1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Сексуализираното насилство на Хамас - зошто светот молчи?

АРД
9 декември 2023

По нападите на терористите од Хамас, на светлина излегуваат сѐ повеќе детали за нивните свирепости. Израелската полиција собра илјадници докази - сексуализираното насилство систематски се користело како воено оружје.

Протест во Њујорк пред седиштето на ОН - „Молкот за жените од Израел значи соучесништво“
Протест во Њујорк пред седиштето на ОН - „Молкот за жените од Израел значи соучесништво“Фотографија: Charly Triballeau/AFP/Getty Images

 Не се случува често истражна раководителка на израелската полиција да се бори со солзите. Со треперлив глас командант Шели Харуш на израелските пратеници во парламентот им ги пренесува несфатливите размери на терористичките злосторства од 7 октомври.  Терористите од Хамас  користеле сексуално насилство за да шират страв и трепет. Сѐ повеќе очевидци во полициските записници изнесуваат работи кои ги виделе за време и по нападите.

Станува збор за  хорор, понижувања, сакатења,  свирепости и за тоа дека терористите  не правеле разлика меѓу бебиња,   мали деца,  момчиња, девојчиња, жени, мажи, стари, војници или полицајци.

„Тоа беше масовно уништување на секој кој им се испречи на патот“, вели Херуш. Единицата на Харуш досега има доставено повеќе од 1600 докази во најголемата полициска истрага од овој вид во историјата на Израел. Од нив станува јасно дека терористите систематски користеле сексуализирано насилство како воено оружје. До таков заклучок дојде досегашната истрага.

Хамас убил бројни очевидци

Тукушто објавено полициско видео, за кое АРД не можеше да изврши независна проверка, прикажува испрашување на анонимна преживеана на музичкиот фестивал: „Тие принудија некого да се наведне. Тогаш разбрав дека ја силуваат. Се сеќавам на движењето. Потоа ја предаваа на други.“ Анонимната не знае што се случило потоа со жената. Видеото завршува. Таа не е единствената која била сведок на силувањата на 7 октомври. Постојат и други, со слични извештаи.

Протест во Њујорк пред седиштето на ОН - „Верувајте им на израелските жени“Фотографија: Charly Triballeau/AFP/Getty Images

Сепак, извештаите на очевидци се ретки, зашто најголем дел од жртвите на сексуално злосторство се убиени. Но, постои и друга причина, вели Орит Сулицеано. Таа раководи со Здружението на кризни центри на жртвите на силувања во Израел. „Во Израел знаеме дека поминаа децении додека тие кои доживеале сексуално насилство во Холокаустот, почнаа да зборуваат за него. 60 години владееше молк. Преживеаните нема да зборуваат. Ќе трае долго додека еден ден можеби ќе можат да го направат тоа. Но, тоа се случи и светот мора да верува.“

Бес поради молкот на меѓународните организации

Меѓу израелското население владее голем бес поради тоа што на меѓународните организации како ОН и Здружението на ОН за јакнење на женските права им требаше речиси два месеци за воопшто да го споменат поимот сексуализирано насилство на 7 октомври. На 29 ноември генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш се изјасни за тоа во Њујорк. „Постојат бројни извештаи за сексуализирано насилство за време на нападите, кои треба да се истражат со сета сила и да добијат судска завршница“, рече Гутереш. Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен  го обвини Гутереш  дека не прави доволно за јавна осуда на Хамас и дека не е достоен на функцијата.

Организација на ОН за жени, која се ангажира за правата на жените, на 1 декември ги осуди „бруталните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври. Ние сме алармирани од бројните извештаи на сексуализирано полово типично насилство за време на нападите“. Организацијата на ОН за жени сега бара кривична истрага за сите извештаи за сексуализирано насилство, со укажување дека правата на жртвите се во фокусот. 

Демонстрација во Тел Авив за осободување на заложниците од рацете на ХамасФотографија: Ahmad Gharabli/AFP/Getty Images

Но, почетниот молк, неспоменувањето, доцното признавање на сексуализирано насилство веќе предизвика штети, вели експертката за човекови права Кокав Елкаим-Леви. Таа е соосновач на невладина комисија која собира докази за кривичните дела извршени врз жени и деца на  7 октомври.  Таа вели дека за многу преживеани и нивните блиски тоа што не наидоа на слух е втора траума. Дотолку повеќе што кај многумина постои чувство дека и сопствената израелска влада не се ангажира доволно за ослободување на заложниците, истакнува експертката, која е специјализирана на полето на меѓународни односи и човекови права на Хебрејскиот универзитет Ерусалим.

Роднините на заложниците го критикуваат Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во меѓувреме е жестоко критикуван од многу роднини на жртвите од 7 октомври. Неодамна една жена гласно му се развика на средбата во неговиот кабинет: „Од пред 40 години живеам во граничната област кон Појасот Газа. Повеќепати ветивте дека Хамас ќе доживее смртоносен удар. Тотално потфрливте!“

Нетанјаху во меѓувреме ја обвинува и меѓународната заедница за неуспех. „Исто како и Вие, и јас чув за сексуализирано насилство и силувања со неопислива бруталност. Но, до пред неколку дена не чув ниедна организација за човекови права или женско движење околу тоа. Каде сте Вие? Молчите зашто станува збор за еврејски жени?“, рече Нетанјаху на почетокот на декември.

Се собираат докази

Елкаим-Леви сака да ја продолжи својата работа и да им помогне на полициските служби во натамошно собирање докази и искази. Комисијата за расветлување на злосторствата на Хамас против жени и деца на 7 октомври создава датотека со докази – видеа снимани од терористите и од жртвите. Меѓу нив е и видеото на босонога жена со врзани раце која за коса ја влечкаат од еден џип. Еден терорист пука во воздух и извикува „Алах е голем“. Пантолоните на жената меѓу нозете се полни со крв. Има уште многу други видеа.  

Елкаим-Леви е убедена: „Со потфрлувањето на меѓународната заедница во признавање на сексуализираното свирепо насилство, на цедило се оставени жртвите и илјадници жени во Израел."

Освен тоа, настрада и веродостојноста на меѓународната заедница, молкот го охрабри не само сексуализираното насилство во Израел, туку и во цел свет.

Ослободените заложници за сексуализираното насилство на Хамас

И граѓанските движења како и израелската полиција меѓутоа стојат пред еден проблем: иако постојат искази од медицински лица за прва помош, санитетски работници, погребници и дури и самите терористи, многу форензички докази за силувања се загубени, зашто во првите часови по силувањата соодветни тестови биле речиси немоможни. Драгоцени укажувања сега даваат некои  ослободени заложници.

Силувани или убивани се и мали деца, вели активистката за човекови права Елкаим-Леви. Таа има докази за тврдењето, како терористите вежбале на еврејски да речат „пантолоните долу“ и добивале дозвола од муслимански свештеници да силуваат жени и деца. Терористите имале намера да извршат систематски геноцид, да ги понижат жените и да ги уништат, зашто тие го овозможуваат опстојувањето на израелскиот народ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми