1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светски ден на водата: Дали спасот е во морињата?

Стјуарт Браун
22 март 2023

Сѐ посилните суши и недостиг од вода за пиење ги упатува научниците вода да побараат на очигледно место – во морињата и океаните. За отсолувањето долго се сметаше дека е скапа и штетна метода, но техниката напредува.

море, морска вода
Солената морска вода да се претвори во вода за пиењеФотографија: Nico Smit/Zoonar/picture alliance

 „Нема тука што многу да се размислува“, ни вели Фритхјоф Ц. Купер, кој на Универзитетот во Абердин се занимава со проучување на морскиот биодиверзитет. „За земји како Кипар нема друга опција ако сакаат да го одржат животниот стандард.“

Купер говори за начинот како да се стигне до вода за пиење. Таа отсекогаш била нерамномерно распоредена, а во време на зголемени суши, станува вистинско богатство.

Кипар, остров во Средоземно Море, бил принуден да се сврти кон отсолување (десалинација) на морска вода со која е опкружен. Денес островјаните по овој пат добиваат четири петтиниод питката вода.

Проблемот не ги погодува само островите, туку и сушните предели на Африка и на Блиски Исток. Стручњаците веруваат дека отсолувањето на водата ќе игра сѐ поголема улога, иако е во прашање комплицирана постапка која долго беше избегнувана како штетна за околината.

Иако 70 проценти од планетата се прекриени со вода, само еден процент од водата може да се пие. Други методи, како добивање вода од глечери, се уште потешки.

Затоа нова надеж се гледа токму во десалинацијата, која на различни начини се практикува веќе со векови.

Комплекс за отсолување на морска вода во Дубаи, Обединети Арапски ЕмиратиФотографија: DW/Y. Grigoryants

Блискиот Исток и Африка се упатени на отсолување на водата

Во светот постојат околу 20.000 постројки за отсолување, воглавно со методата на спротивна осмоза. Солената вода под одреден притисок се истиснува низ мембрана која треба да ја запре солта и да ја пропушти чистата вода, што троши многу енергија.

Десет од ваквите најголеми постројки се во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Израе, сите богати земји кои имаат недостиг од свежа вода. 

Како што истакнува Манзур Квадир, заменик директор на Институтот за вода, животна средина и здравје на Универзитетот на ОН, околу 47 проценти од отсолената вода се добиваат токму на Блиски Исток и во северна Африка.

Земјите од тој регион, вели Квадир, немаат избор. Таму дождовница и други извори на свежа вода нема ни за петстотини кубици годишно по глава на жител, а тоа е двојно помалку од количината која ОН ја сметаат за сигурно обезбедување. Сахарска Африка до 2050 година ќе стане „жариште на недостигот на вода“, додава тој. 

„Отсолувањето е исклучителна опција за обезбедување ресурси со вода“, вели Квадир, посебно зашто техниката толку напредна, што цената на водата добиена на овој начин доста падна. На почетокот на векот еден кубик отсолена вода чинел пет евра, сега само една десеттина од тоа.

Кипар, на пример, навремено градеше постројки за отсолување на вода. Колку и да чини таа, вели професорот Купер, тоа би било десет пати посевтино отколку донесување на вода за пиење од Грција.

Постројка за отсолување на морска вода во ИзраелФотографија: JIM HOLLANDER/Epa/picture-alliance

Бесплатна вода, бесплатна струја

Сепак, соговорниците на Дојче веле предупредуваат дека отсолувањето има своја цена. Постројките кои работат со обратна осмоза  трошат премногу енергија.

Студија на која работел Купер покажува дека четири кипарски постројки трошеле пет проценти од струјата во земјата и предизикале два проценти од емисиите на штетни гасови. Освен тоа, милионите кубици солена токсична смеса, која е испуштана назад во морето, ги уништиле околните екосистеми на морски треви.

Во студијата во која Квадир работел во 2019 година, покажано е дека талозите на сол извадени од водата, тонат и ги загрозуваат микроорганизмите клучни за прехранбениот синџир.

Добивање вода од воздухот

01:07

This browser does not support the video element.

Дел од решението е во обновливи извори на енергија. Кипар на пример, 30 % од својата енергија ја добива од обновливи извори, главно од сонце.

Берлинската фирма Бореал Лајт разви постројки за отсолување кои воопшто не се приклучени на енергетската мрежа, туку функционираат независно, користејќи сопствени соларни панели и ветерници.

„Водата од морето ја добиваме бесплатно, струјата од сонцето и ветрот ги добиваме бесплатно, така што можеме да произведеме илјада литри свежа вода за педесет центи“, вели Али Ал-Хаким, шеф на фирмата Бореал Лајт. Тој за Дојче веле додава дека таа цена денес е слична со онаа на водата добиена од реки или бунари.

Што со талогот?

Според Фритхјоф Купер, подобро решение за талогот од солта би било ако тој се задржи на копно. Во тие талози можат да се најдат и вредни материјали како магнезиум, калциум, стронциум, литиум или ураниум.

Користењето на тие материјали е важно, вели Манзур Квадир, посебно „во земјите кои произведуваат големи количества талог со релативно ниска ефикасност, како Саудиска Арабија, Емиратите, Кувајт и Катар.“

Во тој процес, додава тој, најдалеку напредуваа САД, каде се добиваат 12 проценти од сите светски залихи на отсолена вода, а така се произведува само 3,9 проценти солен токсичен талог.

„Отсолувањето е очигледно пат по кој треба да се оди“, истакнува Купер: „Наша работа е да го направиме одржлив.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми