1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

СЗО за хантавирусот: „Ова не е Ковид“

СН/агенции | АРД
8 мај 2026

Избувнувањето на заразата со хантавирусот на крузер предизвика загриженост во многу земји. Сепак, експертите укажуваат дека вирусот е многу помалку заразен отколку, на пример, грипот. „Ова не е Ковид“, соопшти СЗО.

Фотографија од електронски микроскоп на хантавирусот
Хантавирусот не е толку заразен како коронавирусот или вирусите на грип. За пренос е потребен многу поблизок контакт, велат експертите.Фотографија: CDC/Image Point FR/BSIP/IMAGO

Светската здравствена организација (СЗО) не гледа во смртоносното избувнување на зараза со хантавирусот на крузерот Хондиус почеток на нова пандемија. „Ова не е Ковид“, изјави координаторката за итни ситуации Марија Ван Керхове пред новинарите во Женева. „Ова е сосема поинаков вирус.“

И Роман Вёлфел, директор на Институтот за микробиологија на германските вооружени сили, изјави во интервју за германскиот информативен портал tagesschau24 дека хантавирусот не е толку заразен како САРС-КоВ-2 или вирусите на грип. За пренос е потребен многу поблизок контакт.

Поради долгата инкубација од шест недели, СЗО не исклучува појава на дополнителни случаи. Но раководителот на одделот за итно предупредување и одговор при СЗО, Абди Рахман Махамуд, нагласи дека смета оти станува збор за ограничено избувнување – „под услов да се спроведат мерките за заштита на јавното здравје и сите земји да покажат солидарност.“

СЗО: Никој на бродот нема симптоми

Кај пет заразени лица досега е потврден хантавирус. Според СЗО, има и три сомнителни случаи. Починале три лица – постара холандска брачна двојка и една германска жена. 

На крузерот Хондиус починаа три лица како последица на инфекцијата со хантавирус. Заразени се уште неколку лица.Фотографија: Oceanwide Expeditions/AP Photo/picture alliance

Крузерот, кој со денови стоеше закотвен пред Капо Верде со околу 150 лица на бродот, во средата тргна кон Тенерифе и според шпанската влада се очекува во недела да пристигне во пристаништето Гранадилја. Според СЗО, никој од патниците и членовите на екипажот кои сè уште се на бродот не покажува симптоми. Двајца холандски лекари специјализирани за заразни болести, како и двајца епидемиолози, се на лице место; расположението на бродот е добро, соопшти компанијата. „Луѓето се чувствуваат многу поврзани меѓу себе.“

На Тенерифе сите лица на бродот треба да бидат прегледани и тестирани. Доколку не покажуваат симптоми, според организаторот ќе можат да се вратат во своите матични земји. На бродот има и шест Германци. Сè уште не е јасно како ќе се организира нивното враќање дома.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми