1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Суд забрани распоредување на Националната гарда во Чикаго

СН/агенции | дпа
10 октомври 2025

Доналд Трамп сака да ја распореди Национална гарда во Чикаго. Сега има судска пресуда– која е привремен пораз за владата на САД.

Припадници на Националната гарда на Тексас со маскирни униформи и капи на главите. Некои носат и оружје
Администрацијата на Трамп беше тужена од градот Чикаго и сојузната држава Илиноис во обид да се спречи распоредувањето на припадници на ГардатаФотографија: Erin Hooley/AP Photo/dpa/picture alliance

Владата на САД, предводена од претседателот Доналд Трамп, засега не смее да распореди војници на Националната гарда во Чикаго, според актуелната судска одлука. Привремената забрана важи првично за две недели, како што произлегува од документот на федералниот суд во Чикаго. Според тоа, на владата привремено ѝ е забрането да ја стави Националната гарда под федерална контрола и да ја распореди во сојузната држава Илиноис.

Писмено образложение од судот првично не беше достапно. Медиумите од судницата известија дека судијката рекла оти не ѝ биле претставени веродостојни докази дека во Илиноис дошло до наводен бунт.

Стотици припадници на Националната гарда во регионот

Спорот околу распоредувањето во Чикаго, каде што со недели луѓето протестираат против рациите на имиграциската службa ИЦЕ, ескалираше пред неколку дена поради тоа што американската влада ги стави припадниците на Националната гарда од Илиноис под федерална контрола. Тие требаше да ги заштитат федералните службеници, како што се оние од агенцијата ИЦЕ, позната по рациите против мигрантите, и федералниот имот.

Во Чикаго со недели луѓето протестираат против рациите на имиграциската службa ИЦЕ, Фотографија: Ashlee Rezin/Chicago Sun-Times/dpa/picture alliance

Дополнително, пристигнаа и припадници на Националната гарда од Тексас во Илиноис. Според воени извори, во моментов во регионот во сојузната држава Илиноис има 500 припадници на Националната гарда.

Медиуми: Војници веќе биле распоредени

Припадниците на Националната гарда испратени во пошироката област на Чикаго, според повеќе американски медиуми, веќе биле во акција во четвртокот. ТВ-станицата Си-Ен-Ен (CNN), повикувајќи се на сопствени видео снимки, извести дека припадници на Националната гарда патролирале на теренот на објект на имиграциската служба ИЦЕ во близина на метрополата. Таму имало протести.

Сојузната држава Илиноис и градот Чикаго поднесоа тужба против планот на американската влада да распореди војници на Националната гарда во градот против нивна волја.

Во САД, сојузните држави во нормални околности имаат контрола врз Националната гарда, која е воена резервна единица и дел од американските вооружени сили. Таа може да биде распоредена при природни катастрофи, нереди или внатрешни вонредни состојби. Сепак, во воени времиња или во случај на национални вонредни состојби, американскиот претседател може да ја преземе командата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми