1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Суспензии и предистрага: Се шири истрагата за „Пулс“

ДТЗ
1 октомври 2025

УЈП суспендираше неколкумина вработени, откако Јавното обвинителство води предистрага за пожарот во дискотеката во Кочани со нови докази, со која се опфатени повеќе институции. До каде ќе се шири истрагата?

Пожар во дискотеката „Пулс“
Суспенции и предистрага: до каде ќе се шири истрагата за „Пулс“Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Суспензија на вработени во Управата за јавни приходи и нови истражни дејствија се најавуваат за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, откако во јавноста се појавија нови докази коишто фрлаат нова светлина на случувањата.

„Со поднесувањето на обвинението за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, не завршија и истражните постапки за други инкриминирачки дејствија поврзани со други лица и институции“, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Најавата следи откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави докази добиени од свиркачи кои посочуваат дека инспектори во Управата за јавни приходи (УЈП), Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и полициски службеници имале блиска комуникација со сопствениците на импровизираниот клуб. 

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вели дека се води предистрага за вработени во повеќе институции по пожарот во „Пулс“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Внатрешни проверки и суспензија

По ваквите наводи, УЈП спровела внатрешна проверка и донела решение да ги суспендира вработените лица опфатени со случајот сè додека трае постапката.  „Оваа мерка е преземена со цел заштита на институционалниот интегритет, угледот на Управата и довербата на граѓаните“, посочуваат од УЈП. 

Во документарецот на ИРЛ се споменуваат вработени лица на УЈП, коишто наводно биле во контакт со сопствениците на клубот и им ги најавувале инспекциските контроли. 

„Ваквото однесување претставува сериозно прекршување на Кодексот на однесување на вработените во УЈП. Управата останува цврсто посветена на принципите на законитост, транспарентност и професионализам и ќе продолжи да спроведува нулта толеранција кон секое однесување што ги нарушува овие вредности“, велат од УЈП.

Пораките се само дел од куп докази

Обвинителот Коцевски вели дека текстуалните пораки што беа објавени деновиве, се само дел од доказите што ги поседува Јавното обвинителството во Македонија. Во тек е предистражната постапка, за којашто не се изнесуваат повеќе детали.

„Сите овие пораки ги имаше и МВР, но тоа се многу малку пораки во однос на она со што Обвинителството располага во моментов. Има таму можеби уште десет инкриминирачки дејствија, што значи дека постапката воопшто не е ниту затворена не само во однос на УЈП, туку и на евентуално други институции“, изјави во вторникот (30.09) Коцевски.

Според Коцевски, во моментот на поднесување на обвинението немало докази за инспекторите во УЈП. Тие биле обезбедени во јули, откако веќе беше поднесено обвинението за  „Пулс“.

Во јуни беше поднесено обвинение за пожарот во Кочани, со кое се опфатени 34 физички и три правни лица. Тие се гонат за тешки дела против општата сигурност. Помеѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. 

Истражна постапка се води и против 13 полицајци поврзани со случајот, која што тече побавно, со оглед на тоа дека постапката ја води само еден обвинител. Најавите беа дека доколку во иднина се обезбедат докази, постапката може да продолжи за оние за коишто е запрена, а не се исклучува можноста со истрагата да бидат опфатени и други лица. 

Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март во раните утрински часови. Во него загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми