1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајна служба: Украина го нападнала Кримскиот мост

ЕМФ | афп
17 јули 2023

Украинските специјални единици во понеделникот вечерта (16.07) го нападнале стратешки и симболично важниот руски мост на Крим, јавува АФП повикувајќи се на информации од Киев.

Кримскиот мост по експлозијата, 17.07.2023
Кримскиот мост по експлозијата, 17.07.2023Фотографија: Ostorzhnu Novosti/AP/picture alliance

Украинската тајна служба СБУ и морнарицата го извршиле нападот со поморски дронови, дознава агенцијата АФП од кругови на СБУ.

Во врска со акциите на украинските сили, кругови на СБУ за АФП велат дека било „тешко“, но „на крајот можно“ да се стигне до мостот. Неколку украински официјални лица изразија задоволство од нападот. Украинскиот претседателски советник Михајло Подољак на Твитер напиша дека сите „нелегални објекти“ што се користат за снабдување со „руски инструменти за масовно убиство, нужно ќе имаат краток век“.

„Мостот повторно заспа“, напиша тајната служба СБУ на Телеграм. Портпаролот на СБУ, Артем Дехтјаренко, изјави дека тајната служба „со интерес набљудува како еден од симболите на режимот на Путин уште еднаш не успеал да го издржи воениот напор“.

Рускиот комитет за истражување сериозни злосторства соопшти дека во нападот на мостот загинале двајца цивили.Жртвите, како што се вели, се маж и жена кои со својот автомобил се возеле по мостот. Нивната малолетна ќерка била повредена.

Кримскиот мост, отворен во 2018 година, се состои од два паралелни дела: едниот за патен сообраќај, другиот за железница. Според властите на Крим, поставени од страна на Русија, пругата не е оштетена во нападот, а денеска е обновен и сообраќајот со ферибот кој беше привремено прекинат.

Гувернерот на руската област Краснодар, која граничи со Крим, Венјамин Кондратјев, ги повика жителите од регионот да го избегнуваат мостот. Ако луѓето сакаат да одат на Крим, треба да ги користат „новите региони на Русија“, напиша Кондратјев на Телеграм, притоа мислејќи на украинската територија окупирана од Русија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми