Технички преглед за техничката влада
9 јануари 2026
Не е првпат да се бара консензус за укинување на техничката влада која се избира 100 дена пред парламентарни избори, и веројатно нема да биде последен пат да не се најде заеднички јазик околу тоа прашање за кое јавно речиси сите се согласуваа. Разликата доаѓа единствено со промената на улогата - власт или опозиција - а често и со условување за други прашања. Прашањето се актуелизира откако овојпат СДСМ одбива на лидерска средба да разговара за тоа прашање, во пакет со дискусија за реформските закони.
Техничка влада за првпат беше формирана за изборите во 2016 година, како производ на таканаречениот Договор од Пржино од јуни 2015 година, за излез од тогашната политичка криза во земјата, која кулминираше со т.н „бомби“ (аудио снимки) што ги објавуваше тогашиот претседател на опозициската СДСМ, Зоран Заев.
Според Договорот, сто дена пред избори се избира технички премиер и техничка влада задолжена за спроведување на изборите, во која опозицијата добива министри во два ресора - за внатрешни работи, и за труд и социјална политика, како и заменици министри во три ресори - во земјоделие, финансии и во администрација и информатичко општество.
Иако пржинската влада беше предвидена како преоден концепт единствено за изборите во 2016 година, таа се најде како решение во Изборниот законик и во Законот за Владата летото 2018 година.
Каде е консензусот?
На 10-ти февруари 2022 година пратениците не го прифатија предлогот на група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да се донесе по скратена постапка предлог закон за изменување на Законот за владата, со кој се предвидуваше укинување на техничката или т.н. пржинска влада. За предлогот гласаа 32 пратеници, 55 беа против и немаше воздржани.
ВМРО-ДПМНЕ тогаш побара укинување на техничката влада со образложение дека таа и досега се покажала како нефункционална, од СДСМ повторија дека и тие се за укинување, но оти за сите прашања поврзани со измените на Изборниот законик за кои треба да се обезбеди консензус.
„Со оглед на тоа дека станува збор за Закон донесен со консензус како резултат на Пржинскиот договор и измените треба да бидат донесени со консензус“, порачаа од СДСМ.
Денес, кога истото го бара ВМРО-ДПМНЕ (обезбедување консензус и за укинување на техничката влада), претседателот на Венко Филипче вели: „Техничката влада мора да остане, затоа што власта узурпираше сѐ (...) Со криминалци кои се обидуваат да узурпираат сѐ и да се спасат себеси, нема седнување на маса за техничката влада, има само одговорност“.
Рекорден мандат на техничка влада
Првата техничка влада, воедно и рекордер во стажот, беше преодната влада предводена од Емил Димитриев, избрана на 18-ти јануари 2016 година и распуштена на први јуни 2017 година. Тој дојде на чело на Владата од позицијата Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, откако тогашниот премиер Никола Груевски поднесе оставка. Таа влада функционираше цели 16 месеци, бидејќи изборите кои првично беа планирани за 24-ти април 2016 година се одложуваа неколкупати сѐ до нивното конечно одржување на 11-ти декември. Од тие причини и Димитриев ротираше од технички во политички премиер на тогашната влада, а соодветно на промените на изборниот датум од составот влегуваа и излегуваа и техничките министри и заменици предложени од СДСМ.
„Мое лично мислење е дека креирањето на една ваква влада е лош сигнал за Македонија, особено што тоа дојде по неколку успешни циклуси", оцени Димитриев во во 2020 година, кога стапи на функција втората техничка влада.
„Овој тип влади е својствен за општества во кои политиката има силно влијание во институциите и се бара како тоа влијание да се сведе на минимум и партиите да се контролираат едни со други. Ова не е нешто со кое треба да се гордееме. Си го прифативме како решение и секоја партија се бори да го има како механизам“, рече тогаш Димитриев.
Притоа изрази став, дека ако не се отиде на промена на тој модел, треба да се размисли барем за промена на рокот на функционирање на оваа влада.
„Три месеци е предолг рок. Евидентно е дека прва работа што се случува е конфликтот помеѓу функционерите, блокада на институциите и крајниот негативен ефект го плаќаат граѓаните“, оцени тој.
Врзан потпис, одврзани обвинувања
Конфликтот меѓу функционерите беше видлив и јавен – тие функционираа „како рогови во вреќа", со обвинувања и сопки, и покрај обврската за „врзан потис“.
Техничките министри и заменици од СДСМ во април 2016 година се жалеа на опструкции во мандатот на Димитриев. На пример, техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски го обвини премиерот Димитриев дека создал услови за предизвикување хаос во МВР, дека донел одлука да се поништат сите решенија на министерот поставен од СДСМ и дека само ја продлабочил политичката криза.
„Дали законот пропишува дека на овие акти кои Владата Ви ги поништи треба да има потпис од дополнителниот заменик министер? Пропишува. Дали на вашите акти кои Владата ви ги поништи има потпис од Чавков? Нема. Како се вика акт кој е донесен спротивно на закон, какви што се овие акти кои Владата ви ги поништи? Се вика незаконски акт. Дали Владата има право да ви ги поништи овие незаконски акти? Има“, беше одговорот на Димитриев.
Реприза на опструкциите
Четири години подоцна приказната се повтори и во втората техничката влада, со која во 2020 година раководеше Оливер Спасовски од СДСМ и функционираше осум месеци. Изборите кои првично беа закажани за април 2020 година, беа одложени поради ситуацијата предизвикана од Ковид-19, и потоа поместени во јули.
Тогаш, пак, техничките министри и заменици од ВМРО-ДПМНЕ се жалеа на опструкции - дека заменикот министер во земјоделие не добил ни столче, а камоли канцеларија, бројни забелешки имаше министерот за внатрешни работи, но и забелешки за опструкции во ресорот финансии.
Во тој перод се случи и првото разрешување. По 44 дена во техничката влада, тогашната министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, беше разрешена на предлогот на премиерот Спасовски, откако одржа прес-конференции пред табла со име на институцијата, а на која стои старото име на државата.
Етнички трофеј
Талат Џафери стана третиот премиер на тeхничка/преодна влада, мандат кој остана најмногу запаметен по рекламираниот етнички трофеј „прв премиер Албанец".
Но, ќе се памти и по тоа што откако му беше беше верификуван пратеничкиот мандат, Џафери понуди „креативно објаснување“ како и натаму да ја извршува функцијата технички премиер, иако не смее да ги врши двете функции во исто време. Објасни дека додека ги извршува функциите кои произлегуваат од функцијата премиер - сѐ до изборот на новата влада - нема да земе учество во работата на Собранието како пратеник.
Во целиот период откако функционира моделот на техничка влада, а со тоа и бројни импровизации, во јавноста спласна надежта дека техничките министри ќе бидат резултат на кадровски избор по мерит-систем, а не повторно партиски лица. Се создаде впечаток дека и во преодните влади е сѐ исто, освен што 100 дена во нив заедно си седат „и Курто и Мурто“, но без ефикасност и волја за соработка.