Безредија во Албанија: десетици повредeни и уапсени
11 февруари 2026
Повеќе лица се повредени во насилните судири меѓу антивладините демонстранти и полицијата во албанскиот главен град Тирана. Најмалку 16 полицајци се повредени, а 13 лица се уапсени, објави во вторникот албанската полиција. Поддржувачите на опозицијата фрлаа молотови коктели и камења врз владината зграда, додека безбедносните сили употребија солзавец против демонстрантите, пренесоа новинските агенции.
Овој протест е најнов во серијата собири кои ги свика лидерот на опозицијата Сали Бериша. Меѓу другото, беа нападнати владината зграда и парламентот. Некои демонстранти запалија пиротехнички средства, додека полицијата, распоредена во голем број, употреби водени топови за да ја растера толпата.
Бериша, поранешен премиер и претседател на десничарската Демократска партија, рече дека еден од пратениците од неговата партија е однесен во болница со повреди.
Политичката сцена во Албанија е обележана со остри вербални напади меѓу десниот и левиот политички блок. Партиите редовно се навредуваат и се обвинуваат меѓусебно за корупција и врски со организираниот криминал.
Владата на левичарскиот премиер Еди Рама во моментов е погодена од корупциски скандал. Вицепремиерката Белинда Балуку, една од неговите најблиски соработнички, беше суспендирана во ноември минатата година од страна на антикорупциски суд поради наводна вмешаност во корупција поврзана со јавни набавки. Рама ја окарактеризира нејзината суспензија како „брутален напад врз независноста на извршната власт“. Демонстрантите на синоќешниот протест бараа Балуку итно да поднесе оставка.
И самиот Бериша е обвинет за доделување јавни набавки на негови блиски соработници, но тој жестоко го негира ова. Тој повика на нови протести закажани за 20 февруари.
Корупцијата и организираниот криминал остануваат клучна пречка на патот на Албанија кон членство во Европската Унија. Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, беше уапсен во февруари минатата година под сомнение за корупција и перење пари. Двајца поранешни министри од владите на Рама беа обвинети за проневера и злоупотреба на службената должност. Поранешниот претседател Илир Мета беше уапсен во октомври 2024 година - и се соочува со обвиненија за корупција и перење пари.