1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

Тагата на крајот на летото

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
31 август 2026

И денес го гледам летното германско небо небаре сум детето што се восхитува на скопското летно небо. Пишува Кица Колбе

Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Arnold

Уште ја паметам мојата детска тага која ме обземаше на крајот на секое лето. На последниот ден на месец август веќе тагував по летото. Тоа што септември во тогашно Скопје, а сега и во Скопје и во Келн, напати можеше да биде потопол и од август, не беше утеха за детето. Не можеше да ме развесели ниту сознанието дека на 1 септември ќе започне новата школска година. Напротив, тоа сознание правеше уште повеќе да тагувам по летото кое заминуваше. Тагата ја будеше во детската душа и разделбата од летото и сознанието дека на следното ќе морам да чекам цела година. А децата не разбираат зошто мораат да чекаат на убавите нешта.

Долго бев уверена дека мојата детска тага на крајот на летото беше само поради моето лично, длабоко чувство за него. Летото за мене беше време надвор од времето. Најнапред зашто беше вистински рај за децата. Особено за тие во предградието, во егејското гето во кое пораснав, каде сиот ден го поминувавме надвор, низ ливадите и нивите со жито, во дворовите и градините. Над главите постојано ни прелетуваа толку ниско огромни јата од ластовици, пред да „атерираат“ во шталата со крави на соседот, што секогаш несвесно потклекнував. Во тие мигови мислев дека ние, децата, сме најсреќните луѓе на светот, зашто го имавме рајот на летото. Тоа беше времето во кое деновите не се броеја, бидејќи летото значеше бескрај и слобода. Не моравме да се грижиме за ништо, бидејќи секој ден беше ист. Здодевно ист, ќе речеа возрасните, но за децата времето не течеше, зашто сè беше летна магија. Денот ни припаѓаше само нам, на децата, и на нашата бескрајна слобода во играта.

Магијата на летното небо и бескрајните денови

Летниот рај за мене не беше ограничен ниту со социјалистичките лектири. Најчесто ги имав веќе прочитано сите книги во првите две недели од летниот распуст. По тој благ, магичен, неземски вкус на летото трагам во секое ново лето. Затоа ниту како возрасна не ја надминав тагата на крајот на летото. Верувам дека тоа е затоа што никогаш не го заборавив моето детско чувство за магијата и слободата на летото. И денес го гледам летното германско небо небаре сум детето што се восхитува на скопското летно небо. Лежејќи во ливадата и џарејќи се во облаците, од чие движење ми се мелеше умот и земјата под мене почнуваше да се движи. Тоа е синестезијата на детскиот поглед на нештата, си велам денес, кога се џарам во синото небо, загледана угоре, седејќи во градината или на балконот. Тагата на детето и тагата на возрасната на крајот на летото зависат од сопственото доживување на тоа волшебно годишно време во кое сета природа зрее, шепотејќи ни дека треба да го уживаме вкусот на секој ден, до искап, зашто брзо ќе дојде крајот на летото, а по него есента и зимата.

Серотонинот и врската меѓу летото и среќата

Сепак, науката знае дека тагата на крајот на летото е одамна научно истражен феномен. Причината за тагата била чиста физика и биологија. Тагата, со научно име „End of Summer Sadness“ или „August Blues“, немала ништо тајновито ниту магично, како што мислат децата. Причината за неа била астрономска, а последиците медицински. Кога на крајот на летото денот станува пократок, се намалува и концентрацијата на дневната светлина, а тоа предизвикува промени во хормонскиот статус и во „невидливиот часовник“ во нас. Тоа што не само како дете, туку и денес секое лето го доживувам како магија на летото, како годишно време еднакво на симбол за радоста на животот, било само факт дека во летото има многу повеќе денови со светлина и сонце, а тоа го поттикнувало телото да лачи повеќе од „хормонот на среќата“, серотонинот. Веројатно затоа во лето сите се преобразуваме во деца кои умеат да живеат со сите сетила во мигот. Кога пак летните денови, заитани кон есента, почнуваат да стануваат сè покуси, тогаш се намалува и количината на серотонин во крвта, што е причината за тагата на крајот на летото за која долго мислев дека беше тајната на само моето детско доживување на летото. Напротив, науката докажува дека промените на годишните времиња имаат директно влијание врз нашата психа.

Климатските промени го менуваат лицето на летото

Притоа, во моето детство во Скопје, првите знаци на тагата на крајот на летото ги чувствував кога на небото ќе ја снемаше и последната ластовица. Штрковите за мене не беа толку многу симбол на летото, затоа што нивните големи, тешки крилја и начинот на кој газеа во ливадите зад нашата градина во приградската населба не го изразуваа тоа чувство што ми го даруваше само летот на ластовиците на летното небо. Тие летаа толку лесно, молскавично, како да беа бестежински, како да беа небески знак за леснотијата на животот во летото. Затоа и денес секоја пролет, почнувајќи од крајот на март, се џарам секое утро во синото небо, за да ги здогледам првите ластовици. Ова лето дојдоа многу малку ластовици во келнскиот кварт во кој живееме. Тие порано секогаш полетуваа од високата камбанарија на католичката црква зад аголот. Претпоставувам дека имаа стари гнезда под кровот на камбанаријата, врз старата камена фасада. Минатата година се реновираше фасадата и кровот на камбанаријата. Можеби притоа биле отстранети ластовичките гнезда. Иако, ластовичките гнезда се заштитени со германскиот закон за заштита на природната околина, а тој што ќе ги отстрани мора да постави нови, вештачки гнезда. Можеби затоа оваа година уживав во летот на ластовиците само неколкупати. Сепак, тие се за мене најубавиот симбол за леснотијата на животот во летото. И токму затоа секое лето ми се чини премногу кратко. Тоа чувство го имав деновиве во Келн кога, со прекини, цел ден врнеше студен дожд, кој се чинеше уште постуден и од есенскиот, затоа што уследи по топли денови.

Тоа магично чувство за летото како чудо уште посилно го покажува лудилото на нашето уништување на природната околина. Летото е израз на леснотијата на животот само доколку температурите не стануваат сè попеколни, доколку не горат секое лето шумите и околу големите европски градови, доколку поројните дождови не уништуваат сè пред себе. Тоа се последиците на денешните лета, пеколот на летните пожари. Би требало од тагата на крајот на секој август да сознаеме дека треба да сториме сè, за да ја сочуваме магијата на долгите, спокојни, топли и пријатни лета, полни со леснотија на животот, кои ги паметиме од нашето детство.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми