Шведска воведува затвор за 13-годишници: што е со Германија?
8 ноември 2025
Шведскиот премиер Улф Кристерсон во септември објави планови за намалување на старосната граница за најтешките кривични дела, вклучувајќи убиство и тешка експлозија, од 15 на 13 години.
Реформата на законот е одговор на порастот на смртоносното насилство меѓу бандите. Полицијата тврди дека криминалните мрежи за изведување пукотници и транспорт на оружје сè повеќе регрутираат деца, бидејќи децата под 15 години не можат да бидат гонети.
Владата во Стокхолм претходно најави формирање специјални притворни единици во шведските затвори за малолетници на возраст од 15 до 17 години. Според новиот предлог, планот се проширува на единици за затворање млади лица на возраст од 13 до 14 години. Според Министерството за правда на Шведска, малолетните престапници би можеле да почнат да се испраќаат во овие притворни установи уште од наредното лето.
Владата тврди дека промената ќе ја затвори законската дупка која ја злоупотребуваат бандите. Сепак, правните експерти, организациите за права на децата и социјалните работници предупредуваат дека намалувањето на границата нема да го намали криминалот и може да го загрози процесот на рехабилитација.
Големи разлики во ЕУ - старосната граница од 10 до 16 години
Минималната возраст за кривична одговорност во Европа значително варира. Земјите со ограничувања под 14 години се Ирска (од 10 години во зависност од кривичното дело), Холандија (од 12 години), Белгија и Унгарија (од 12 години во зависност од кривичното дело), Франција (од 13 години во зависност од кривичното дело). А највисоката граница е во Португалија и во Луксембург, каде што младите се кривично одговорни дури на 16 години.
И покрај разликите, сите земји од Европската Унија имаат посебни правосудни системи за малолетници под 18 години, каде што фокусот е на образование и рехабилитација, а не на казнување. Сепак, како што се интензивира политичката дебата за малолетничкиот криминал, линијата помеѓу заштитата и гонењето на малолетниците сè повеќе се губи.
Во земјите со повисоки граници, како што се Финска или Португалија, акцентот е ставен на социјалната реинтеграција. На други места, растечките загрижености за вклученоста на младите во насилни злосторства ги поттикнуваат повиците за построги правила, тренд што сега е видлив во Шведска на пример - но и во Германија.
Германија: Притисок за заострување на законот
Кривичниот закон во Германија ја поставува границата на одговорност на 14 години. Престапниците на возраст меѓу 14 и 17 години се судат во малолетнички судови, каде што акцентот е ставен на рехабилитација, општествено корисна работа и советување, наместо на затворски казни.
Меѓутоа, наведувајќи го зголемувањето на насилството кај уште помладите луѓе, членовите на конзервативната ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц, како и политичарите од крајната десница, бараат возрасната граница да се намали на 12 години. Статистиката покажува дека бројот на деца осомничени за насилни кривични дела се зголемил за 11,3 проценти во 2024 година, иако нивото е сè уште значително пониско отколку во почетокот на 2000-тите години.
Како и во Шведска, застапниците за правата на децата и правните експерти се спротивставуваат на намалувањето на границата. Некои бараат прво да се спроведе истражување за тоа дали таков потег воопшто би го намалил криминалот кај младите и какво влијание би имал врз децата.
Засега, германската влада покажува мал интерес за промени, држејќи се до пристапот рехабилитација на прво место, кој долго време ја обликува филозофијата на малолетничката правда. Сепак, дебатата повторно се појавува, а одлуката на Шведска да ја намали границата би можела да послужи како инспирација за конзервативните пратеници.
Ирска: Најниска граница во ЕУ
Ирска има најниска возраст за кривична одговорност во ЕУ. Според Законот за деца, повеќето малолетници стануваат кривично одговорни на 12 години, но за сериозни кривични дела како што се убиство, убиство од небрежност или силување, гонењето е можно од 10-годишна возраст.
Оваа политика предизвика критики од групите за човекови права, вклучувајќи ги УНИЦЕФ и Советот на Европа, кои препорачуваат минимална возраст од 14 години. Активистите во Ирска ги повикуваат законодавците да ја зголемат границата, тврдејќи дека сегашниот закон не ги исполнува современите стандарди за заштита на децата.
Ирската влада ја брани постојната рамка, посочувајќи на специјализирани судови за малолетници и програми за пренасочување кои се фокусираат на образование и правда заснована на помирување и обновување на довербата. Сепак, под зголемениот меѓународен притисок, се разгледува ревизија на законодавството.
Зошто Данска го смени курсот
Примерот на Данска покажува дека треба да се биде внимателен. Во 2010 година, централно-десничарската влада ја намали возраста за кривична одговорност од 15 на 14 години, надевајќи се дека ќе го ограничи малолетничкиот криминал. Две години подоцна, новата влада ја поништи одлуката. Студиите покажаа дека нема намалување на кривичните дела кај 14-годишниците. Исто така, беше пронајдена врска помеѓу раното затворање и зголеменото повторување на кривични дела.
За многумина во Брисел, тоа е потсетник дека реформите на кривичниот закон можат да бидат политички популарни, но ретко даваат трајни резултати.
Прашањето за тоа колку млад може да биде некој за да биде казнет останува политички чувствително низ цела ЕУ. Шведскиот предлог се вклопува во поширокиот тренд на построга реторика за малолетничкиот криминал - но истражувањата, како што е данската студија од 2025 година, сугерираат дека раната криминализација може да ја отежни реинтеграцијата.
Истражувачите во САД, исто така, утврдија дека раното затворање на малолетници негативно влијае на нивниот развој и често има долгорочни последици.
Додека земјите од ЕУ вагаат помеѓу одвраќање и рехабилитација, вистинскиот предизвик можеби не е колку треба да биде ниска возрасната граница, туку како општествата им помагаат на ранливите деца да останат подалеку од светот на криминалот.