СП 2022: Поддршка за Хрватска поради Доминик Ливаковиќ
Марк Медоус
13 декември 2022
Германија одамна испадна од СП во Катар, па Бундеслига-фановите може слободно да навиваат за Хрватска, во чиј тим има многу играчи од Бундеслигата. И голманот Доминик Ливаковиќ би можел наскоро да стане дел од нив.
Реклама
Доминик Ливаковиќ во клучни моменти го одврати Нејмар и потоа го одбрани пеналот од Родриго во продолженијата и ѝ помогна на Хрватска да се пласира во полуфиналето на светското фудбалско првенство. Тоа е неверојатно достигнување за нација од само 3,9 милиони жители. И, успехот делумно се случи благодарение на Бундеслигата.
Хрватска има пет играчи кои играат во Бундеслигата - високо рангираниот одбранбен играч од РБ Лајпциг, Јошко Гвардиол, Борна Соса од Штутгарт, Кристијан Јакиќ од Ајнтрахт Франкфурт, напаѓачот Андреј Крамариќ од Хофенхајм и Јосип Станишиќ, кој во Бајерн Минхен игра на позицијата десен бек, а и роден е во главниот град на Баварија.
Со оглед на покажаниот успех на Ливаковиќ, кој одбрани и три пенали против Јапонија во претходната рунда, клубовите од Бундеслигата веројатно ќе се потрудат да го придобијат 27-годишниот голман на Динамо Загреб.
„Ние сме борци, ние играме со цело срце и се фокусираме секогаш на конкретната игра, па потоа гледаме каде ќе нѐ одведе патот“, изјави Ливаковиќ за новинарите откако го поразија петкратниот светски првак Бразил.
Тој зборовите ги претвора во дела. Ако Манчестер Јунајтед го „мерка” Јан Зомер, како што се наведува во некои извештаи, тогаш Борусија Дортмунд сигурно е меѓу клубовите од Бундеслигата кои се заинтересирани за Ливаковиќ.
Голема хрватска заедница во Германија
Патот од Хрватска во Германија е вообичаен за многу фудбалери, како Ивица Олиќ и Марио Манџучиќ од Бајерн, кои имаат и титула прваци во Бундеслигата. Во земјата има голема хрватска заедница по гастарбајтерскиот бран во 1960-тите. Втор бран следеше по војната во Југославија во 1990-тите. Па така, во Германија живеат околу 500 илјади Хрвати. Тие ја сочинуваат шестата најбројна заедница на странци.
Анте Муриќ, роден во Франкфурт, беше на стадионот да ги поддржи своите сакани сонародници со мала група фанови. Во поголемиот дел од играта беа надвикувани од многу побројните навивачи на Бразил, од кои многумина беа мигранти работници во Катар од Индија. Но, Хрватите почнаа да пејат кога Бруно Петковиќ го израмни погодокот од Нејмар во продолжението, во 117-тата минута.
„Живеам во Германија, но навистина целосно сум Хрват. Црвено-белото го носам во моето срце. Ние сме горд народ и тоа го гледате во фудбалот“, вели тој.
Поранешниот селектор и играч Нико Ковач всушност е роден во Берлин, додека Иван Класниќ - кој со Вердер Бремен во 2004 ја освои титулата во Бундеслигата - потекнува од Хамбург. Дејан Ловрен, кој е дел од репрезентацијата на Мундијалот, бил бегалец во Германија. Хрватската амбасада во Германија падна во екстаза по победата над Бразил.
„Хрватска во полуфинале, браво! Цела земја се гордее со вас!", твитнаа тие на својот профил.
Неверојатно достигнување во продолженијата
Хрватските фанови имаат многу причини да бидат горди на својот тим во изминатите 25 години, по распадот на поранешна Југославија. Полуфиналето во 1998 година ги изненади фудбалските фанови, посебно затоа што се случи толку кратко по војната.
Во Русија, пред 4 години, со Лука Модриќ на чело, кој ја доби и златната топка за таа година, настапот на Хрватска исто така беше завиден, а сега тие повторно се меѓу најдобрите четири селекции на планетата, со 37-годишниот Модриќ, кој сѐ уште е во добра форма.
Неверојатно е и нивното достигнување во продолженијата и на шутирањето пенали. Петпати беа во продолженија и петпати победија, од кои четирипати на пенали. Единствениот меч во нокаут фазата во 2018 година, во кој беа поразени, е всушност финалето против Франција, кога изгубија 4:2.
Што ќе се случи со стадионите во Катар по Мундијалот?
02:00
Селекторот Златко Далиќ заслужува пофалби за креирањето на нивниот успех, со солидна одбрана, добра контрола на средината и постигнување гол во текот на играта кога и да им е тоа потребно.
„Пресреќен сум што ние со само 3,5 милиони жители влегуваме во полуфиналето вторпат по ред. сега на сите ќе им кажам да велат ‘Не сме нормални’“, рече Далиќ пред да го поздрави голманот кој го реши натпреварот во корист на Хрватска. „Тој ја направи разликата во клучните моменти. Тој беше тука да нѐ спаси”, рече селекторот.
Сега им преостануваат уште два крупни чекори за да дојдат до пехарот наспроти сите очекувања. Многумина во Бундеслигата ќе навиваат токму за нив!
Историја на Мундијалите: Од „чудото во Берн“ до „божјата рака“
Од германското „Чудо од Берн“, преку „Божјата рака“ на Марадона, до Зидановиот „Удар со глава 2006“. Историјата на светските фудбалски првенства е полна со незаборавни моменти. Вака ги гледа карикатуристот Херман Аксел.
Фотографија: Aczel / Edel Books
„Монтевидео, бог те видео!“
Првото Светско фудбалско првенство е одржано во Уругвај во 1930. Повеќето учесници беа од северна, централна и јужна Америка, а од Европа стигнаа само четири екипи, меѓу кои и југословенската. Во финалето домаќинот го победи вечниот ривал - Аргентина. Резултатот 4:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Чудото во Берн
Првото СП по Втората светска војна беше одржано во 1954 година, во Швајцарија. Најсилна екипа беше репрезентацијата на Унгарија. Во првото коло „унгарската лесна коњица“ ја совлада Германија со 8:3. Но, Германците им се оддолжија во финалето (3:2) и првпат станаа светски прваци. Фриц Валтер (лево) и легендарниот тренер Сеп Хербергер на рамената на навивачите.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Само еднаш
Англија - „мајката на фудбалот“ - само еднаш во историјата на светските фудбалски првенства беше првак и тоа на домашен терен во 1966 година. Во финалето ја совлада Германија со резултат 4:2. И денес е спорен голот кој Англија го постигна во 101. минута. Боби Мур (на сликата со пехар в раце) и неговите соиграчи на Англија ѝ ја донесоа првата и засега единствена титула првак на светот.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бразилска самба
Бразил во 1970 година по третпат стана светски првак. Кралот на фудбалот - Пеле (на сликата) и неговите соиграчи беа магионичари на теренот во Мексико. Во финалето ја совладаа Италија со резултат 4:1. На шест натпревари на СП, Пеле постигна 19 голови. Првпат таа година сите натпревари се пренесувани на телевизија во боја.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бомбардер на нацијата
На СП кое во 1974 година првпат е одржано во Германија, имаше неколку премиери: „Кајзер Франц“ Бекенбауер против „кралот на тоталниот фудбал“ Кројф, Запад против Исток, нов пехар. Во финалето домаќинот играше против Кројфовата Холандија и Германија славеше со резултат 2:1. Победничкиот гол го постигна „бомбардерот на нацијата“ Герд Милер (во средина).
Фотографија: Aczel/Edel Books
Божја рака
Светското првенство во 1986. во Мексико ќе остане запаметено како шоу на аргентинската фудбалска ѕвезда Диего Марадона. Благодарение на неговата генијалност и лукавство, Аргентина по вторпат стана првак на светот. Самиот Марадона постигна убав, но спорен гол. На средбата против Англија, со помош на раката ја уфрли топката во голот. Марадона подоцна изјави дека тоа била „Божја рака“.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Плукање
Во 1990. Германија во Италија ја прослави третата титула светски првак. „Панцерите“ (во превод - тенкови) во финалето ја победија Аргентина со 1:0. Првенството ќе остане запаметено по неспортското однесување на Холанѓанецот Франк Рајнкард (десно) кој го плукна Руди фелер во осминафиналето. Двајцата беа исклучени од игра. Германија победи со 2:1 и се реваншираше за поразот на ЕП од 1988 година.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Зидановиот удар со глава
Во 2006 година повторно славеше Германија, која по изведувањето пенали како домаќин во финалето ја совлада Франција. Неславен момент на првенството беше кога капитенот на француската репрезентација Зидан со глава го удри Италијанецот Матераци. Исклучен е од натпреварот и тоа означи крај на неговата успешна фудбалска кариера.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Конечно титула
На СП во Јужноафриканската Република доминираше Шпанија со својата „тика-така“ игра. Шпанците во финалето ја совладаа Холандија со резултат 1:0. Победничкиот гол го постигна Андреас Ињеста (број 6 на сликата). Германија во борбата за трето место го совлада Уругвај со резултат 3:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Крал на дриблинзите
На СП во 2014 годинина Аргентина ја предводеше Лионел Меси. Неговите мајсторски дриблинзи ја доведоа Аргентина до финалето, каде што ја чекаше Германија, која претходно го совлада домаќинот Бразил со 7:1.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Екипа со четири титули
Финалната средба на СП во 2014 година се одигра пред 75.000 гледачи на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро. Германија ја победи Аргентина со резултат 1:0 и така стана прва европска репрезентација која освоила титула на американскиот континент. На сликата се играчите на германската репрезентација кои настапија во финалето.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Низ светските првенства - со стрип
Издавачката куќа „Едел Букс“ по повод СП во Русија во продажба пушти илустрирана историја на светските фудбалски првенства под наслов „World Cup 1930-2018“. Незаборавните моменти од 84-годишната историја се претставени со многу хумор.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Карикатуристот
Аргентинскиот уметник Херман Аксел (Germán Aczel) својата кариера ја почна во родниот Буенос Аирес, во кој, покрај останатото, работеше и за спортското списание „Ел Графико“. На 26-годишна возраст се досели во Германија и денес живее во Минхен. Во моментов работи за реномираниот англиски фудбалски магазин „FourFourTwo“.