1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Свадбен марш за реквием на демократијата

21 август 2024

Дојдовме дотаму што на некои кралеви и цареви во политиката треба да им цртаме што смеат и што не смеат да прават за да го зачуваат дигнитетот на функцијата што ја извршуваат. Пишува Соња Крамарска

На седница на парламентот на 3 септември ќе се расправа за интерпелацијата против однесувањето на спикерот Африм ГашиФотографија: Petr Stojanovski/DW

На Балканот полека се уриваат границите, но за тоа не е заслужен Отворен Балкан, туку присилното дигање на рампите кога во далечина ќе затрепкаат посебните светла на лимузините на високи функционери. За нив нема „стоп“, нема гранична контрола, нема царинска контрола, ниту пак проверка на возилото или патните документи на патниците. Последен, но не и прв е примерот со одењето на свадба на шефот на парламентот Африм Гаши, кој „топ-тан" со семејството и роднините распоредени во службените и приватни возила, прелета на македонско-косовската граница, а потоа и назад.

Со оглед на политичката прашина која се дигна за овој случај, свадбениот марш на спикерот Гаши ги има сите ноти да се претвори во реквием на демократијата. Во Македонија се разбира, не во Косово. Таму тоа е триумф на демократијата. 

Претседателот на парламентот на Северна Македонија полека, но сигурно оди кон „брендот“ лошо момче во владејачката коалиција. Министерството за внатрешни работи, пак, ако продолжи трендот, може да го преименуваме во министерство на жртвите на самоволието на Африм Гаши. Првин се водеше постапка за неговото обезбедување на кое му нареди, сосем незаконски, бидејќи обезбедувањето е под МВР, да отиде на скопскиот аеродром да ја спасува косовската претседателка од граничната контрола која е задолжителна за сите патници во авионскиот сообраќај. Во најновата епизода, пак, ќе се води постапка против полициските службеници на граничниот премин со Косово кои ги дигнале рампите за свитата на Африм Гаши да не се деранжира со застанување и покажување документи.

Соња КрамарскаФотографија: Privat

Невидлива етика 

Да замислиме што би било кога овие функционери ќе одбијат да ги следат аеродромските и граничните процедури за влез во САД, на пример, или во Франција или Германија. Сцените кои ќе настанат ќе бидат достојни на холивудските филмови за полициска интервенција на патници кои ќе се обидат „диво“ да влезат во една држава. 

Господинот Гаши бездруго ги има сите функционерски права на лично и семејно обезбедување, кои деновиве ги цитираше и МВР и коалицијата Вреди. Но безброј пати сме пишувале, па ќе потсетиме и сега дека законот не ја покрива етиката и моралот што треба да ги поседуваат функционерите. Тие се подразбираат. Ако законодавецот предвидел дека на претседателот на парламентот ќе му паднело на памет да оди со службената лимузина на свадба, сигурно ќе ставел забрана во законот. Дојдовме дотаму што на некои кралеви и цареви во политиката треба да им цртаме што смеат и што не смеат да прават ако сакаат да бидат во служба на граѓаните. Па зошто да не, да го измениме законот и да напишеме дека е забрането државните ресурси како што се лимузините да се користат за свадби и други приватни потреби, кога веќе свеста, моралот и принципите се на толку ниско ниво. 

Желбата на шефот на институцијата, која треба да биде олицетворение на демократијата и почитувањето на законот, да се стави над законот, се претвора во камен околу вратот на владејачката коалиција предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. А поради водечката улога што ја има ВМРО-ДПМНЕ во коалицијата, е камен околу вратот и на ВМРО-ДПМНЕ. Рамнотежата на владејачката коалиција значително е нарушена. Првиот човек на парламентот како да сака да порача дека е неприкосновен во своето владеење, притоа нарушувајќи ги сите правила. Тој на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со други присутни изведе групна верска молитва. На овој случај се надоврза и инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром. Потоа уследи и свадбата во Косово. 

Кого ќе брани ВМРО-ДПМНЕ?

Ќе биде интересно да се гледа со какви аргументи ВМРО-ДПМНЕ ќе го брани спикерот Африм Гаши на седницата на 3 септември, на која ќе се расправа за интерпелацијата против неговото однесување. И дали воопшто може да се најдат аргументи на таа тема, освен познатите „и вие така правевте“. Споредбите на сегашната власт со поведението на претходната власт е најупотребуваниот аргумент во политиката, кој спречи да се усвојат вистински критериуми за тоа до каде треба да се простира моќта на клучните фигури во власта. Ако претседателот на парламентот успеа само за два месеца да испише таква црна хроника, што ли може да се очекува во годините кои преостануваат од мандатот на власта? 

Една од дефинициите за политичката етика е дека лидерите треба да покажат повисоки стандарди отколку тие што ги практикуваат во приватниот живот. Поранешната финска премиерка Сана Марин мораше да се повлече од функцијата откако во јавноста протекоа снимки како се забавува во приватното време, со алкохол и други сцени за кои тамошната јавност најде дека се неприкладни за вршителка на толку висока функција. Иако, таа не прекрши никаков закон. Британскиот премиер Борис Џонсон мораше да даде оставка откако во јавноста исто така протекоа информации и фотографии дека го прекршил Ковид-протоколот организирајќи роденденска забава во градината на службената резиденција. Имаше и еден поодамнешен пример на министер од Нов Зеланд кој платил со службената картичка за приватни цели, по што мораше да ја напушти функцијата. Притоа изјави дека ги прекршил сопствените стандарди и дека се срами поради тоа. Сличен случај имаше и со премиерка во Шведска. 

Поради арогантното молчење и криење зад партиските врати, јавноста во Македонија нема ни да стигне да праша со чии пари биле наполнети бензин лимузините со кои се превезуваа свадбарите предводени од претседателот на парламентот, Африм Гаши. Се чини дека тоа е непотребно и да се праша бидејќи одговорот може да се претпостави. Но не и одговорноста за таков чин, која е мислена именка во нашата држава.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми