1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тајните коалиции“ на виделина пред вториот круг на изборите

ДТЗ
24 октомври 2025

Кој на кого ќе му подаде рака за победа во вториот круг? Дел од владејачките партии веќе почнаа да го престројуваат гласачкото тело со цел да се избоксува победа против опозициските кандидати во што поголем број општини.

Локални избори во Македонија
„Тајните коалиции“ на виделина пред вториот круг на локалните избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пред вториот круг на локалните избори, кандидатите за градоначалници се растрчаа во лов на гласови и придобивање на поддршката на противкандидатите коишто испаднаа уште во првиот круг. Многу „тајни коалиции“ полека испливуваат на површина пред изборите на 2 ноември, кога граѓаните во 33 општини ќе избираат меѓу двајца кандидати кои добија најмногу гласови во првиот круг.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се апсолутен фаворит во 26 општини.Според партијата, соодносот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по првиот круг е 10 спрема 1. Од опозициската партија, пак, возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека СДСМ останува најсилна опозициска партија и дека е на пат да освои повеќе општини отколку во 2017 година. Партијата продолжува со својата кампања во 17 општини.

СДСМ продолжува со кампањата во 17 општиниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Подадена рака

И додека власта и опозицијата во Македонија се препукуваат преку соопштенија, на терен веќе се случуваат првите сојузи. Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, ја поддршката од коалицискиот партнер во власта – Вреди (Влен). На средба со локалните жители од Кале и Дуќанџик, рака си подадоа Лабудовиќ и новоизбраниот градоначалник на Чаир и еден од лидерите на Влен, Изет Меџити.

Меџити ги повика жителите од овие населени места да му дадат максимална поддршка на кандидатот за градоначалник од движењето ЗНАМ, поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ, Мирослав Лабудовиќ.

Битката во Општина Центар ќе се води меѓу Горан Герасимовски од СДСМ, кој води по првиот круг со 8.535 гласа и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, кој освои 5.707 гласови. Неизвесно е каде ќе се прелеат гласовите од двете противкандидатки кои излегоа од трката – Билјана Ивановска, која освои 4.465 гласа и кандидатката на Левица, Марија Среброва, која доби 2.121 глас.

Претходно кандидатот за градоначалник на Куманово од Движењето Знам, Максим Димитриевски, кој се бори за трет мандат во општината, обзнани дека добил поддршка од коалицискиот партнер Вреди за вториот круг од изборите, каде што ќе се соочи со независниот кандидат Горан Стојковски-Диро.

„Остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, организациониот секретар на Алтернатива, Башким Муртези и пратеникот Даниел Стојчевски. Во топлиот и искрен разговор од претставниците на коалицискиот партнер ВЛЕН добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Куманово, поддршка која ја отсликува мултиетничката и мултикултурната реалност на нашиот град, која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред во остварување на проекти во интерес на сите граѓани на Куманово“, објави Димитриевски на социјалните мрежи. 

Обединувачка сила

Во Град Скопје, во вториот круг ќе се соочат Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Според податоците на ДИК, Ѓорѓиевски е прв со освоени 91.582 гласа, додека кандидатот на Левица, Мециновиќ, има добиени 30.659 гласови од жителите на Скопје.  

Мециновиќ на прес-конференција деновиве оцени дека партијата бележи голем раст на поддршката по првиот круг и дека левиот гласачки спектар цврсто се обединува околу нивната програма. Тој рече дека Левица се позиционира како обединувачка сила на сите антивладини гласови во главниот град.

Во Град Скопје, во вториот круг ќе се соочат Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од ЛевицаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој смета дека многу граѓани кои претходно не гласале за Левица, сега ја гледаат како најсоодветна опција за вториот круг. Окрупнувањето на антивладиниот контигент, вели Мециновиќ, е почнато:

„Ќе има општини каде очекуваме поддршката да биде дури и поголема од таа на владиниот кандидат во Скопје“, рече тој и најави дека Левица е во разговори со неколку независни листи за можна соработка во Градскиот совет.

Повик за масовност во вториот круг

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на собирот со граѓани во Општина Аеродром, ги повика граѓаните на помасовна излезност во вториот круг од локалните избори, истакнувајќи дека апстинирањето од гласање не е решение, бидејќи „тогаш ќе имаме нова реалност која нема да ни се допаѓа“. Порача дека нема да се откажат од ниту една општина и оти ќе се борат за секој еден глас, за секоја една општина во којашто имаат можност и имаат шанса за градоначалник.

„Ако успееме во сите 26, тогаш кога ќе се додадат на овие претходниве 33, тогаш добиваме вкупно 59 градоначалници, нешто што е навистина историско постигнување. Убеден сум дека ако не до таа бројка, тогаш барем блиску до таа бројка ќе дојдеме во вториот круг од локалните избори“, рече Мицкоски. 

Христијан Мицкоски повика на масовна излезност во вториот круг Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Реакции кај владејачката партија предизвика и изјавата на лидерот на Беса од ВЛЕН, Билал Касами, кој во интервју за албанска телевизија најавил дека во вториот круг од локалните избори во Кичево ќе го поддржат кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.

Мицкоски вели дека политиката не смее да се гради врз етнички теми и шовинизам, туку врз вредности и заедништво.

„Сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот на падот на ДУИ, ќе разберат на што мислам. Тоа е добра лекција и за други политичари на македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициски партнери треба да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики“, порача Мицкоски во обраќањето по повод Денот на македонската револуционерна борба.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми