1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Судскиот совет доби нов претседател - Александар Камбовски

3 јануари 2025

Изборот на претседател во Судскиот совет следи во ситуација кога Собранието минатиот декември не го усвои годишниот извештај за работата на ова тело.

 Александар Камбовски - нов претседател на Судскиот совет
Александар Камбовски - нов претседател на Судскиот совет на РСМФотографија: Petr Stojanovski

Судскиот совет на Република Северна Македонија на седница денеска избра нов претседател на тоа тело, Александар Камбовски, откако претходната претседателка  Весна Дамева поднесе оставка  на втори декември 2024 година, три дена пред пред истекот на нејзиниот мандат (петти декември 2024 г.)

Избор на нов претседател не се реализираше пред крајот на минатата година и беше одложен до комплетирањето на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.

Денешниот избор на претседател во Судскиот совет, следеше во ситуација кога Собранието минатиот декември не го усвои годишниот извештај за работата на ова тело, а тој беше дочекан со низа критики за политички нарачани одлуки. Неусвојувањето на извештајот за работата на Судскиот совет директно ја отвора можноста пратениците врз основа на членот 100 од Законот за судски совет да отворат расправа за работата на членовите на тоа тело кои се избрани од Собранието. Дека таква разврска не е исклучена, навести и премиерот Христијан Мицкоски, најавувајќи дека „размислуваат за неколку  потези што ќе ги преземат после празниците".

Владата сметаше дека за враќање на довербата во правосудството е потребно распуштање на Судскиот Совет - премиерот Христијан Мицкоски на средба со Весна Дамева која поднесе оставка од претседателската функција во Судскиот советФотографија: Government of North Macedonia

И претседателот на Собранието пред Нова година потврди дека Собранието ќе расправа за разрешување на пет членови на Судскиот совет, но претходно ќе го консултира Уставниот суд. Со цел да се избегне правна или процедурална грешка.

„Процедурата е одредена во Деловникот, ќе работиме по Деловникот во Комисијата за избори и именувања. Како биле назначени, така ќе бидат разрешени и така ќе оди и повторното назначување на новите членови. Мислам дека ќе биде на дневен ред веднаш штом има услови за постапување по однос на тоа прашање“, изјави Гаши.

Очигледно е дека сегашниот состав на Советот беше побрз во изборот на претседател, отколку најавената интерпелација на неговите членови избрани од Собранието, кои заедно со другите не ја оправдале довербата, бидејќи извештајот не им е усвоен. Според експерти, во овој момент дилемата не е од правен, туку од етички карактер, односно кој како ја разбира и лично ја практикува заштитата на интегритетот на тоа тело, тргнувајќи од себе. За жал, очекувањата не се дека ќе се покаже таква свест, туку поскоро потврдување на искуството дека накриво насадено дрво - криво ќе израсне.

Најмногу се „истакнаа“

Судскиот совет има 15 членови, од кои 8 ги избираат судиите од своите редови, а од 5 членови што ги избира Собранието, двајца се на предлог на претседателот на државата. Членови на Судскиот совет по функција се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои и учествуваат во работата на Советот, но без право на глас.

Во овој состав на Советот членови избрани од Собранието се Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова Илиевска.

Дел од овие имиња беа поврзани со  најконтроверзните настани во Судскиот совет. Селим Адеми кој беше заменик на Весна Дамева, во мај 2023 година побара таа да биде разрешена од функцијата претседателка на Судски совет. По тужбата што таа ја поднесе, Управниот суд ја поништи одлуката за нејзино разрешување. Нејзината претходиничка, Павлина Црвенковска, беше избрана за претседателка на-  Судскиот совет  во април 2021 година, а си поднесе оставка во ноември 2022 година. Нејзиното образложение беше дека „веднаш по нејзиниот извбор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарале на група од судската - бизнис елита“. Таа никогаш не кажа ни збор повеќе за судската-бизнис елита, ниту беше повикана да ја објасни „хајката“. Миљазим Мустафа беше членот на Советот кој поднесе иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, под образложение дека не доаѓала на седниците на Судскиот совет. Таа инцијатива дојде во време кога Адеми јавно во интервју предупреди за притисоци од функционери и на опасност и закани од разрешување на врховни судии, доколку не биде оживеана амнестијата на Иванов. Таа иницијатива на Мустафа се случи само една недела откако Судскиот совет, наместо да го разреши  апелациониот судија Енвер Беџети  кој 9 месеци без причина го држел предметот на Сашо Мијалков за масовното прислушување, му изрече само парична казна од 20 отсто од платата. Сатисфакција стигна, но од другата страна на океанот - минатиот месец Беџети беше ставен на црната листа на САД.

Судскиот совет има 15 членови, од кои 8 ги избираат судиите од своите редови, а од 5 членови што ги избира Собранието, двајца се на предлог на претседателот на државатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Без „текнувало“

Судскиот совет, тело со најмалку 20 важни надлежности, меѓу кои да избира и разрешува судии и претседатели на судови и да ја следи и оценува работата на судиите, во последните две години беше епицентар на многу контроверзни одлуки. Покрај незаконското разрешување на Дамева, имаше преку притисоци да се одложат или да се блокираат дисциплински постапки против судии кои зад сцената работеле на уривање на судски процеси против случаи од висок пролитички профил. И покрај можноста барем со оставки да покажат интегритет, тоа не се случи, што беше причина  Мицкоски да се заложи за целосно распуштање на Судскиот совет  (и на Советот за јавни обвинители). На прашањето дали останува на тој, и на ставот за најавената смена на петмината членови на Судскиот совет кои се избираат преку Собранието, Мицкоски одговори преку компарација на легалитетот и легитимитетот.

„Едно е јасно, дека овој Судски совет ваков каков што е,  нема легитимитет кај граѓаните. Тој можеби има легалитет, но нема легитимитет бидејќи кредибилитетот им е уништен, довербата е едноцифрен број проценти, довербата е на историско најниско ниво. И она што е важно, е дека ако нема свесност помеѓу нив самите да заминат, тогаш мора ние да преземаме некакви чекори за да може тие да заминат“, рече премиерот во интервју за МИА.

Но потенцира - тоа не значи дека едните што ја довеле состојбата таква каква што е, треба само да бидат заменети со други кои истото ќе го продолжат.

„Кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и институционална меморија позади себе, односно да има биографија и тежина тој којшто ќе биде таму. Затоа што ако ние едните ги замениме со други, а останат навиките исти и начинот на однесување - не сме направиле ништо. Истото и за нас ќе се случи еден ден, ќе заминеме и ние, ќе дојдат некои други. Затоа што, кога ќе дојдат тие смени (...) ако нема некакви позитивни промени, тогаш ние ќе бидеме виновни и сите ќе речат - еве, исти се. А тоа не е наша цел. Ние не сакаме тоа да го правиме“, изјави Мицкоски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми