1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Tешка мисија во Венецуела

Мира Банхон
8 март 2019

Меѓународната Контакт група, поддржана од ЕУ, ќе се состане на крајот на март заради наоѓање мировно решение околу борбата за власт во Венецуела. Но, шансите за успех се неизвесни.

Politische Krise in Venezuela Massenproteste gegen Maduro
Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Verdugo

Поради експлозивната ситуација во Венецуела, сосема е непредвидливо како ќе се одвива борбата за власт меѓу претседателот Николас Мадуро и опозицискиот лидер и самопрогласен привремен претседател Хуан Гуаидо до крајот на март. Но, дури за тогаш е планиран состанок на меѓународната Контактна група, поддржана од ЕУ, која ќе се обиде да најде мирен излез од кризата.  

Даниел Кринер, германскиот амбасадор во Каракас, неодамна беше прогласен за „персона нон грата“ и мора да ја напушти земјата. Венецуелската влада го обвинува за мешање во внатрешните работи на Венецуела, став кој остава малку надеж во работата на меѓународната Контакт група. Освен Германија, во неа спаѓаат и Уругвај, Костарика, Еквадор, Франција, Шпанија, Италија, Холандија, Португалија, Велика Британија и Шведска.

Иако владата во Каракас е подготвена „да ги задржи респектирачките и кооперативни односи со сите земји од Европа“, како што произлегува од соопштение на Министерството за надворешни работи на Венецуела, нема да дозволи никакви акции на дипломатски претставници кои би значеле вмешување во внатрешните работи. 

Повеќе:

Мадуро против Гуаидо: Борба како онаа на Али и Формен

Какви се шансите за американски воен напад во Венецуела?

Венецуела: Кој ќе издржи во политичкиот покер?

Значи, ни малку поволна премиса за работата на меѓународната Контакт група. Нејзиниот работен налог е јасно формулиран: постигнување нужни предуслови и гаранции за веродостојни избори и овозможување лиферување на хуманитарна помош  согласно со интернационалните норми.

Првата делегација на Контакт групата, формирана на 7. февруари во Монтевидео, отпатува на 20. и 21. февруари во Венецуела и ги водеше првите разговори со претставници на тамошната влада, опозицијата и организации од цивилното општество. Кратко претходно Венецуела меѓутоа не дозволи влез на група европратеници.

При повторното враќање на Хуан Гуаидо од странство во Венецуела на 4. март, без оглед на опасноста да биде уапсен, тој на аеродромот во Каракас беше пречекан не само од своите приврзеници, туку и од амбасадорите на Германија, Франција, Холандија, Португалија, Романија и Шпанија. Но, протеран беше само дипломатскиот претставник на Германија.

Спротивно на позицијата на САД

Заканите на САД со воена интервенција, која ЕУ не ја поддржува, претставуваат посебен предизвик во сегашната тензична ситуација. „Токму во овој момент меѓународната заедница мора да изврши притисок врз венецуелската влада, но различно од т.н. Лима-група на латиноамериканските земји заедно со претерано агресивните САД. Добро е што ЕУ настојува поинаку да се позиционира отколку САД“, вели Павел Церка од европскиот тинк-тенк Европски центар за надворешни работи во разговор за Дојче веле.

Венецуелскиот претседател Николас МадуроФотографија: Reuters/Handout Miraflores Palace

„Успехот на претседателот Николас Мадуро на границата да го блокира внесувањето хуманитарна помош недвосмислено покажува дека во Венецуела нема да биде едноставен демократски премин. Толерирањето на Гуаидо е завршено“, смета Церка. 

Во актуелната ситуација „Гуаидо и Мадуро мора меѓусебно да разговараат“, истакнува Церка. А за овој неопходен дијалог, според аналитичарот, потребна е поддршка од меѓународни актери, кои немаат еднострана поддршка кон Гуаидо и не повикуваат на воена интервенција.

Флексибилност или некохерентност?

Без оглед што 21 од 28 членки на ЕУ го признаа Гуаидо како привремен претседател, ЕУ како целина тоа не го направи, зашто не беше постигната потребната едногласност за таква одлука. Италија и Грција, но и Словачка, Романија, Малта и Кипар, од различни причини, ја ускратија својата согласност.

Германскиот амбасадор во Венецуела, Даниел КринерФотографија: Imago/V. Sharifulin

Венецуелската влада овие суптилни разлики меѓу членките и ЕУ како целина ги означува како некохерентност – да се пропагира дијалог, додека истовремено се признава Гуаидо за привремен претседател.

Аналитичарот Церка меѓутоа смета дека непостоењето европска едногласност не е неповолност, зашто на ЕУ ѝ овозможува да се позиционира поинаку од своите членки.

И покрај сето тоа, позицијата на ЕУ во барањето излез од венецуелската криза не е решавачка. Клучни импулси мора да произлезат од регионот и од самата земја, заклучува експертот од европскиот тинк-тенк: „Меѓународната Контакт група меѓутоа може да го зацврсти легитимитетот на договорен преоден процес“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми