1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Светска економија 2026: Кои предизвици претстојат?

Шринивас Мазумдару
2 јануари 2026

Од трговски тензии и големо задолжување до страв од пукање на меурот во сферата на вештачката интелигенција - глобалната економија се соочува со низа ризици што би можеле да го забават растот во претстојната година.

Брод натоварен со контејнери во пристаниште
ОЕЦД соопшти дека светската економија се покажала отпорна во 2025 година, но останува кревкаФотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Глобалната економија во текот на 2025 година се соочи со многу предизвици, вклучително иескалација на трговските тензии, неуедначен, но умерен раст, како и растечка загриженост зарадивисоката инфлација и нивота на задолжување во многу делови од светот. Се очекува дека голем дел од таквите проблеми ќе си продолжат и во 2026 година. Глобалниот раст умерено ќе забави – со 3,2 проценти во 2025 година на 2,9 проценти во 2026 година, проценува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Од таму наведуваат дека глобалната економија покажала отпорност, но дека и натаму останува кревка.

Царините на Трамп

 Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го шокираше светот во април годинава со воведување нов царински режим, чија цел беше намалување на  големите американски дефицити со преобликување на глобалните трговски текови. Таквите мерки предизвикаа потреси на пазарите, неизвесност меѓу компаниите и прилагодување на синџирите на снабдување.

Кои американски брендови ги бојкотираат Европејците?

00:44

This browser does not support the video element.

Вашингтон во меѓувреме постигна договори со голем број трговски партнери. Сепак, просечната царинска стапка на САД се зголеми од 2,5 проценти, колку што изнесуваше кога Трамп се врати во Белата куќа во јануари, на 17,9 проценти, што според пресметките на Буџетската лабораторија при универзитетот Јеил е највисоко ниво од 1934 година. Се очекува дека Врховниот суд на САД следната година ќе одлучи за тоа дали претседателот може да го заобиколи Конгресот и да воведува царини повикувајќи се на вонредна состојба. Многу набљудувачи очекуваат дека највисокиот суд ќе го потврди ставот на пониските судови, имено дека царините на Трамп се незаконски. Дури и ако судиите ги поништат царините, администрацијата би можела да посегне по други правни средства за повторно да воведе дел од царините. Затоа царините веројатно ќе останат клучно прашање и во 2026та година.

Трговски тензии меѓу САД и Кина

 Алиша Гарсија-Хереро, главен економист за Азија и Пацификот во француската инвестициска банка „Натиксис“ вели дека царините на Трамп посилно ќе ги погодат азиските земји во 2026та година. Таа како причини ги наведува континуираните геополитички тензии, сѐ поголемата фрагментација на трговијата и недостатокот на подлабока регионална интеграција, која што инаку би можела да ги ублажи ефектите од царините. Трговските тензии меѓу САД и Кина, двете најголеми светски економии, веројатно исто така ќе продолжат. Тензиите до некаде се смирија откако Трамп и кинескиот претседател Ши Џинпинг се сретнаа во октомври годинава и договорија 12-месечно примирје во трговската војна. Сепак, примирјето останува кревко, а основните економски и стратешки прашања и натаму се нерешени „Договорот меѓу САД и Кина повеќе личи на прекин на огнот отколку на траен мировен договор кој би ставил крај на трговската војна меѓу двете земји“, оценува за ДВ, Раџив Бисвас, извршен директор на фирмата за анализа на ризици „Азија Пацифик Економикс“. „САД и Кина остануваат заробени во геостратешки натпревар, кој поттикнува ривалство во клучни области како одбранбената технологија и напредните производствени индустрии како вештачката интелигенција, квантна компјутерска технологија и роботика“, додава тој.

Трговското примирје меѓу Трамп и Ши останува кревко, а основните економски и стратешки прашања сè уште се нерешениФотографија: Andrew Caballero-Reynolds/AFP/Getty Images

Бисвас нагласува дека борбата за технолошка доминација меѓу САД и Кина веројатно ќе продолжи и во следната година. Како што наведува, ќе дојде до „сѐ почеста употреба на царини, санкции и други економски мерки во клучните области на технолошкото ривалство, како што се напредната воена опрема, чиповите за вештачка интелигенција, квантната компјутерска технологија и роботиката“.

Кинеската економија - дисбаланс меѓу понуда и побарувачка

И покрај тоа, се очекува дека кинеската економија и следната година ќе остане релативно отпорна, со раст од околу 5 проценти, во согласност со целите кои владата си ги постави неодамна. Меѓутоа, длабоко вкоренетите структурни проблеми остануваат, како „демографското стареење, пад на маргиналната продуктивност на капиталот и вишокот капацитет во многу индустриски сектори, како обработка на челик, бродоградба и хемиска индустрија“, вели Бисвас. Нил Ширинг, главен економист во „Капитал економикс“ наведува во една анализа дека кинескиот модел на раст „и натаму дава предност на понудата во однос на побарувачката, што доведува до хроничен вишок на капацитет и упорно слаба потрошувачка на домаќинствата“. За да се ублажат овие проблеми, кинеските лидери неодамна ветија дека меѓу другото ќе ја зголемат домашната потрошувачка и ќе го стабилизираат огромниот и проблематичен пазар на недвижности. „Носителите на политики ветуваат дека ќе се занимаваат со таквиот проблем, но дисбалансот ќе остане обележје на кинеската економија и во 2026та година“, вели Ширинг.

Инфлација и големо задолжување

Инфлацијата во меѓувреме во многу делови од светот останува зголемена, вклучувајќи ги ги САД и еврозоната, делумно и заради царините. Натамошно зголемување на трговските бариери или нарушувања во синџирите на снабдување би можеле да го забрзаат растот на цените, што централните банки би ги исправило пред дилемата дали да ги зголемат каматните стапки заради ограничување на инфлацијата, или да ги задржат ниски за да го поддржат растот. Растот на каматните стапки би можел да му наштети на привремениот раст и да предизвика нагло зголемување на трошоците за сервисирање на долгот во високо задолжените и финансиски слаби земји.

Која е тајната на ниската инфлација во Швајцарија?

02:30

This browser does not support the video element.

Многу земји од еврозоната, како Франција, се особено ранливи, бидејќи нивните влади имаат тешкотии да ги протнат непопуларните мерки за намалување на потрошувачката за да ги ограничат дефицитите и растечкиот долг. „Фискалните притисоци кои што во повеќе наврати годинава ги раздрмаа инвеститорите, ќе продолжат да ги прогонуваат пазарите и во 2026та година. Сега е широко прифатено дека јавните финансии во неколку големи напредни економии се на неодржлив пат“, пишува Ширинг. Германската економија, најголемата во ЕУ, која сè уште се бори да излезе од долготрајниот застој, би требало следната година да добие поттик преку зголемената државна потрошувачка за одбрана и инфраструктура. Сепак, расположението во деловниот секторемрачен. Водечките економски институти неодамна ги намалија своите прогнози за растот за 2026 година. Институтот Ифо на пример, сега предвидува раст од само 0,8 проценти раст, додека претходната проценка беше 1,3 проценти. Владата на СР Германија сепак и натаму прогнозира раст од 1,3 проценти во 2026 година.

Што ако пукне меурот на вештачката интелигенција?

Се очекува бумот во областа на вештачката интелигенција да продолжи и во следната година. Големите американски технолошки компании веќе издвоија стотина милијарди долари за изградба и проширување на инфраструктурата, како центрите со сервери. Се претпоставува дека таквите инвестиции значително ќе придонесат за растот на бруто домашниот производ во САД, во споредба со другите делови од светот, каде што инвестициите се значително помали.

Како што трката за глобална доминација со вештачката интелигенција се интензивира, повеќето големи јазични модели (ЛЛМ) сè уште не оствариле профитФотографија: Jaque Silva/NurPhoto/picture alliance

Сепак, инвеститорите се сè повеќе нервозни заради високите процени на вредноста на американските технолошки компании, бидејќи сè уште не е јасно дали огромните вложувања во инфраструктурата за вештачка интелигенција на крајот ќе бидат исплатливи. Некои стравуваат дека се формирал меур што би можел да пукне и да предизвика распродажба на пазарите. Алиша Гарсија-Хереро за ДВ вели дека „револуцијата на вештачката интелигенција е структурна“ и дека технолошката трансформација и нејзиното усвојување ќе продолжат и во 2026 година. Таа сепак предупредува дека остар пад на вложување во вештачката интелигенција, доколку пукне меурот, силно би ја погодил американската економија и домаќинствата, што веројатно би ја турнало најголемата економија во светот во рецесија и би го забавил глобалниот раст.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми