1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Супербогатите во Давос: „Оданочете нѐ“

Томас Лачан
19 јануари 2024

На Светскиот економски форум во Давос неколку супербогаташи напишаа отворено писмо во кое повикуваат на зголемување на данокот заради борба против општествената нееднаквост. Идејата не е нова, но зошто не се реализира?

Давос Марлен Енгелхорн
Австријката Марлен Енгелхорн, чија фамилија своевремено ја основала германската хемиска компанија БАСФФотографија: Hannes P. Albert/dpa/picture alliance

„Изненадени сме што не можете да одговорите на едноставно прашање кое ви го поставуваме веќе три години: кога ќе ги оданочувате екстремно богатите?“

Тоа прашање стигна од тројца учесници на онлајн-кампањата „Горд што плаќам повеќе“, а упатено е до шефовите на држави и влади на Светскиот економски форум во Давос. Оваа среда активисти предадоа и отворено писмо во кое повикуваат на покачување на даноците ширум светот за супербогаташите.

„Враќање во нормалност“

Она што е посебно во таа кампања е што нејзините учесници и самите се меѓу најбогатите луѓе во светот: 260 милијардери и милионери се собраа заедно во знак на протест поради  глобалната општествена нееднаквост. Дојдено е до пресвртна точка, оценуваат иницијаторите. „Трошоците за нашата економска, социјална и еколошка стабилност се огромни и секој ден продолжуваат да растат. Накратко: мораме веднаш да дејствуваме!“

Нивните барања, како што велат, не се радикални, туку враќање во „нормалност“.

„Екстремното и непродуктивно богатство“ би можело да се трансформира во „инвестиции во нашата демократска иднина“, велат тие.

Потписници на кампањата на пример се Валери Рокфелер, Абигејл Дизни, но и Австријката Марлен Енгелхорн, чија фамилија своевремено ја основала германската хемиска компанија БАСФ. Тие наследиле поголем дел од своето повеќемилионско богатство, а за тоа не морале ништо да прават, затоа сметаат дека тоа не е во ред.

Марлен Енгелхорн, која критикува што во Австрија не постои данок на наследство, неодамна стигна на насловните страници поради тоа што сака 25 милиони од нејзиното наследство да му се „прераспределат“ на општеството. На нејзина иницијатива моментално е во процес формирање „Совет на граѓани“ кој ќе реши каде тие пари да се искористат во интерес на општеството.

Богатите стануваат сѐ побогати

Јазот меѓу богатите и сиромашните навистина се шири ширум светот. Според „Светскиот извештај за нееднаквост“ за 2022 година, повеќе од третина од приватното богатство акумулирано од средината на 1990-те, отишло кај оние кои спаѓаат во најбогатиот дел од човештвото. Наспроти тоа, на половина од светската популација, односно четири милијарди најсиромашни луѓе,  отпаѓаат само два проценти од богатството. Во 2020 година, по избивањето на пандемијата на ковид, уделот на милијардери во распределбата на глобалното богатство пораснал повеќе од било кога досега.

Досега имаше веќе неколку обиди за повисоко оданочување на нивното исклучително големо богатство. Во текот на кампањата во 2019 година за претседателските избори во САД, американската сенаторка Елизабет Ворен предложи воведување данок на имот на оние кои располагаат со повеќе од 50 милиони долари.

Големи пречки за повисоки даноци

Тоа меѓутоа не е лесно спроведливо. „Потписниците на петицијата во Давос се првенствено наследници и тие се оние кои активно ги водат своите компании. Поради тоа се чувствуваат нелагодно, поради големо богатство кое не го стекнале сами. Тоа се повеќе поединечни гласови“, објаснува Штефан Бах, експерт за даноци на Германскиот институт за економски истражувања во Берлин.

Огромно  мнозинство од супербогатите е воздржано. Дури постои и голем отпор на здруженија на компании, а тие преку лобисти се добро поврзани со највисоки политички кругови.  Во Германија  тоа е првенствено Здружението на семејни фирми.

„Голем дел од тој голем имот е поврзан со тие фирми", вели Бах. Повисоки даноци, смета Здружението, би можеле да ги загрозат инвестициите, а со тоа и  работните места или дури да доведат до тоа наследникот да не продолжи со бизнисот на семејното претпријатие.

„Тука најчесто се гуши политичката дебата за даноци на богатството или наследството“, вели Бах.

Државни иницијативи немаат шанса?

Генерално, тешко е влегување во самостојна акција на државно ниво кога е во прашање оданочување на исклучително големо богатство. „Поголемите, меѓународно позиционирани компании, или супербогатите свират, така да кажам, на клавијатурата на меѓународно даночно право“, укажува Бах.

Илон Маск е еден од најбогатите луѓе во светот, но со години како приватно лице речиси не плаќа даноциФотографија: Leon Neal/AP Photo/picture alliance

Милијардерите релативно лесно можат да ги преселат своите седишта во даночно поповолни земји. „А ако на крајот се исцеди само некои средно по големина германско претпријатие кое останало верно на земјата па мора да се изложува на високи даноци, тогаш не сме добиле ништо“, вели Бах. 

Овој милионер сака повисоки даноци

00:57

This browser does not support the video element.

Тој додава дека е можно генерирање дополнителни пари за државната каса со своевидна комбинација на зголемување на данок но без нанесување поголема економска штета. „Најдобро е тоа да се направи на меѓународен координиран начин“, вели експертот.

Во 2021 година на пример се забележани почетни успеси во сузбивање на затајување данок од страна на големи корпорации. Повеќе од 130 земји, на кои отпаѓа 90 проценти од глобалното економско производство, се договорија за минимална даночна стапка од 15 проценти за компаниите. На тој начин сакаат да спречат големите меѓународни компании едноставно да мигрираат во земји со пониска даночна стапка. Лани и неколку пратеници од Европскиот парламент презедоа сличен чекор, залагајќи се за воведување глобален минимален данок за екстремно големо приватно богатство.

Штефан Бах меѓутоа не верува дека тоа ќе се случи во блиска иднина, што можеби е и поради општото смвртување во десно во Европа. „Практично веќе нема левичарска сила“, вели тој. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми