1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судиите и обвинителите контра Мицкоски за платите

ДТЗ
23 септември 2025

Здруженијата на судии и обвинители порачаа дека имаат најниски плати во регионот, откако премиерот Мицкоски ги критикуваше дека бараат повисоки плати, а имаат само два отсто доверба кај граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски има дилема дали обвинителите и судиите ги заслужуваат и овие плати што ги земаатФотографија: Government of North Macedonia

Изјавите на премиерот дека не е основано барањето на судиите и обвинителите за повисоки плати, кога имаат само два отсто доверба кај граѓаните, предизвика реакции кај правосудната фела. Според нив, судиите и обвинителите се преоптоварени со голем број предмети, а нивните плати се најниски, споредено со регионот. 

Новиот предлог-закон за јавното обвинителство во Македонија предвидува вкупниот буџет на институцијата да изнесува 0,5% од државниот буџет, а не од бруто домашниот производ. Според Здружението на обвинители, тие средства се наменети не само за платите на јавните обвинители, туку за целокупните трошоци на јавните обвинителства во државава.

Во таа сума влегуваат и платите на јавнообвинителската администрација, и трошоците за вештачења, и трошоците за сите дејствија преземени во истражните постапки, и трошоците за одржување на системите кои се неопходни за функционирање на Јавното обвинителство.

„Од 2020 година, кога за првпат во Законот беше предвидено да се издвојуваат 0,4% од државниот буџет за Јавното обвинителство, до денеска обвинителството секоја година добива едвај околу половина од овие средства, поради што веќе е соочено со сериозен предизвик да ги покрие основните трошоци за работата на Јавното обвинителство“, се вели во реакцијата на Здружението на обвинители. 

Јавното обвинителство e соочено со сериозен предизвик да ги покрие основните трошоци за работатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

На дното според буџетските издвојувања

Споредено со сите земји во регионот, а и пошироко, тие наведуваат дека земјата се наоѓа на дното во однос на буџетските издвојувања за оваа намена.

„Јавните обвинители и јавнообвинителските службеници имаат најниски плати во споредба со сите останати земји во регионот. Бројот на јавни обвинители и на јавнообвинителска служба е далеку под европскиот просек, а сепак обвинителствата успеваат да го совладаат приливот на предмети и да решат по 20-тина илјади предмети годишно“, велат обвинителите. Според нив, токму овие факти ги препознава и Европската Унија и од тие причини финансиската самостојност и обезбедувањето ресурси за обвинителството се меѓу клучните реформи кои се бараат од земјата. 

Вечна тема

Слично реагира и Здружението на судии, во однос на  „вечната тема" за платите на судиите. 

„Платите на најголем број на судии во основните судови, со фамозното „зголемување“ од 78 проценти, достигнува до 86.000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и под просечната плата во Македонија. Ваквите плати на судиите и секако судските службеници се апсолутно најниските во регионот и пошироко“, велат од Здружението на судии.

Но, премиерот Христијан Мицкоски вели дека има дилема дали и овие плати што ги земаат тие ги заслужуваат. 

„Сакам граѓаните да знаат дека сите оние таканаречени експерти кога излегуваат и кога ја критикуваат Владата за застој во реформите во обвинителството и во судството, ова е суштинската реформа - како да се зголеми буџетот на судовите до 0,8 проценти од БДП, а на обвинителите до 0,5 проценти од БДП што е два до три пати повеќе од некои земји членки на ЕУ. Не е проблем, ние ќе ги зголемиме три пати, ама да ги заслужат“, порача Мицкоски при посетата на Штип.

Пред неколку дена тој изнесе повеќе детали за барањето за зголемување на платите во правосудството. Наведе дека станува збор за 100 милиони долари годишно, а за некоја година 250 милиони долари. Со тоа што го бараат платите на судиите и обвинителите би се движеле од 300 до 350 илјади денари месечно, рече Мицкоски. 

Министерството за финансии има обврска да направи компаративна анализа колку се одвојува за судството во Германија, Хрватска, Унгарија и тоа да и биде презентирано на Европската комисија.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми