1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Како дојде до договорот за заложниците помеѓу Израел и Хамас

Тагесшау | ЕМФ
29 ноември 2023

Тоа што веста за продолжение на прекинот на огнот стигна прво од Катар, зборува за зголемената улога на емиратот. Катар со недели е во центарот на преговорите помеѓу Израел и Хамас - со делумно драматични моменти.

Хамс заложник Абигејл Идан
Слика од Абигејл Идан, која беше во рацете на милитантниот Хамас, проектирана на објект во Тел Авив (на сликата е напишано „Се вратив дома“)Фотографија: Ariel Schalit/AP/picture alliance

Кога Тамим бин Хамид ал-Тани, емирот на Катар, го посети Берлин на 12-ти октомври, неговите разговори со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларот Олаф Шолц во јавноста беа проследени со критики. Терористичкиот напад на Хамас врз Израел се беше случил пред само пет дена; Катар беше и се смета за близок сојузник на Хамас - милитантните исламисти имаат канцеларија во емиратот и таму се населени негови моќни лидери. Но, Катар веќе тогаш интензивно работеше на постигнување договор за ослободување на заложниците киднапирани од страна на Хамас - во тоа време и со цел да се спречи копнена офанзива на израелската армија во Појасот Газа. Она што се случуваше во најстрога тајност на почетокот на октомври, во меѓувреме детално го опишаа високи американски владини претставници за повеќе агенции и весници како „Њујорк тајмс“, но под ветување за анонимност. Медиумските извештаи во голема мера се поклопуваат.

Тамим бин Хамид ал-Тани, емирот на Катар (л.), го посети Берлин на 12-ти октомвриФотографија: dpa/picture alliance

Работата на почетокот била тајна

Според нив, Катар веднаш по терористичкиот напад стапил во контакт со САД и им дал информации за заложниците. Катар изразил уверување дека може да се постигне договор за нивно ослободување и побарал од САД да формираат мал тим за директни преговори со Израелците и Хамас. Извештаите не укажуваат точно кога е тоа побарано. Џејк Саливен, советник за национална безбедност на САД, им ја делегирал оваа задача на Брет Мекгурк, координатор на Советот за национална безбедност за Блискиот Исток и Џошуа Гелцер, правен советник во ова тело. Работата била толку тајна што првично не биле вклучени другите безбедносни служби во земјата.

Секојдневни разговори

Тимот започнал интензивна комуникација. Мекгурк секојдневно разговарал со емирот Ал Тани, Саливен со блиски советници на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Претседателот Бајден во неколку наврати лично интервенирал во дискусиите и редовно разговарал по телефон со Ал Тани. Уште на 12 октомври, денот на посетата на Ал Тани на Германија, имало првичен предлог за размена, пишува новинската агенција АП. Сепак, тоа било многу далекусежно и предвидувало ослободување на сите израелски заложници во замена за ослободување на сите Палестинки од израелските затвори.

Брет Мекгурк секојдневно разговарал со емирот на КатарФотографија: picture-alliance/AA/S. Corum

Израел го отфрлил ова, но тоа било почеток. Бајден ги засилил своите напори по разговорите со роднините на заложниците на 13-ти октомври, се вели во извештаите - нивните извештаи биле меѓу највознемирувачките искуства во текот на неговиот досегашен мандат, известуваат соработници на „Њујорк Тајмс“. На 18 октомври, Бајден одлета во Израел на разговори со Нетанјаху за да разговара за хуманитарната помош за Појасот Газа - и начините за овозможување на ослободување на заложниците. Првиот тест за цврстината на договореното и обврските беше ослободувањето на две Американки на 20 октомври. Во преговорите за договорот беше вклучен и Египет. Три дена подоцна, Хамас ослободи двајца израелски заложници, а САД ова го сметаа како доказ дека со посредство на Катар може да се постигне остварлив договор со Хамас за ослободување на голем број од киднапираните.

На 18 октомври, Бајден одлета во Израел на разговори со Нетанјаху Фотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

Продолжување и покрај копнената офанзива

Во тие денови се зголеми и фреквенцијата на телефонски разговори меѓу Бајден и Нетанјаху. Сега беа вклучени и шефот на ЦИА, Вилијам Ј. Барнс и шефот на Мосад, Давид Барнеа. Во тој момент, Хамас се обидуваше да спречи копнена инвазија од страна на израелската армија со тоа што даваше изгледи за поголем договор за заложници во замена за откажување од офанзива. Меѓутоа, израелската влада имаше сериозни сомневања за понудата на Хамас и ја започна операцијата кон крајот на октомври. Преговорите меѓу САД, Израел, Катар и Египет продолжија без оглед на тоа.

Тешка комуникација

Во следните недели, постојано се разменуваа нови предлози и барања. Тоа беше долготраен и „болно бавен процес“, пишува Ал-Џазира, бидејќи комуникацијата останала гломазна: пораките требало да стигнат до Појасот Газа преку Доха или Каиро и од таму назад, а потоа да бидат проследени до Израел и до САД. Според извештаите, она што се покажало како камен на сопнување е тоа што Хамас навел број на заложници кои треба да бидат ослободени, но не и конкретни имиња. Но, израелската влада инсистирала на тоа.

Израелската влада ја започна копнената офанзива кон крајот на октомвриФотографија: Ronen Zvulun/Reuters

По еден разговор на Барнс, Барнеа и Ал Тани во Доха, Бајден конечно го повикал емирот за силно да го поддржи израелското барање. „Доста е“, му рекол тој на емирот, пишува „Њујорк Тајмс“. Но, и Нетанјаху морало да биде притиснат. Хамас на крајот доставил список со 50 имиња, израелскиот премиер, наводно, инсистирал дека треба да бидат ослободени повеќе од 50 заложници. По телефонскиот разговор со Претседателот, Нетанјаху попуштил.

Борба околу роковите

Во меѓувреме, израелските единици продолжија да напредуваат во Појасот Газа. Влегувањето на израелските војници во болницата Ал-Шифа во градот Газа уште еднаш ги загрози преговорите. Хамас ги прекинал разговорите и побарал војниците веднаш да ја напуштат зградата. Израел го отфрлил ова, но ветил дека болницата ќе остане и натаму функционална. Разговорите продоложиле.

Бајден го повикал Ал Тани од самитот на АСЕАН во Сан Франциско, во средината на ноември, за да стави јасно до знаење дека времето истекува и дека постои „последна шанса“ за договор. Хамас, наводно, во тоа време инсистирал на петдневен прекин на огнот, додека Израел бил подготвен за примирје од само четири дена. Во деновите што потоа следуваат имало натамошни разговори меѓу Мекгурк во Катар и Египет, при што се дефинирани се` повеќе детали од договорот. Фокусот сега бил ставен на ослободувањето на жените и децата, ослободувањето на палестинските затвореници, текот на различните фази на размената и димензиите на прекинот на огнот.

Прекинот на огнот трае (фото: израелски војници на тенк)Фотографија: Amir Cohen/REUTERS

Пробив

Конечно, на 19 ноември, од Појасот Газа стигна вест дека Хамас начелно го прифатил предлогот. Требаше да се договорат последните детали додека Израел и Хамас на 22 ноември не се договорија за прекин на огнот и размена на заложници и заробеници. Договорот постепено се спроведува од 24 ноември. Набљудувачите тоа го припишуваат на големата лична посветеност на инволвираните во позадината на огромниот меѓународен притисок. Во регионот дополнително се зајакнува улогата на Катар и во исто време се покажува колку е неопходно влијанието на САД на Блискиот Исток.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми