1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тага и славје - како Иранците реагираат на смртта на Раиси

Шабнам фон Хајн
21 мај 2024

Ненадејната смрт на иранскиот претседател Раиси го подели општеството. Официјално е прогласена петдневна национална жалост, но многу Иранци не се тажни.

Иран хеликоптерска несреќа Ебрахим Раиси
Информациите за хеликоптерската несреќа се на првите страници на весниците во ИранФотографија: ATTA KENARE/AFP/Getty Images

Во Иран започнаа погребните церемонии за жртвите од хеликоптерската несреќа во која за време на викендот загинаа претседателот Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хусеин Амирабдолахиан. Верскиот водач на земјата, ајатолахот Али Хамнеи, нареди петдневна национална жалост.

„Би сакала да седнам во автомобилот со моите пријатели и да возам до Каспиското Море, но денес не е празник“, се жали една млада жена од Техеран во интервју за ДВ. „Морам да работам денес. Само утрешниот ден беше официјално објавен како неработен. Можеби затоа што погребот се одржува во Техеран.“ Таа вели дека во никој случај не би отишла на комеморацијата и додава: „Тој не беше мој претседател, не гласав за него. Одамна не сум гласала, бидејќи не верувам дека мојот глас се брои или менува нешто“.

Претседател без мнозинство

Ебрахим Раиси, претседател на Иран од август 2021 година, победи на претседателските избори со најмал одзив на гласачите во историјата на Иран. Излезноста на гласачите во тоа време изнесуваше 48 проценти. Раиси успеа да освои речиси 62 отсто од гласовите, пред сѐ од конзервативно-религиозните делови од населението. По неговата ненадејна смрт, населението е поделено.

Државните медиуми денеска (21.05) објавија слики од илјадници ужалени луѓе на почетокот на церемонијата на жалост во северозападната метропола Тебриз. Тебриз е главен град на провинцијата Источен Азербејџан, каде што се случи хеликоптерската несреќа во неделата. Видео снимките од иранските новински агенции покажаа толпи луѓе под облачно небо и отворен камион украсен со цвеќиња со неколку ковчези кои полека се движат низ улиците. Луѓето се обидуваа да ги допрат камионот и ковчезите.

Луѓе се обидуваат да го допрат камионот кој го пренесува ковчезите на загинатитеФотографија: Fatemeh Bahrami/Anadolu/picture alliance

На социјалните мрежи владее поинакво расположение. Многу Иранци ја слават смртта на претседателот, особено на платформата X. Може да се најдат слики и видеа од луѓе кои танцуваат, кои се среќни поради смртта на Раиси - на пример, две млади жени кои беа погодени со метални и гумени куршуми од безбедносните сили за време на националните протести со слоганот „Жена, живот, слобода“.

Саид Афкари, брат на иранскиот борач Навид Афкари, кој беше погубен во септември 2020 година, на својот профил пишува: „Никогаш не сум ја видел мајка ми толку среќна во сите овие години“.

Раиси, кој пред неговиот претседателски мандат беше одговорен за бројни егзекуции во Иран како шеф на судството и претходно како заменик обвинител на Револуционерниот суд и член на „Комисијата на смртта“, одигра клучна улога во крвавото задушување на националните протести, последно по смртта на Џина Махса Амини во септември 2022 година.

Речиси нема надеж за правда

„Праведно би било доколку Раиси би одговарал за своите злосторства на правично судење пред меѓународен суд. Но, тоа не би било можно во блиска иднина. Затоа многу Иранци се среќни што тој умрел вака“, вели социологот Мердад Дарвишпур, професор на Универзитетот Малардален во Шведска.

На прашање на ДВ, тој додава: „Неговата смрт, во која по повеќечасовни неуспешни напори за пронаоѓање на исчезнатиот претседател, властите побараа помош од Америка, Европа и Турција и на крајот, благодарение на турски извидувачки дрон, беше пронајдено местото на несреќата и телата, го објаснува ситењето на многу Иранци, особено затоа што Раиси не беше само една од најкриминалните личности во овој режим, туку и еден од најважните можни кандидати за наследник на раководството по смртта на Хамнеи. Неговата смрт предизвика голема радост кај многумина“.

Ковчезите на претседателот Раиси и другите жртви денеска треба да бидат донесени во Ком, кој е верско упориште и град за аџилак, а во главниот град Техеран ќе пристигнат подоцна, најверојатно во текот на вечерните часови. Раиси треба да биде погребан во четврток, во шиитскиот центар на неговиот роден град Машхад, храмот на имамот Реза.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми