1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Св. Кирил и Методиј“ е државата

24 мај 2023

Темелот на државата е квалитетот со кој државата ги образува своите деца. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е државата, a според сите светски листи, ние лошо ги едуцираме нашите поколенија. Пишува Никола Тодоров

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во СкопјеФотографија: DW/M. Sevrieva

На денот на сесловенските просветители мојата редовна колумна ја посветувам на „Св.Кирил и Методиј“. Но, не на светите солунски браќа, туку на нашиот универзитет, „Св. Кирил и Методиј“.  Оваа година, празникот на нашите просветители ќе го одбележиме во услови кога нашиот најстар и најголем универзитет, а би рекол слободно и еден од главните стожери на државата е рангиран катастрофално лошо на листите на кои се рангираат светските универзитети. Ова треба да запали гласен црвен аларм во македонското општество. 

Темелот на државата е квалитетот со кој државата ги образува своите деца. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е државата, a според сите светски листи, ние, лошо и далеку помалку квалитетно од останатите со кои сакаме и мораме да се натпреваруваме, ги едуцираме нашите поколенија. 

Уште на почеток сакам да разбијам една заблуда. Дали една држава ќе биде просперитетна и развиена во најголема мера не зависи од политичарите, туку од квалитетната наобразба на нацијата. Ова правило, како и секое, има исклучок, но ако нацијата е квалитетно образована, многу веројатно е дека ќе има висок стандард на живот, повисоки примања, квалитетно здравство, високо ниво на култура, отворен ум, развиено и модерно земјоделство и високо-технолошки базиран економски раст. Ако е обратно, ќе биде сѐ обратно! 

Сѐ почнува од Универзитетот  

Втора заблуда која сакам да ја прокоментирам е дека сѐ почнува од основното образование. Погрешно. Сѐ почнува од квалитетот на високото образование. Ако високото образование е квалитетно, неминовно е дека и основното и средното образование ќе бидат квалитетни, но ако високото образование не ни е квалитетно, основното и средното ќе бидат уште понеквалитетни. Нема шанси, неквалитетно образовани наставници да овозможат квалитетно образование, и обратно, квалитетно високо образовани наставници со сигурност квалитетно ќе ги образуваат нашите деца.

Кога бев министер за образование предложив закон за високо образование кој продуцираше штрајк на професорите. Им отидов на штрајкот, ги замолив да ми го дадат мегафонот кој го донеле и им се обратив. Што баравме? Баравме професорите да објавуваат трудови во научни списанија. Баравме професорите да предаваат, да акредитираат програми на англиски јазик и мултидисциплинарни програми помеѓу два или повеќе факултети на ниво на универзитет. Сакавме да привлечат странски студенти. Баравме секој објавен труд, дисертација или книга да се провери преку еден софтвер кој го набавивме за да се спречат плагијати. Баравме да нема непотизам.  Баравме да се користи литературата која ја користат најдобрите универзитети во светот, а која со помош на професорите, а со пари од централниот буџет, ја преведовме и ја направивме достапна за професорите и студентите. Баравме дел од самофинансирачките средства да се користат за наука и научно-истражувачки проекти. Но тоа што ние баравме е неважно. Ајде да видиме што бара универзитетот во Шангај, кога го прави светски најпознатото рангирање на универзитети:

 

  1. Квалитет на образование – (Алумни на универзитетот-добитници на Нобелови награди и медали во областа математика) - 10%;

  2. Квалитет на кадарот на факултетот на институцијата (добитници на Нобелови награди и Награда во областа математика)- 20%; 

  3. Високо цитирани истражувачи-HiCi-20%;

  4. Истражувачки резултати објавени во Nature and Science (N&S)-20%;

  5. Трудови индексирани во Science Citation Index-Expanded и Social Science Citation Index PUB-20%;

  6. Академски Перформанси, per capita-20%.

За институциите специјализирани за хуманистички и општествени науки како што е Лондонската школа за економија, N&S не се зема предвид, а тежината на N&S се преместува на други индикатори. 

За волја на вистината, во услови кога буџетот на УКИМ е околу 3,5 милијарди денари и сега и во минатото, средствата кои од централниот буџет се издвојуваат за наука се скоро двојно намалени во 2023 година во однос на 2015 година. Ако во 2015 година за наука државата издвојувала 822 милиони денари, во 2023 година одвоила само 463 милиони денари, а без буџет за наука, нема наука, ниту трудови во меѓународни списанија. 

Младите си одат 

Овој текст не го пишувам како поранешен министер за образование, политичар или адвокат. Ова го пишувам како татко. Сакам моите деца да студираат на квалитетен универзитет, тука во Скопје. Младите, поради многу причини, скоро сите сакаат да се иселат, меѓу другото и за да добијат квалитетно образование кое ќе ги направи високо-компетитивни во споредба со нивните врсници од целиот свет. Светот е глобален, натпреварот исто така. Младите со право се прашуваат - зошто да студирам на универзитет кој не е рангиран ниту помеѓу првите 1.900 во светот? Универзитетот во Љубљана е помеѓу првите 500 во светот, исто како и универзитетите во Белград и Загреб.  Универзитетот во Солун, родниот град на „Св. Кирил и Методиј“ е рангиран помеѓу 501-600 место на листата на најдобри универзитети, а Атинскиот е уште подобар, помеѓу 301-400 место во светот. Ниту еден од овие универзитети нема добитник на Нобелова награда или медал во областа на математика, а сепак успеале да се искачат толку високо на оваа светска скала.

Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Демографски страдаат и Словенија и Хрватска и Србија. Ниту една од овие држави нема да има проблем, туку напротив со задоволство ќе ги прифати нашите студенти, а ќе направат и дополнителен напор да ги задржат да останат да живеат и работат таму. Ќе ни ги земат децата и ќе ги стават во своја полза, во полза на нивната држава. Ние, за тоа време ќе ги славиме светите браќа и ќе се гордееме дека пред повеќе од 1.000 години, тие, ги описмениле Словените. 

Кои се политичарите? 

Многу, ќе ми замерат за овој мој јавно искажан став, а веројатно и ќе ме навредуваат и омаловажуваат. Навикнат сум на тоа бидејќи се водам од Платоновата максима дека никој не е повеќе мразен од тој кој што ја зборува вистината. 

-Предлог за реформа на реформата во образованието

Честа фраза која се употребува кога нешто не ни се допаѓа е „политичарите се виновни". Ова за жал не е заблуда. Виновни се. Но ајде да анализираме подлабоко. Кои се политичарите? Па тоа се, во најголема мера, нашите професори и нивните дипломци. А во овој момент, имаме уште поеклатантен пример. Кој е претседателот на државата? Политичар, професор. Кој е премиерот на државата, политичар, професор. Кој е лидерот на опозицијата, политичар, професор. Кој е лидерот на партијата со најбрз раст? Политичар, професор. Кој е виновен за ова што ни се случува? Политичарите се, не се лутете, ама ве молам, реформирајте се, за и после десет години, повторно политичарите да не бидат виновни.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми