1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судирот Орбан - Фон дер Лајен е добар за Унијата

11 октомври 2024

Хипокризија е да се гледа и денунцира „фашизмот“ на Путин и Орбан, но истиот тој фашизам од страна на Бугарија да се преточува во предуслов за евроинтеграции. Пишува Ивор Мицковски

Pретседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен вербално го нападна Виктор ОрбанФотографија: Philippe Buissin/European Parliament

Требаше да биде нормална презентација на програмата на унгарското претседателство пред Европарламентот во Стразбур, но интервенцијата на Орбан се претвори во вистинско шоу, поточно во процес против Виктор Орбан. Процес од страна на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, па потоа и речиси сите парламентарни групи, почнувајќи од ЕПП.

Атмосферата во Стразбур се вжешти кога  Орбан ја обвини Европската Унија  дека води лоша политика во однос на нелегалната миграција, но и во однос на војната во Украина, посочувајќи дека Европа е на пат кон пораз во тој конфликт. Тоа предизивика реакции кај дел од европратениците, особено кај оние на Левицата, кои го испратија со антифашистичката „Бела чао“.

По нив, се огласи и претседателката на Европската Комисија, обвинувајќи го Орбан дека наместо на страната на Украина, застанал зад агресорот.„Се уште постојат некои, кои за таа војна не ја обвинуваат желбата на Путин за власт, туку Украинците и нивната желба за слобода. Па, да ги прашам нив - дали некогаш ја обвинувале Унгарија за советската инвазија во 1956 година?“, праша Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европска Комисија.

За волја на вистината Орбан се обрати пред Парламентот обвинувајќи ја ЕУ и околу проширувањето, наведувајќи дека е време Европската унија да го исполни ветувањето од пред 20 години и да го забрза процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. Орбан порача и дека политиката на проширување треба да се заснова на заслуги, но да остане веродостоен процес кон како што рече, оние кои ги исполните условите, а предолго чекаат.

Промена на стратегијата

Дека Орбан е лошото дете на Стариот континент,  човекот кој во пракса ја спроведе контрадикцијата на нелибералната демократија, е добро познат факт. Но, неговите зборови околу војната повеќе од само шокантни и достојни за пеење на „Бела чао“, песната која партизаните никогаш не ја ни пееле, носеа и доза на вистинитост. Орбан кажа дека Европа губи во Украина, но дека се однесува како да победува. Ако сакаме да победиме, тогаш треба да се промени стратегијата, која е губитничка. Размислете, ќе додаде Орбан: „Потребна е дипломатска акција, директна или индиректна комуникација. Доколку војната продолжи ќе има само повеќе мртви, илјадници. Со актуелната стратегија нема да има мир - мора да се определите за прекин на огнот“.

Да бидам искрен овие зборови не се шокантни или во најмала рака заслужуваа реплика од страна на фон дер Лајен или Мецола дека Европа навистина победува во Украина, дека Зеленски со парите и оружјето од ЕУ ги повраќа петте региони освоени од Русите и дека уште малку и ќе бидат вратени на границите од пред 2014-та. Но, тоа не се случи, особено кога сме свесни дека Русите речиси го комплетираа освојувањето на Луганск и привршуваат со Доњецк. Наместо реална дебата одговорите на Мецола и Урсула се сведоа на политички оценки и старите обвинувања до Орбан како да бараше Украинците да се предадат, а не заложба за преговори и примирје. Истите прегорови кои денес со Моска веќе ги бараат и самиот Зеленски, Бајден, Макрон, Шолц и останатите европски шефови на држави.

Шоу на хипокризија

Замерките кои му се упатуваат на Орбан во врска со правната држава и демократијата се повеќе од точни, но не треба да заборавиме дека таа нелиберална и авторитарна транзиција ја изведе во последните 20 години како колега од клупите на ЕПП, од коишто дел е и самата претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Сега тоа што Орбан го зборува за војната е сосема друга работа која што бара поинаков пристап од само „викање“ или скандализирање од тоа што Европа самата го дозволи и никогаш не го спречи. Како што поинаков одговор или посериозен одговор заслужуваат и замерките околу европската хипокризија во врска со  проширувањето со земјите од Западен Балкан.  Но, наместо тоа, и за разлика од партизаните од Втората светска војна, денешните „партизани“ од ЕУ, еднаш соочени со фактите се ограничија да ја пеат „Бела чао“.

Затоа што хипокризија е да се гледа и денунцира „фашизмот“ на Путин и Орбан, но истиот тој фашизам  од страна на Бугарија  да се преточува во  предуслов за евроинтеграции.

Како и да е, ова шоу на хипокризија или овој судир помеѓу Орбан и Фон дер Лајен има и свои добри страни. Европскиот парламент не може да биде место каде што само ќе се зборува за протоколи, норми и регулативи. Европарламентот треба да биде и место на судир, на соочување, на дебата, каде подобро ќе дојдат до израз идеите за иднината на Европа. Идејата на Орбан за Европа е и повеќе од јасна, сега треба да видиме која е идејата на европскиот лидершип.

Орбан го искористува претседателството  за сопствениот геополитички интерес и за целта да ја наметне централноста на  Будимпешта во Европа и регионот.  Нормално, во тие услови ги изразува своите силни страни, како што е пријателството со Путин или Трамп. Но, во исто време ја разголи и „кралицата“ Урсула.

Ја разголи слабоста на европското раководство особено во моментот кога  Претседателката на ЕК  расте во својата моќ. И колку и тоа да биде проблем или трн за европското мнозинство, наместо бурни реакции и реторики, треба да послужи за нивно освестување, подигнување и нудење на реални алтернативи. Сега е нужно на целиот континент да му се престави новата комунитарна визија за европската иднина, не заборавајќи и на проширувањето. Се друго е само хипокризија и празна демагогија.

Го видовме и ние тоа предобро дома од лажните Европејци и пејачи на „Бела чао“.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми