1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џафери одлучи - референдум нема да има

ДТЗ
13 септември 2022

Џафери образложува дека иницијативата за референдум не е во согласност со Уставот во кој е утврдено дека меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон

Претседател на Собрание Талат Џафери
Талат Џафери ја отфрли иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум за поништување на договорот со Бугарија.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја отфрли иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум за поништување на договорот со Бугарија.

Во одговорот до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Џафери образложува дека иницијативата за референдум не е во согласност со Уставот во кој е утврдено дека меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.

„Согласно член 60, став 1, алинеја 5 од Деловникот на Собранието, Ве известувам дека граѓанската иницијатива за распишување на задолжителен референдум на државно ниво, за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија , не е во согласност со член 118 од Уставот, како и со членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот на Република Северна Македонија“, наведува Џафери.

Во член 118 од Уставот е утврдено дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Во членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот е утврдено дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право. „Поради тоа, доставената граѓанска иницијатива не е прашање по кое може да се распише референдум на државно ниво“, се вели во одговорот на Џафери. 

Корекции 

ВМРО-ДПМНЕ ја достави граѓанската иницијатива пред неколку дена, но Џафери беше отсутен од државата. Тој дури денеска ја разгледал и се произнесе пред истекот на рокот. 

Христијан Мицкоски порача дека се подготвени да направат корекции доколку има забелешки на текстот на поднесената иницијатива. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Мицкоски вчера порача дека се подготвени да направат корекции доколку има забелешки на текстот на поднесената иницијатива. Иницијативата беше поднесена до претседателот на Собранието, но без да се именува за која институција станува збор. ВМРО-ДПМНЕ предложи референдумско изјаснување со прашањето дали сте за престанок на важењето на договорот за пријателство со Бугарија. 

Назадување кое треба да се избегне 

Евроамбасадорот Дејвид Гир во однос на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум против договорот со Бугарија, порача дека секоја иницијатива што би можела да биде назадување и со тоа да го попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би требало да се избегнува. 

„Се сеќавам дека кога за прашањето за уставни измени се разговараше првпат, а тоа беше минатата година, тогаш немаше противење низ политичкиот спектар, беше доста тивко за ова конкретно прашање“, вели Гир во интервју за 360 степени.

Според него, Европската Унија не гледа со наклонетост на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум против Договорот со Бугарија. Тој потсетува дека „добрососедските односи се суштински дел од пристапниот процес и ЕУ неколкупати кажа дека Договорот за добрососедство со Бугарија, како и Преспанскиот договор, треба да се имплементираат во добар дух од сите“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми