1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоАвганистан

Талибанците го исклучија интернетот во Авганистан

БГ /АФП
30 септември 2025

Авганистан е втор ден без интернет и мобилна мрежа, откако талибанските власти ја пресекоа оптичката мрежа. Причината е заштита на граѓаните од пороци

Талибанско знаме се вее покрај станица за оптички интернет во Мазар-и-Шараф
Талибанско знаме се вее покрај станица за оптички интернет во Мазар-и-ШарафФотографија: Atif Aryan/AFP/Getty Images

Властите во Авганистан започнаа со исклучување на брзите интернет врски во некои провинции уште на почетокот на месецот, по наредба на таинствениот врховен лидер Хибатула Ахунџада, со цел да се спречи „неморал“.

Во понеделник навечер, сигналот за мобилна телефонија и интернет постепено ослабна низ целата земја, сè додека поврзаноста не падна под еден процент од вообичаеното ниво, според интернет- организација Нетблокс.

Ова е првпат од победата на талибанската влада во 2021 година и воведувањето на строга верзија на исламскиот закон, комуникациите да бидат целосно прекинати.

„Слепи сме без телефони и интернет,“ вели 42-годишниот трговец Наџибула од Кабул.

„Целото работење ни зависи од мобилните. Испораките се преку мобилни. Како празник е, сите се дома. Пазарот е целосно затворен.“

Неколку минути пред прекинот, владин претставник предупреди дека ќе биде прекината оптичката мрежа, што ќе влијае и на мобилните услуги.

„Ќе бидат исклучени осум до девет илјади телекомуникациски столбови,“ рече тој, додавајќи дека прекинот ќе трае „до понатамошно известување“.

„Нема друг начин или систем за комуникација... банкарскиот сектор, царината, сè низ земјата ќе биде погодено,“ рече официјалниот претставник, кој побара да остане анонимен.

Талибанскиот лидер наводно ги игнорирал предупредувањата од некои претставници за економските последици од прекинот на интернетот и наредил да се продолжи со националната забрана.

Назад на радио-врски

Дипломатски извори за АФП изјавија дека мобилните мрежи се речиси целосно исклучени.

Извор од ОН рече: „Операциите се сериозно погодени, се враќаме на радио комуникации и ограничени сателитски врски.“

Телефонските услуги често се пренесуваат преку интернет, користејќи ги истите оптички линии, особено во земји со ограничена телекомуникациска инфраструктура.

Во последните недели, интернет врските беа исклучително бавни или прекинати.

На 16 септември, портпаролот на провинцијата Балх, Атаула Заид, рече дека забраната доаѓа по наредба на талибанскиот лидер.

„Оваа мерка е преземена за спречување на неморал, и ќе бидат воведени алтернативни опции низ земјата за задоволување на потребите од поврзаност,“ напиша тој на социјалните мрежи.

Во 2024 година, Кабул ја претстави 9.350-километарската оптичка мрежа, главно изградена од поранешните влади поддржани од САД, како „приоритет“ за поврзување на земјата со светот и извлекување од сиромаштија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми