Судскиот совет пред одлука за Беса Адеми
17 јануари 2024Судбината на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми е во рацете на Судскиот совет кој денеска (17.01) треба да расправа за извештајот на Комисијата на известители во врска со иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд. Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева очекува на седницата да биде донесена правилна одлука.
Таа во вторникот имаше средба со холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп кој деновиве упати сериозни критики на адресата на Судскиот совет. По средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети на 10 јануари, холандскиот амбасадор порача дека неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија. Но, сега топката полека се спушта, па Холандија навестува дека ќе размисли за враќање на помошта за судството.
Холандија ќе ја врати помошта за Судскиот совет
По средбата со Дамева, која експресно беше сменета од Судскиот совет, а потоа повторно се врати на функцијата со одлука на Управниот суд, холандскиот амбасадор на социјалните мрежи објави дека е „задоволен што Судскиот совет повторно е легален субјект“.
„Сега е од големо значење и итност да се започне со враќање на довербата на јавноста и на меѓународната заедница во Судскиот совет. Дамева даде преглед на начинот на кој на транспарентен начин ќе ги имплементира препораките на Оценската мисија на ЕУ“, објави амбасадорот. Тој вели дека Холандија сега силно ќе размисли за рестартирање на проектот со Судскиот совет што беше суспендиран во мај минатата година.
Јавна расправа
Во пресрет на денешната седница, Дамева за емисијата „360 степени“ изјави дека извештајот на Комисијата на известители е готов и дека за него ќе се расправа како седма точка на дневниот ред насловена „Расправа по извештај за констатирана состојба“. Советот ќе треба да одлучи дали има сторено повреда и доколку има, која е повредата и каква ќе биде финалната одлука. Расправата ќе биде отворена за јавноста и на седницата сите членови на Советот може да се изјаснат за извештајот од Комисијата по што треба да се донесе одлука.
„Прво за што се изјаснува Советот е за запирање на постапката, за што се потребни најмалку седум гласа. Доколку нема мнозинство, се пристапува кон констатирање дека е сторена повреда и кон изрекување на една од утврдените законски дисциплински мерки, почнувајќи од најтешката кон најлесната, што значи првата е разрешување, па парична казна, имајќи предвид висината и времетраењето, па јавен укор и на крај опомена“, вели Дамева.
Таа се надева дека нејзините колеги ќе ја земат предвид целокупната фактичка состојба и врз основа на доказите ќе донесат правилна одлука.
Очекувања
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во пресрет на седницата за ДВ вели дека очекува одлука заснована на заштитата на владеењето на правото и во согласност со констатациите на Оценската комисија на ЕУ.
„Врховниот суд преку своите активности секогаш делува во насока на остварување на целите на правдата, што е акцентирано и во релевантните извештаи. Се надевам дека и за овој конкретен случај ќе бидат земени предвид сите аргументи, особено од аспект на правичноста и аспирациите за независно и европско судство“, вели Адеми.
Премиерот Димитар Ковачевски во вторникот одговарајќи на новинарски прашања во врска со иницијативата која што ќе ја разгледува Судскиот совет, рече дека судството е независна власт и дека треба да носат одлуки според закон и Устав.
„Немам комуникација со судските власти, само со претседател на Уставен суд. За одлуките кои ги носи Судскиот совет, само тие може да дадат одговор. не гледам причина зошто би биле под нечие влијание“, рече Ковачевски.
Ваквиот развој на настаните следи откако член на Судскиот совет покрена иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Иницијативата на Миљазим Мустафа била покрената поради неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември оваа година, што според Мустафа било нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција. Но, револт предизвикало и нејзиното интервју за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за аболициите на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов.
Премиерот Димитар Ковачевски деновиве го повика Врховниот суд со име и презиме да посочи кој врши притисоци врз нив.