1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Светски ден на храната: Невозможно без житото од Украина

16 октомври 2025

Украина со право ја нарекуваат „житница на светот“, и иако извозот значително опадна, нема земја што би можела да ја надомести храната од Украина.

Камион и комбајн на поле за време на жетва во Украина
Почвата во Украина е многу плодна и дава многу високи приноси во мирнодопско времеФотографија: Photoshot/picture alliance

Плодното земјиште, огромните обработливи површини и историјата на снабдување на империите и светските пазари, придонесоа за угледот на Украина како „житница на светот“. Со 41,3 милиони хектари обработливо земјиште, од кои две третини се покриени со црница, најплодната почва во светот, Украина остварува високи приноси со релативно мала потрошувачка на ѓубрива, наводнување, работна сила или голема механизација. Житото од Украина ги хранело Австроунгарија, Руското царство, Третиот германски рајх и Советскиот сојуз. По стекнувањето независност во 1991 година, Украина стана важен извозник на храна, особено на Блискиот Исток, Северна Африка и Азија. На иницијатива на ООН, Светскиот ден на храната се одбележува на 16 октомври, а придонесот на Украина е пресуден. На пример, Светската програма за храна во 2023 година 80 проценти од своето жито го набави од Украина, за да нахрани околу 150 милиони загрозени луѓе.

Слаба жетва, високи цени

Според Наталија Шпиготска, аналитичарка во „Драгон Капитал“, инвестициска фирма со седиште во Киев, пред инвазијата околу осум проценти од глобалниот извоз на пченица, 13 проценти од пченката и 12 проценти од јачменот потекнувале од Украина.

Низ целиот свет, како на оваа фотографија во Етиопија, гладните луѓе зависат од пченица од УкраинаФотографија: Ben Curtis/AP Photo/picture alliance

Рускиот напад врз Украина на 24 февруари 2022 година, првично имаше разорни последици не само за домашната економија, туку и за глобалната безбедност во снабдување со храна. Руските сили заземаа голема површина обработливо земјиште, додека поморската блокада, ракетните напади и минираните води речиси целосно ги запреа испораките преку најважната извозна рута на Украина, Црното Море. Извозот во првото тромесечје од 2022 година се намали за повеќе од 90 проценти во споредба со претходната година, што доведе до глобален пораст на цените на храната и влошување на кризата со глад во земјите кои зависат од увоз. Инвазијата доведе до пад на производството на жито за речиси една третина во сезоната 2022/23, при што 22 проценти од обработливото земјиште остана необработено заради руската окупација, мините и недостигот на работна сила. Сепак, извозот брзо се опорави, покажуваат податоците од Министерството за земјоделство на САД.

Храната како оружје

Кремљ е обвинет дека производството на храна го претворил во средство за војната. Во текот на првите две години од војната, повеќе од 300 земјоделски објекти беа оштетени во руските напади, а повеќе од 500 илјади тони жито беа украдени само во текот на 2022 година. Дури во август истата година на украинските вооружени сили им успеа значително да ја потиснат руската Црноморска флота со помош на поморски дронови и западни противбродски ракети. Потопувањето на рускиот воен брод „Москва“ во април беше клучен удар за Русија. Една година подоцна, светските цени на житото се речиси стабилизирани на нивото пред војната. Иницијативата на ОН и Турција од јули 2022 година, за извоз на жито преку Црното Море, отвори три украински пристаништа и овозможи извоз на 33 милиони тони жито до јули следната година. Таканаречените. „патишта на солидарноста“ на ЕУ, кои користеа железнички шини, речни и патни правци низ Полска, Романија и Бугарија, овозможија и покрај руската блокада, речиси половина од извозот на жито од Украина да стигне до Европа.

Танкер со украинско жито во близина на Одеса, август 2022 годинаФотографија: Nina Lyashonok/AP/dpa/picture alliance

Овие заеднички напори доведоа до тоа извозот на Украина во сезоната 2023/24 повторно да достигне околу 64 милиони тони, односно 75 проценти во однос на времето пред војната, и помогнаа да се стабилизира глобалната безбедност во снабдување со храна.

Сè уште нема стабилност

Повеќе од три години по руската инвазија, министерството за земјоделска политика и храна на Украина (МАПФ) прогнозираше дека од јули 2024 до јуни 2025 година повеќе од 60 милиони тони жито и маслодајни растенија ќе бидат извезени, вклучително и 15 милиони тони пченица, 25 милиони тони пченка и 2,5 милиони тони јачмен. Во септември 2025 година, Украина повторно забележа пад на извозот на земјоделски производи за 38 проценти во споредба со истиот месец претходната година, што делумно им се припишува на засилените руски напади врз пристаништата на Црното Море. Прогнозите за целата сезона 2025/26 исто така не се оптимистички. Се очекува жетвата на жито во Украина заради постојаните прекини од војната, да се намали за десет проценти на околу 51 милион тони.

Земјоделството е опасно по живот

Работата на полињата и натаму е исклучително опасна. „Волстрит џурнал“ минатиот месец повикувајќи се на податоци од украинската влада, известуваше дека од почетокот на војната до сегаво регионот Харсон повеќе од десетина земјоделци се убиени, а повеќе од 40 повредени.

Украина: Нагазни мини по нивите, блокиран извоз на жито од земјата

02:24

This browser does not support the video element.

Меѓу нив е и земјоделецот Олександар Гордиенко, кој во јули изјави дека со помош на уред за лоцирање и следење на руски дронови што го набавил самиот, соборил повеќе од 80 од нив. Минатиот месец Гордиенко загина во руски напад со беспилотно летало врз неговото возило, наведува весникот. „Украинските земјоделци на линијата на фронтот се соочуваат со мини, уништени системи за наводнување и чести напади со дронови и ракети“, вели Шпиготска за ДВ и додава дека „и покрај тоа, тие  обезбедуваат сигурност во снабдувањето со храна во земјата и ги снабдуваат светските пазари со жито, масла и протеини.“ Иако Украина сè уште се смета за житница на светот, само глобалната поддршка во изработка на одржлив мировен договор и поттикнување на трговијата може да ги обезбеди нејзините жетви и да нахрани милиони луѓе низ целиот свет.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми