1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Дијагноза рак: Помош во психо-онколошко советувалиште

Гудрун Хајзе
4 февруари 2023

Во светот само во 2020. година повеќе од 19 милиони луѓе ја добиле дијагнозата рак. Таа раѓа многу стравови. Двајца заболени од Германија раскажуваат колку им помогнала психо-онкологијата.

Тридимензионална снимка на клетка на рак во човечко тело
Тридимензионална снимка на клетка на рак во човечко телоФотографија: Spectral/Westend61/IMAGO

„Најлошото за мене всушност не беше самата дијагноза, туку што неодамна дознав дека лекарите пронашле уште туморни клетки во моето тело“, раскажува Курт Шредер (името е променето, н.з.). „Кај рак на панкреасот, тоа не е ни малку добра вест. Со операција ракот е отстранет, но останале уште некои клетки. Би ми било подраго да не беше така. Но, јас сум безграничен оптимист“.

Шредер има 61 година, секогаш бил здрав, страсно се занимава со своите хоби активности, природни науки и фотографија. Во август 2022. ја добил дијагнозата рак, во октомври била првата операција. Бил отстранет дел од панкреасот и од дебелото црево, следела хемотерапија со соодветни нус појави како мачнина, повраќање и промена на чувството за вкус.

„Лебот ми имаше вкус на хартија, бананите беа преслатки, не можев да ги јадам“, вели Шредер. Уште веднаш се обратил до Гудрун Брунс, раководителка на Советувалишттео за рак во Минстер.

Советувалиштето за рак нуди повеќе од прва помош

Гудрун Брунс има долгогодишно искуство во областа на психо-онкологијата, научна дисциплина развиена во 1970-те години. „Психо-онкологијата се занимава со психичките и социјални промени настанати со заболување од рак. Постои и взаемно дејство меѓу телесниот и психичкиот систем“, вели Брунс.

Студии покажуваат дека 25 до 30 проценти од сите луѓе со добиена дијагноза рак, во текот на болеста развиваат психички пореметувања или имаат психосоцијални последици.

Соработниците во советувалиштето индивидуално им приоѓаат на проблемите и стравовите на пациентите, придружувајќи ги на тешкиот пат на враќање во секојдневието. Тие пружаат и практична помош, информираат за следните можни чекори, во Германија тоа на пример е и поднесување барање за инвалидитет. Многумина воопшто не знаат дека тоа им следува.

„Госпоѓа Брунс познава огромно мноштво луѓе и институции, има врски кои човек самиот ги нема. Секако, тоа веднаш е огромна психолошка помош, кога знаеш дека можеш да се обратиш на различни места и да добиеш поддршка“, вели Шредер.

Тумор на панкреасот, една од најчестите форми Фотографија: Imago/Science Photo Library

Психо-онкологијата треба да добие поголемо признание

На емоционалниот и психолошкиот аспект на заболувањето од рак да му се посвети поголемо внимание, да се интегрира во терапијата на рак и ширум светот да се подобрат условите, се дел од целите на ИПОС, Интернационалното психо-онколошко друштво. 

Организацијата со седиште во Торонто и Њујорк е основана во 1984 година, таа се залага за инкорпорирање на психо-онкологијата во терапијата на ракот, во што треба да придонесат меѓународни партерства и различни интересни здруженија, како и науката. Зашто, само во 2020. година во светот 19 милиони луѓе заболеле од рак, а Интернационалната агенција за истражување на рак, ИАРК, смета дека бројката од 9,96 милиони починати од 2020. година во светот ќе расте и до 2040. година речиси ќе се удвои, на 16,3 милиони. Стравовите од рак се слични, сеедно дали кај луѓето во Африка, Азија или Европа и без разлика за каков вид рак станува збор.

Потребна им е помош и на роднините

Дијагноза рак го превртува животот на глава, не само на пациентот, туку и на блиските. Студии покажуваат дека и тие се изложени на силни психички оптоварувања.

Спортот помага за да се победи ракот

01:35

This browser does not support the video element.

„Роднините често имаат чувство дека мора максимално да го поддржуваат заболениот, па и сопствениот живот го запоставуваат. Ако некој се посвети на сопствените желби и потреби, соочен е со грижа на совест, па дури и да е во прашање одење во кино или слободни активности“, објаснува Брунс.

Иако, ваквиот однос никому не помага. „Апсолутно нужно е блиските да најдат сопствен пат за акумулирање на сопствената енергија“.

Преголемиот и самопожртвуван ангажман често може да стане контрапродуктивен, знае и Шредер. Неговата партнерка, Симоне Бурман, дијагнозата ја добила уште во 2010. година.

„Тогаш сфатив колку е тоа напорно. Кога сам добив дијагноза рак, ја предупредив мојата партнерка да не доаѓа кај мене во болница секој ден, зашто сметав дека пречесто ме посетува. Дојде момент кога таа стигна до своите крајни граници и доживеа психички слом.“

Кај Бурман бил откриен рак на грлото на матката. „Туморот растеше со голема брзина и три пати бев оперирана. Ми беше отстранета матката и делови од вагината“, раскажува таа. Оттогаш, денес 55-годишната жена нема веќе рак, а нејзиниот болнички третман го доживеала сосем различно од својот партнер. „За мене беше многу важно да добијам посета, поддршка, едноставно да знам дека некој е тука.“

Често помага и групна психичка терапија за заболените од ракФотографија: Colourbox

Ракот е и останува страшило

Целокупниот емоционален спектар се манифестира најчесто кратко по примената дијагноза. Не само стравови, гнев и раздразливост, туку и тага, вели Брунс. „Тага за загуба на здравјето, која на луѓето пред болеста им била непозната“. Зашто, најмногу луѓе пред дијагнозата своето здравје го сметаат за нешто сосем нормално.

Во меѓувреме заболувањата од рак се третираат многу поуспешно, многу видови рак се излечливи. „Но, она што останува се асоцијации на тешка болест и смрт. Секако, многумина стравуваат дека нивната болест не се лекува, дека ќе се врати и ќе води во смрт“, вели Брунс.

Една од најважните задачи на психо-онкологијата е да им вдахне охрабрување на заболените од рак. „Често е во прашање луѓето да не бидат оставени сами и да бидат ислушани“.

А притоа нема строго правило, вели Шредер. „Разговорите се развиваа едноставно од ден во ден. Започнуваа на пример со тоа што госпоѓа Брунс ме прашуваше: ‘Како сте денеска? Што Ве мачи?' А јас почнував да раскажувам.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми