1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот на обвинители го преполови тимот на Јанева

Б. Георгиевски/миа/телма14 октомври 2015

Паралелно со блокадата во Советот на јавни обвинители, поднесена и иницијатива до Уставниот суд за блокирање на изборот на Јанева за специјален обвинител

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Изборот на комплетниот тим на специјалниот обвинител Катица Јанева денеска беше блокиран во Советот на обвинители, а дополнително и самиот Закон со кој беше избрана обвинителката е ставен на оценка пред Уставниот суд.

Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски по седницата обвини дека обвинителството на Јанева е „политичко“, за разлика од државното кое е „независно“.

Советот на јавни обвинители де-факто го блокираше изборот на Јанева, откако на денешната седница, која беше затворена за јавноста, одлучи да одобри само половината од избраниот тим на обвинителката.

Советот на обвинители одлучи да го преполови тимот на Јанева, и наместо бараните 14, одобри само 7 обвинители. Според информациите, тоа се обвинителите Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев, Бурим Рустеми, Елизабета Јосифовска и Фатиме Фетаи.

Претседателот на Советот Петар Аневски по седницата изјави дека одлуката да бидат избрани само седум помошници на Јанева е донесена врз основа на проценката за обемот на работа што ќе ја има Специјалното обвинителство. Советот не ја исклучува можноста да се зголеми тимот на Јанева ако се зголеми обемот на работа. Советот не го одобрил ниту финансискиот план на специјалното обвинителство, туку таа обврска и е пренесена на владата.

Јанева не присуствувала на седницата кога се дискутирало за нејзиниот тим, а за медиумите изјави дека за одлуката дознала од новинарите. Дополнително, Јанева смета дека на овој начин е прекршен договорот од Пржино кој го постигнаа четирите водечки политички партии со меѓународните посредници.

Претставка пред Уставниот суд

Почетокот на работата на Јанева и нејзиниот тим може дополнително да го усложни и иницијативата која денеска била поднесена пред Уставниот суд. Како што јави телевизијата Телма, адвокат од Свети Николе поднел иницијатива за оценка на уставноста на Законот за специјално обвинителство и побарал со привремена мерка да се стопира применувањето на Законот.

И државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, по седницата на Советот изјави дека ќе биде поднесена иницијатива за оценување на уставноста на Законот за Специјално обвинителство. Според него, актот е неуставен и донесен спротивно на законите на државата.

Марко ЗврлевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

ЕУ и САД во заедничка изјава, вчера го повикаа Советот на јавни обвинители до го именува тимот на Јанева.

„Од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да ја изврши својата улога согласно со законот за водење на истраги за прислушуваните комуникации и да го именува тимот на г-ѓа Јанева, за да може нејзиното обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи независно, и без да трпи било каков облик на политички притисок“, беше наведено во изјавата.

Политикологот Горан Јовановски за ДВ оцени дека од одлуката на Советот на обвинители може да зависи и судбината на Договорот од Пржино.

„Ова ќе биде еден вид 'меѓник'. Од исходот на денешната седница, односно oд тоа дали ќе биде спроведен планот на обвинителката, ќе зависи и судбината на целиот Договор. Тоj предвидува пакет решенија кои ефектот ќе го дадат само ако тие се реализирани во целина. Ако еден сегмент не функционира или биде изблокиран, тогаш нема да функционира целиот 'механизам'“, рече Јовановски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми