1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

За струшката депонија ќе слушне и Стразбур

ДТЗ
25 август 2023

Судот во Струга ја отфрли граѓанската тужба против дивата депонија која што ја труе Струга. Адвокатите велат дека не се откажуваат и ако треба правдата ќе ја бараат и во судот во Стразбур

депонија
Граѓаните преку тужби бараат одговорност за депониитеФотографија: DW/S. Toevski

Судот во Струга донесе одлука со која ја отфрли тужбата против дивата струшка депонија, прогласувајќи се за ненадлежен да решава по однос на депонијата. „Ваква одлука судот ја донесе по одржани седум рочишта каде беше изведен и доказ со увид на лице место, иако обврска на судот е прашањето за уреденост на тужбата да ги цени во фаза на претходно испитување на тужбата“, реагираат од адвокатската канцеларија „Стојкоски и Ќатоски“ од Струга. 

„Како адвокатски тим ваквото сценарио е предвидено од наша страна, па така оваа одлука на некој начин е очекувана. Непобитен научен и правен факт е дека депонија како дивата струшка депонија не треба да постои никаде на територија на Македонија, а уште помалку во заштитено подрачје на УНЕСКО“, децидни се адвокатите. 

Поради тоа, соочени со бројни препреки и обесхрабрувања, тие најавуваат дека ја продолжуваат борбата до целосно исцрпување на сите домашно- правни лекови, а потоа и со апликација до Европскиот суд за човекови права. 

Со граѓанска тужба против загадувањето 

Станува збор за граѓанска тужба поднесена во јануари 2021 година, преку Македонското здружение на млади правници (МЗМП) пред Основниот суд во Струга, поради долгогодишното загадувањеод струшката дива депонија. Тужбата беше поднесена против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и јавното комунално претпријатие – Струга.

Адвокатите најавуваат дека ја продолжуваат борбата до целосно исцрпување на сите домашно- правни лекови, а потоа и со апликација до Европскиот суд за човекови права.Фотографија: picture-alliance /imageBROKER

Адвокатот и граѓански активист, Глигорие Ќатоски во повеќе наврати алармираше дека понатамошното постоење на депонијата ќе произведе посериозна и позначителна штета по здравјето на луѓето и општо животната средина. Поради тоа, со тужбата се бараше да се превенира понатамошно загадување на животната средина од страна на струшката депонија, да се спречи понатамошно трупање на смет, да се изврши деконтаминација на просторот поради негативните и штетни последици за здравјето и животот на граѓаните. 

Покрај дислокација на депонијата се бараше и утврдување на повреда на правото на здрава животна средина, правото на живот и правото на приватност на домот. 

Граѓаните на Струга долго време се жалат поради загадувањето од струшката дива депонија, која се наоѓа на стотина метри од влезот на градот. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми