1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ не ги открива картите за претседателските избори

ДТЗ
10 јануари 2024

СДСМ номинира кандидати, Ковачевски вели дека актуелниот претседател Стево Пендаровски нема да има предност пред другите.

Стево Пендаровски
Пендаровски во февруари ќе соопшти дали ќе се кандидира за втор мандат. Фотографија: Pressestelle des Präsidenten der Republik Nord-Mazedonien/Foto: Tomislav Gergiev

Владејачкиот СДСМ се уште не ги открива картите дали ќе му ја даде својата поддршка на актуелниот претседател Стево Пендаровски за втор мандат на пролетните избори. Пендаровски вели дека во февруари се ќе биде појасно и најавува дека во втората половина на наредниот месец ќе ја соопшти својата одлука. Премиерот Димитар Ковачевски, кој во повеќе наврати изминатиот период упатуваше само пофални зборови за претседателот, денеска порача дека тој „нема да има предност пред останатите претседателски кандидати кои ќе ги номинира СДСМ“ доколку одлучи да се кандидира за втор мандат.

Сите кандидати кои ќе ги номинира СДСМ ќе имаат еднаква стартна позиција во трката за претседател, порача премиерот. 

Процедурите почнаа - се чекаат номинации 

СДСМ веќе ја започна процедурата за номинација на можни кандидати за претседател на државата. Во вторникот (09.01) се одржале и првите состаноци на ниво на општински раководства и се очекува да започнат процесите на номинација во сите месни организации.

Во однос на дилемата дали владиниот партнер ДУИ ќе ги поддржи Пендаровси за втор мандат, премиерот вели дека не може да зборува во име на други политички партии.

„Што се однесува до Пендаровски, тој успешно го извршуваше својот претседателски мандат, се држеше до вредностите за кои се залагаат коалиционите партнери кои ја поддржа неговата кандидатура кога беше избран за претседател, ги поддржуваше евроинтеграциите на државата и сметам дека сите граѓани ги третираше со еднаква почит. Така што, во моментов можам да зборувам за тоа какви вредности треба да дели кандидат којшто би бил кандидат на коалицијата која е најголема во државата, меѓутоа не можам да прејудицирам кој ќе биде кандидатот затоа што тоа би било неетички, неблагодарно и нестатутарно“, изјави Ковачевски при посетата на Сарај.  

Ќе ја добие ли Стево Пендаровски поддршката на СДСМ и за втор мандат?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Немам потреба никому да се додворувам“ 

Пендаровски вели дека не стравува дали ќе ја добие поддршката на ДУИ. Тој во интервјуто за „Тема на денот“ на Телевизија Сител изјави дека максимум во втората половина на февруари ќе се изјасни дали ќе се кандидира за втор претседателски мандат.

„Сѐ  додека имам поддршка од граѓаните во еден солиден број, не стравувам од ниту еден политички субјект и затоа немам потреба никому да се додворувам во таа смисла“, изјави претседателот.

Неговиот личен рејтинг во анкетите не е битно променет во изминативе четири години. „Не е лоша работа ако во текот на мандатот не изгубите од вашиот рејтинг“, оценува претседателот.  

Мандатот на Пендаровски истекува на 12 мај 2024 година. На изборите во 2019 година тој беше поддржан од коалицијата предводена од СДСМ и од ДУИ. На последната лидерска средба во Собранието на 4 декември беше договорено дека првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе биде заедно со парламентарните на 8 мај 2024 година.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми