1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светиот грал на македонската политика

6 јули 2024

Новата македонска влада брзо сфати дека за религијата на популизмот тешко се наоѓаат олтари. Се откажа од коктелот, во кој главна состојка беше „никогаш Северна“, кој за граѓаните беше главниот напиток.

Маневарски простор за новата македонска влада за исполнување на некои популистички ветувања од кампањата речиси и да немаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема ништо чудно, ниту нелогично, ниту, пак дијаболично, кога политичарите зборуваат едно, даваат неверојатни ветувања за доследност во политиката, за некакви линии (од каква било боја) дека само тие се вистинските претставници на народот и дека само тие знаат како да ги однесат граѓаните во иднината, а потоа многу од тие лесно изговорени, но добро смислени зборови се обидуваат да ги фрлат во мрачни долапи како никогаш да не се случиле. И тие, како и големите подвизи и промислени решенија, се дел од политиката. Во овој контекст популизмот е светиот грал на политиката, па и на македонската.

Подолу ќе зборуваме како религијата за „Брегзит“ ја фрли во конфузија Велика Британија и по референдумот во 2016 за излегување од ЕУ државата ги загуби координатите само поради лесно ветената иднина со која беа измамени гласачите. Во македонскиот случај светиот грал на популистичката политика беше синтагмата дека Македонија ќе биде повторно горда (парафраза на движењето на Доналд Трамп во САД „Да ја направиме Америка повторно голема“ или слоганот на претседателството на Унгарија со ЕУ – „Да ја направиме ЕУ повторно голема“). За изнемоштеното ткиво на Македонецот, по толку многу години чекање на европскиот воз, преспанската измена на името, бесмислените закани од Софија, на моменти изгледаа како провидение ветувањата дека може да се смени Преспанскиот договор, дека Бугарите нема да влезат во Уставот во никаков случај, дека Македонија ќе биде повторно горда само да се смени власта.

Се разбира, таа религија на популизмот се открива многу брзо кога нема олтари за некаква служба. „Преспанскиот договор е реалност“, „Северна е реалност“ ги слушаме рефрените од владините претставници од каде стигнуваат соопштенија со новото уставно име. Дури и премиерот немаше некоја посебна грижа да изјави дека ќе ја даде заклетвата со „Република Северна Македонија“. За да спречи да не ги потроши првите сто-двесте дена да се занимава со некои ветувања од кампањата за кои знаеше дека се неизводливи. И дека кругот околу него е толку стеснет од оние што се гаранти на меѓународниот Преспански договор (да не заборавиме, тој произлезе од две резолуции на Советот за безбедност на ОН, а генералниот секретар, САД и ЕУ имаа целосно координирана активност во неговото склучување, и дека тој беше основниот услов Македонија да стане членка на НАТО). Маневарски простор речиси и да немаше, дури ни да се земе малку здив. 

Со слоганот „Македонија, повторно горда“ двоецот Сиљановска Давкова - Мицкоски извојува убедлива победа на двојните избори Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Осаменоста на претседателката

Откако целата влада ја прифати таа неминовност Христијан Мицкоски полека го создава околу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова она што Французите во политиката го викаат Cordon sanitaire, која остана сама да се снаоѓа во оваа религија на популизмот на „сократовски начин“ и да бара решение за конфузијата која се јавила кај неа откако посредникот Метју Нимиц изјави дека треба да бидеме горди на новото име. „Нимиц ми создаде конфузија со изјавата... мислам дека е неетички“, рече Сиљановска во интервју за Канал 5.

Кога Мицкоски ќе отиде на самитот на НАТО во Вашингтон и за првпат ќе се сретне во официјално својство на премиер со главните актери на светската политика, многу веројатно е дека и да не сака да признае ќе ја разбере ситуацијата во која се наоѓа и тој, и неговата влада, и државата која ја води. Така што, овој санитарен кордон околу Сиљановска може само да се зацврсти, иако нема да се гледа со голо око. Прашање е дали претседателката ќе го види тоа, а Мицкоски го разбра многу добро.

Но, кога пиеш толку долго време од светиот грал на популизмот тешко е да се откажеш од напитокот во него. Во средата амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, испрати остро предупредување околу најавата на новите власти дека правосудната реформа ќе ја прават со распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, велејќи дека во Унијата тоа ќе биде прашање за сериозна загриженост. „Напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин кој би ги нарушил принципите на поделба на властите. На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството“, рече Гир. Слични оценки дадоа и американската амбасадорка Агелер и холандскиот амбасадор Коп.

Мицкоски тоа го сфати како некој отстрана да сака да се меша во неговите ловишта. „Некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата. И да е така, 600.000 граѓани гласаа за оваа коалиција. Очигледно тоа за нив не значи ништо и за политиките на оваа влада. Истовремено тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото, во нивните извештаи велат дека цути криминалот и корупцијата, довербата во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители е на два-три проценти кај граѓаните“, рече Мицкоски. И како да е тоа само негово ловиште рече дека тој е „подготвен цел ден да седнеме, да разговараме, да работиме додека не најдеме решение како да биде подобро, само да не биде како досега“. Се разбира, треба да биде подобро од она што е е сега, но кој може да гарантира дека со неговите планови нема да биде полошо.

Да се вратиме шест месеци наназад. Во јануари годинава Холанѓанецот Коп, во една од своите постојани забелешки за правосудството рече дека посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ целиот политички спектар по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава, како и дека е неприфатливо и несоодветно политичкото влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд.

Македонскиот премиер Христијан Мицковски на групната фотографија со членовите на новата владаФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

За Мицкоски тогаш овие забелешки и оценки на странски амбасадор беа целосно во ред: „Амбасадорот на Холандија го потврди тоа што ние го зборуваме со години наназад, дека не владее правото, дека судството е партизирано и октроирано, се вршат притисоци врз судии, се избираат партиски судии и во Судскиот совет, обвинители се бираат“. Во изјавата од четвртокот Мицкоски ја окарактеризира зебелешката на Гир за можната „сериозна загриженост“ (на ЕУ) како мешање во внатрешните работи на државата.

Британија го затвори кругот со „Брегзит“ исцрпена и песимистичка

Сега за најфасцинатниот европски пример за религијата на популизмот и светиот грал на лажните ветување. На изборите во четвртокот Велика Британија му стави крај на својот сон за „Брегзит“ со масивната победа на лабуристите на Кир Стармер и понижувачкиот пораз на конзервативците на премиерот Риши Сунак. Архитектите на „Брегзит“ ги нема никаде. Пет години по големата изборна победа Борис Џонсон прави милиони од говори и пишување колумни по весниците, неговите врвни аѓутанти се повлекоа од политиката. Пет премиери смени Конзервативната партија од 2016 година за да ја вовлече Британија во конфузија и песимизам. Речиси ништо од оние сјајни популистички ветувања во кампањата за заминување од ЕУ не се оствари. Особено она од автобусот кој ја крстреше Британија дека државата испраќа 350 милиони фунти неделно во ЕУ и дека со излегувањето од Унијата тие пари ќе се пренасочат во јавното сдравство. Џонсон и другарите тврдеа дека со 18 милијарди фунти годишно драматично ќе ја поправат лошата состојба во јавното здравство. При тоа премолчувајќи да кажат дека милијарди фунти се враќаат назад преку субвенции во земјоделството и образованието, на пример.

Ништо од тоа не е случи, дури и главните протагонисти на кампањата по само недела-две изјавија дека тоа ветување било нереално, дека тоа била популистичка мамка за гласачите. Но гласачите поверуваа. А сега се гневни затоа што во јавниот здравствен систем недостигаат 140.000 медицински сестри.

Како што поверуваа дека со излегувањето од ЕУ ќе се намали миграцијата за последниве неколку години да се случува спротивното. Во 2019 имаше 332.000 мигранти, а во 2023 дури 722.000. Не се тоа само луѓето од чамците што доаѓаат преку Ламанш. Тука се многу обични работници за кои британската економија има ужасна потреба. Или студенти на универзитетите кои широко ги отвори вратите за странците за да може да ги финансираат своите програми. И огромниот дел од овие нови луѓе кои доаѓаат на Островот не се од земјите членки на ЕУ.

Британците сега жалат за нивниот популистички револт. Околу 65 отсто од нив велат дека напуштањето на ЕУ било погрешно. Само 15 проценти велат дека придобивките досега ги надминале трошоците. Повеќето ја обвинуваат самата одлука, други ја обвинуваат владата што не ја искористила подобро, а трети велат дека „Брегзит“ имал лоша среќа: стапи на сила непосредно пред пандемијата и војната во Украина, кои ја изместија агендата на владата и ја оштетија економијата.

Во годините од 2016 година, британската економија забави, растејќи во просек за 1,3% наспроти 1,6% за групата богати земји Г-7 во целост. Поставувајќи бариери за трговијата и миграцијата со својот најголем трговски партнер, „Брегзит“ ја забави трговијата и им наштети на деловните инвестиции. Тоа предизвика години на политички превирања додека Британија дебатираше како да се одврзе од ЕУ. И длабоко ја поларизираше земјата, од која половина ја сметаа за единствена шанса да го повратат британскиот суверенитет, а половина од нив сметаа дека мора да ѝ се извини на Европа за скокањето на бродот. Тоа ја остави Британија исцрпена и нејзината самодоверба нарушена.

Откако излезе од ЕУ, Британија мораше да внесе многу администрација што претходно беше управувана на ниво на Унијата, од трговија до регулатива за храна и лекови. Од „Брегзит“, државната служба на Обединетото Кралство се прошири за околу 100.000 луѓе.

Ова се само некои од сегментите за последниците од „Брегзит“ и за религијата на популизмот, за лесните и лажни ветувања. И за митот за наводната гордост и враќањето на суверенитетот. И што е најинтересно, откако „Брегзит“ го затвори својот круг по осум години Британците, наспроти генералното расположение во Европа, го отфрлија популизмот на десницата и се свртеа кон левицата, онаа прогресивната, а не тврдокорната. За да се отрезнат од мамурлакот предизвикан од разочарувањето и да покажат дека ги научиле лекциите од подемот на национализмот и популизмот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми