1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога зборовите не излегуваат од устата

БГ /АРД
22 октомври 2024

Пелтечењето долго време се сметаше за психичко заболување. Денес е јасно дека зад тоа стојат невролошки причини. Не постои лек за пелтечење - но терапијата може да ви помогне да зборувате потечно.

Stottern Symbolbilder
Фотографија: Jens Kalaene/dpa/picture alliance

За повеќето луѓе посетата на кафуле не е ништо посебно. Меѓутоа, 18-годишната Селина Цинар мора внимателно да се концентрира за да нарача торта бидејќи пелтечи. Зборовите кои сака да ги каже, често, едноставно не излегуваат од нејзината уста. Истиот проблем како неа го имаат уште околу 800.000 луѓе во Германија.

Типични знаци на нарушување во зборувањето е брзото повторување на звуци, слогови или зборови. Засегнатите често ги продолжуваат поединечните звуци, користат дополнителни зборови и доживуваат тивки или звучни говорни блокади. Покрај тоа, пелтечењето може да има и несакани физички ефекти кои се развиваат со текот на годините, како што се напнатост во мускулите на лицето, одредени движења на телото (на пример движење на рацете, вкрстување на очите) или промени во протокот на здивот.

Пелтечењето на Селина Цинар се појавило ненадејно кога имала пет години. Ова е типично за оригиналното неврогено не-синдромско пелтечење, вели неврологот Мартин Зомер. „Класичното пелтечење се јавува на возраст од три до шест години. За среќа, повеќето од засегнатите, околу 80 проценти, доживуваат спонтано закрепнување“, вели докторот и научник. Останатите 20 проценти од засегнатите пелтечат до крајот на животот. 

Неврологот Мартин Зомер: „Класичното пелтечење се јавува на возраст од три до шест години“Фотографија: bvss

Невролошко пореметување

Благодарение на многуте нови научни сознанија, неврологот Зомер ги отфрла раширените предрасуди дека психолошките проблеми се причина за пелтечење: „Пелтечењето е говорно моторно нарушување и толку. Можеби има малку повеќе болести на анксиозност отколку кај луѓето кои не пелтечат, но освен говорно моторно нарушување нема ништо друго“. Покрај класичното пелтечење, постојат ретки специјални форми, предизвикани, на пример, од мозочен удар или ментална попреченост како што е Трисомија 21. 

Што точно го предизвикува пелтечењето, до денес е нејасно. Она што е сигурно, сепак, е дека може да биде наследно и да влијае повеќе на момчиња отколку на девојчиња.

Неврологот Зомер со години ги истражува причините за пелтечењето. Користејќи снимки со магнетна резонанца, тој и неговиот тим успеаја за прв пат да ги сликаат внатрешните говорни органи при пелтечење. На нив може да се види како говорните мускули се напнати и движењата се повторуваат. Сликите од магнетот покажуваат и дека има забележливи разлики во одредени области на мозокот. И едното и другото укажуваат на невролошко нарушување. 

Научниците се обидуваат да ги истражат причините за пелтечењето преку снимки со магнетна резонанцаФотографија: Sherbrooke Connecti/ Cultura/Image Source/picture alliance

Што помага при пелтечење 

Не постои лек за пелтечење. Сепак, говорната терапија може да им помогне на засегнатите да зборуваат што е можно повеќе без пелтечење во секојдневниот живот. Откако и се појави проблемот, Селина Цинар оди на логопедски третман. На неделните состаноци, таа научи да зборува потечно користејќи различни техники. „Кога бев дете, повеќе работевме со игри, како меморија или картички. Сега зборуваме повеќе за проблемот или за техниката“, ги опишува таа тераписките сесии.

Двата најчесто користени тераписки методи вклучуваат Обликување на флуентност (Fluency Shaping) и Модификација на пелтечењето. Целта на првиот метод е да се развие нов начин на зборување кој целосно го избегнува пелтечењето. За да се постигне ова, сите почетоци на зборовите се изговараат тивко и свесно издолжено. Вториот метод-модификацијата, го зема пристапот на прифаќање на начинот на пелтечење при зборување и учење да се интервенира во фазите на пелтечење што се појавуваат.

Логопедите велат дека е важно со терапијата да се почне што порано. Децата далеку полесно го учат техниките на говор и дишење од возрасните. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми