1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајната на убиствата со чадор

Кристофер Неринг
25 март 2023

Сексуално пореметен фашист. Таен агент. Осомничен за повеќекратно убиство. Озлогласен измамник и лажго. Кој бил Франческо Ѓулино, осомничениот за убиството на бугарскиот дисидент Георги Марков?

агент Пикадили
Тајната на убиствата со чадорФотографија: Ulrik Skotte

Откако новинарот Христо Христов во Бугарија во 2007 година го доби правото на увид на досиејата на Франческо Ѓулино, целиот свет дозна: овој Италијанец од 1971 година работел како „агент Пикадили“ за озлогласената бугарска тајна служба. 

Тој до денес останува главен осомничен за „атентат со чадор“, односно за убиството на бугарскиот писател и дисидент Георги Марков во Лондон во 1978 година. Марков бил отруен, најверојатно со рицин, а отровот очигледно бил вбризган во неговата нога со врвот на чадорот на една автобуска станица во Лондон. 

Но, кој навистина бил осомничениот Ѓулино? Новата документарна емисија на данскиот новинар Улрик Скот открива неверојатни детали од животот на сексуално пореметениот фашист и озлогласен измамник, кој е осомничен за неколку убиства.

Шпионската кариера на Ѓулино започна во 1970 година, кога беше уапсен во Бугарија за шверц и илегална трговија со користени автомобили. Набрзо бил регрутиран од локалната тајна служба и станал нејзин агент под псевдонимот „Пикадили“.Во 1978 година највисоките претставници на бугарската тајна служба организирале банкет во негова чест, а токму во моментот на убиството на Марков бил во Лондон по налог на тајната служба.Сите тајни документи за времето потоа биле отстранети во 1990 година од „Актот Пикадили“ и уништени. За ова во 1992 година беше законски осуден тогашниот шеф на тајната служба Владо Тодоров, а неговиот претпоставен, тогашниот заменик министер за внатрешни работи, генерал Стојан Савов, се самоуби за да не мора да сведочи на суд. 

Георги Марков: Неговото убиство никогаш не било целосно разрешеноФотографија: picture-alliance/dpa/epa/Stringer

Фашист и порнограф 

Но, она што и помина низ прсти на бугарската тајна служба и беше откриено само во филмот на Скот: Ѓулино цел живот бил деклариран фашист. Неговиот примерок од книгата на Хитлер „Мојата борба“ (Mein Kampf) денеска се наоѓа на полицата на данскиот новинар, како и календар со фотографиите на Мусолини.

Ѓулино бил познат и по своето сексуално нарушување. Како дете, тој поминал неколку години кај својата тетка која водела бордел. Тоа јасно го обележало, па цел живот барал контакт со проститутки.  

На некои им плаќал да се завиткаат во знамиња со свастика за време на сексуалниот однос или да позираат во фашистички униформи. За вакви и слични порно снимки Ѓулино ангажирал цело фотографско студио заедно со секретарка. Таму се претставувал како фотограф и моден агент, па во замена за ангажман барал од девојки и жени порно фотографии или сексуални услуги.

Данскиот новинар собра повеќе од стотина такви фотографии. Во интервју за ДВ, Скот оцени дека сексуалните склоности на Ѓулино се негов „трет живот“ покрај неговото граѓанско постоење и вмешаност во шпионажа. 

Девојка завиткана во знаме со свастика фотографирана од Франческо ЃулиноФотографија: Francesco Gullino

Лажно алиби и побивање на обвинувањата 

Врската на Ѓулино со проститутките, како што за прв пат покажа филмот на Скот, го натера да биде осомничен во друг случај на убиство: проститутката Хане Вит беше убиена на Нова Година 1989 година во Копенхаген. На нејзината ноќна маса имаше фотографија на која јава коњ. На задната страна беше напишано: „Јавање со Ѓулино". Кога полицијата го испраша, тој рече дека во моментот на извршување на делото бил на забава, што го потврдија и сведоците што ги навел. Но, сите подоцна пред камерата на Скот изјавиле дека таа вечер не ја поминале со Ѓулино и дека полицијата воопшто не ги испрашувала. Како дошло до очигледно фалсификуваното алиби на Ѓулино, денеска ниту данската полиција повеќе не може да го реконструира.

Во февруари 1993 година, тој беше испрашуван од данската тајна служба ПЕТ и Скотланд Јард. Во меѓувреме, истражителите ги добија намалените „досиеја Пикадили“ од Бугарија и го испрашуваа за убиството на Марков. Тој признал дека бил во Лондон во 1978 година, но нагласил дека не го познава Марков и дека не го убил.  

Што знае данската тајна служба? 

Инспекторите морале да го пуштат бидејќи немале докази за неговото учество во убиството со чадор. Но, Скот верува дека ова е само половина од вистината. Имено, информациите до кои новинарите имале пристап укажуваат дека Ѓулино и предал важни информации на данската тајна служба ПЕТ. За каква точна информација станува збор, Скот се уште не дознал.

Ѓулино очигледно можел непречено да отпатува во Австрија за возврат, каде што ја добивал данската пензија преку конзулатот до крајот на својот живот.

Од каде новите информации на данските новинари? Се започна со Франко Инверници, новинар и пријател на Ѓулино од Копенхаген. Откако Ѓулино беше испрашуван во врска со убиството на Марков во 1993 година, тој се појави на вратата на Инверници еден ден подоцна. Со него живеел неколку месеци, бидејќи неговата фирма банкротирала. Ѓулино потоа ја раскажал својата животна приказна на својот пријател и му дал документи, белешки и фотографии.

Франческо Ѓулино во разговор со данската новинарка Скот во Австрија во 2021 годинаФотографија: Ulrik Skotte

Инверници требаше да сними филм за „вистинската приказна за убиството на Марков". Половина година подоцна Ѓулино ја напушти Данска. По неговата смрт, наследството на Инверници послужи како основа за нов филм, а тимот на Скот разговараше и со Ѓулино во Австрија во 2021 година.

Камелеон

Па, кој беше Франческо Ѓулино? Сексуално пореметен фашист. Дилер со уметнички дела. Таен агент. Осомничен за повеќекратно убиство. Озлогласен измамник и лажго. Можеше да биде се и сешто, насекаде наоѓаше пријатели, имаше соодветна приказна за секого и одговори на сите, дури и на најнепријатните прашања. Како што покажува новиот материјал за него, меѓу приказните, верзиите, полувистините и лагите е невозможно да се најде вистинскиот Франческо.

Како што резимира Улрик Скот, Ѓулино беше пред се една работа: камелеон. И така се роди тајниот агент. Тој почина во летото 2021 година, сам во својата куќа. Неговиот труп бил откриен само една недела по неговата смрт, по што бил запален и анонимно погребан. Непосредно пред неговата смрт, уште еднаш се јавил на данскиот телевизиски тим. Новинарите слушнаа само тивко грофтање низ слушалката.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми