вредности“, изјави Јанев.

Спојување на обвиненијата

Претходно судот одлучи да го спои обвинението против сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев, со главниот предмет. Со ова, Нацев стана 35-ти обвинет физичко лице во постапката. Причината за спојувањето е економичност на судската постапка.

Судењето се одвиваше под засилени безбедносни мерки. Покрај обвинетите, во судницата беа присутни и роднини на настраданите во несреќата што се случи на 16 март, претставници на обвинителството и на одбраната и бројни новинарски екипи. 

Трагедијата во бројки

Трагедијата се случи на 16 март годинава. Во пожарот загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Според истрагата, пожарот избил во ноќните часови за време на забава во дискотеката „Пулс“. Многу од присутните не успеале да излезат навреме поради блокирани излези и недостиг на противпожарна опрема.

Судењето може да трае долго, бидејќи станува збор за комплексен случај со многу обвинети и докази. Семејствата на жртвите бараат брза и правична пресуда, додека јавноста внимателно го следи процесот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми