1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Технодесницата влезе во политиката

3 јануари 2025

Големиот капитал или тајкуните повеќе не се ограничуваат да ги финансираат изборните кампањи, туку и самите влегуваат во политика. Поединецот ќе се најде уште помалечок и незаштитен од гигантите. Пишува Ивор Мицковски

Техномилијардерот Илон Маск и идниот американски претседател Доналд ТрампФотографија: Brandon Bell/Getty Images/dpa/picture alliance

Ако можеме нешто да предвидиме за 2025-та година, тогаш тоа е дека дефинитивно ќе се санкционира појавата на еден нов политички вид и субјект, изроден од комбинацијата на милијардерскиот технокапитализам на Илон Маск или Силиконската долина и реакционерското и популистичко движење „МАГА" на Доналд Трамп. Станува збор за епохален настан кој ретко кои генерации можат да го доживеат во своето време и предвидува создавање на еден нов културошки, општествен и политички феномен кој можеме да го наречеме: технодесница или „tech right" како што ја именува и самиот Маск.

Родена од два екстремизми на  капитализмот и трампизмот,  оваа нова технодесница се конституира како радикален политички субјект без народен консензус и гласање и врши инвазија над традиционалната политика, со ветување дека ќе ја револуционира. Многумина сметаат дека е последната од серија закани по демократијата.

Оваа појава е само последната манифестација на еден процес кој започна од средината на 70-тите години, после нафтената криза предизвикана од арапските држави кои ја изгубија Јомкипурската војна, по што западните економии започнаа една реакција која доведе до турбокапитализмот на 21-от век.

Менувајќи го длабоко односот помеѓу економијата и политиката овој процес од самиот почеток ја загрозуваше демократијата. Почнаа да се раѓаат мултинационални корпорации сѐ повеќе откачени и одврзани од државата, па и од самите народи. Потоа, студениот ветар на неолиберализмот ја нападна „велфер државата" или благосостојбата. Дополнително, со распадот на работничката класа и на комунизмот, исчезнаа и социјализмот и социјалдемократијата. Во најголем дел од западните земји традиционалните левичарски и десничарски масовни партии поврзани со територијата и општеството почнаа забрзано да исчезнуваат. Глобализацијата постепено ја ослабна автономијата и суверенитетот на државите и речиси насекаде популизмот на екстремната десница ја замени традиционалната политика. Денеска, „Big Tech" компаниите или технолошките џинови, кои околу себе обединуваат огромна економска и финансиска сила, како и моќна технолошка и комуникациска первазивност, почнуваат да извршуваат огромна политичка моќ која ги раздрмува сите демократии низ светот.

Шампионите на технодесницата

Со појавата на Трамп и особено неговата последна изборна кампања, се отвори вратата и за шампионите на технодесницата. Капитализмот и мултинационалните компании секогаш имале политички интереси или влијаеле врз политиката, но и го почитувале приматот на политиката. Тие влијаеле, се поддржувале, си создавале предности, но секогаш хиерархиски се поставувале едно скалило под авторитетот на државата. Денеска сме на крстопат или пресвртница. Големиот капитал или тајкуните повеќе не се ограничуваат да ги финансираат изборните кампањи, туку и самите влегуваат во политика. Берлускони и Трамп беа само последните од старата генерација капиталисти и претприемачи. Сега е времето на новите техно-дечки.

Трамп како суверенист и екстремен десничар всушност ја отвори вратата за технодесницата која најверојатно и ќе го наследи.  Доналд Трамп ја порази левицата и ја испрати во историја, започна со трансформација на самиот демократски систем уништувајќи го неговиот либерално-демократски карактер и култот кон правната држава. На негово место ја инсталираше вертикалната моќ на лидерот во нешто што денес се нарекува авторитарна демократија. Овој процес со подемот на технодесницата само ќе се забрза и нормализира, каде уништувањето на демократските институции и вредности ќе се претстават како иновативен и модернизирачки процес со цел да се поедностават владејачките механизми. Така загрозувајќи и ја самата демократија како процес.

Морничави асоцијации и потсетувања

Да биде јасно, демократијата не може да се сведе само на институции и процедури, без оглед колку и тие да се важни. Ниту пак слободните избори можат сами по себе да гарантираат демократско општество. Најосновниот предуслов за демократија е развојот и одржувањето на еден плурален и артикулиран соживот. Тој соживот се базира на либерални права кои го штитат поединецот, но и на плурализмот на општествените тела и актери, на бројните изрази на граѓанското општество, на богатоста на јавната дебата, на барањата на маргиналните групи во државата. Се разбира потребни се и колективните субјекти, кои макар и биле во меѓусебен судир, сепак произведуваа заедничка синтеза, конструкција и соживот. Во минатиот век тоа беа социјалните категории и класи, работничката маса, религиозните заедници, синдикатите, малцинските движења, политичките партии. Ништо од тоа денеска го нема и тоа нема да се врати, но присуството и постоењето на такви или слични колективни субјектни се критични и есенцијални за  демократското општество.

Незаинтересирани за овие процеси, техники и методи, за ваквите субјекти и актери, навикнати да дејствуваат без посредници, без бирократија, без бавната и спора демократска процедура, технодесницата не само што ќе ја загрози демократијата, туку и сериозно се кандидира тоа да го направи во стилот на тоталитаризмите од минатото. И без да мрцвариме некомотни епитети и споредби, но самото актуелно политичко дејствување на технодесницата,  нивната поддршка за екстремните десници  или профашистичките партии во Германија и Италија, веќе будат морничави асоцијации и потсетувања. 

Во исто време, засилена од митовите и наративот за апсолутната слобода, неограничениот животен елан, забрзаната и френетична иновативност, додека во реалноста се работи за енормна концентрација на богатство и моќ во рацете на малкумина, всушност идеологијата на технодесницата само би водела кон прогресивно опустушување и растечка поларизација на социјалното и општественото милје. После тоа би следувал и ударот врз самите лични слободи. Навидум, индивидуата се наоѓа пред неограничени можности, а во суштина осиромашеноста од длабоки, силни и трајни врски - фаворизирана и од заглавеноста во нашите мали екрани и социјалните мрежи се почесто манипулирани од газдите на дигиталниот свет - поединецот само ќе се најде себеси уште помалечок и понезаштитен во однос на гигантите кои на негов грб градат профити поголеми од оние на  националните држави,  додека во меѓувреме наоѓаат и време да се впуштат и во политика.

Технологијата и техниката станаа средства за контрола и доминација

Либералниот проект на модерното доба, победникот над комунизмот, ја довери својата судбина на технологијата и на капиталистичката економија, во надеж дека ќе ја исконтролира нејзината моќ и ќе ја насочи кон хуманистичките цели како еднаквоста, еманципацијата, културата и цивилизацијата. Но, се покажа дека либералната демократија настрада под ударите на сопствените инструменти. Технологијата и техниката странаа средства за контрола и доминација, додека економијата се претвори во централната димензија на човековото постоење, било индивидуално или колективно, заробувајќи го за своите потреби и приоритети.

Одговорот на десницата на распадот на демократската традиција и стратегија, беше да се забрза, а не забави, продорот на технологијата и економијата, зајакнувајќи го популизмот и екстремизмот против системот и институциите, додека во исто време се наметнува футуристичкиот мит за еден нов суперчовек, бил тој во ликот и делото  на Трамп или Маск. Овој технолошко-економски  конгломерат фаворизиран од Трамп треба да завладее со сегашноста и со иднината и на научно ниво да стави печат врз авторитарната трансформација на демократијата, претставена како еволуција на модерноста и помладување на функционирањето на системот. Од прогресивизам кон футуризам.

Ако овој проект успее, ќе бидеме сведоци на конечното раздвојување на капитализмот и либералната демократија, чие сојузништво, заедно со трудот и благосостојбата, беше лулката на поствоената западна цивилизација и култура. 

За возврат нѐ чекаат Марс и роботите, самовозечките автомобили и нашата сѐ поголема човечка, општествена и политичка отуѓеност.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми