1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се` поголем број деца се со нарушено ментално здравје

ДТЗ
17 февруари 2023

Врсничко насилство, закани од хакери, емоционална вознемиреност, прекршени права - ова се најчестите проблеми поради кои се` поголем број деца бараат стручна помош и заштита

дете телефон
Се поголем број деца се јавуваат и бараат помош поради проблеми со менталното здравјеФотографија: Florian Schmitz/DW

Телефонските линии на првата детска амбасада „Меѓаши“ се` почесто ѕвонат, откако како последица на пандемијата  се` поголем број деца се жалат на проблеми со менталното здравје. Минатата  гoдина Ало Бушавко-телефонот за помош на млади и деца ѕвонел 357 пати за разлика од порано, расте бројот на деца кои сами побарале помош. 

Статистиката на „Меѓаши“ покажува дека од вкупниот број на деца коишто се опфатени со дојавите - 450, најголем број се соочувало со проблеми со менталното здравје.  „Најчеста причина за јавување е проблем што се однесува на ментално здравје (35% од сите забележани проблеми), потоа повреда (25%), семејни односи (17%), па пристапност (12%). Со помала застапеност учествуваат и категориите на проблеми поврзани со училиштето (7%) и дискриминација и ексклузија (3%)“, посочуваат од детската амбасада. Во врска со случаи за исчезнување на деца се 11 проценти од дојавите. 

„Во однос на причините заради кои ни се обратиле на 'Ало Бушавко', забележуваме дека застапени се сите четири теми – ментално здравје, повреда , семејни односи и пристапност, а во поретки дојави има и други причини за дојава. Кај 450 деца опфатени во дојавите забележани се вкупно 863 проблеми и последици од нив. Во однос на менталното здравје, најголем дел од дојавите се однесуваат на емоционална вознемиреност – проблеми со гнев, страв и вознемиреност, проблеми со расположение кои се јавуваат како последица од другите категории на проблеми пријавени на Ало Бушавко“, велат од „Меѓаши“.

Врсничко насилство, емоционална вознемиреност, прекршени права што спаѓаат во категоријата семејни односи, непристапност до образование, здравствена заштита, неможност да се добие потребната медицинска помош, неопходна здравствена заштита, ова се само дел од проблемите коишто се регистрирани лани. 

Жртви на хакери

Регистрирани биле и случаи за интернет сексуална злоупотреба и хакерски напад на цело семејство, детска порнографија меѓу малолетници и масовно споделување на социјални медиуми, како и за убиство на малолетник од небрежност и страв од можна трговија со детски органи. 

Поради емоционално или физичко насилство, малолетни деца освен со физички повреди се здобиле и со автоимуни заболувањаФотографија: Imago Images/blickwinkel

„Поради неефикасноста на системот да пронајде ИП адреси нахакер којшто секојдневно вознемирува семејство со малолетно дете, притоа споделува и несоодветна и порнографска содржина на нивните познаници и пријатели, детето на возраст од 13 години како последица од преголем стрес заврши на психијатрија поради појава на тикови“, се посочува во извештајот од работата на „Ало Бушавко“ телефонот. 

Физичко насилство

Притоа се додава дека и по повеќе дојави за физичко насилство од страна на спортските тренери ширум Македонија, многу деца нема да можат да ја исполнат својата животна желба како успешни спортист(к)и поради недоличното однесување и неетичкиот кодекс на нивните тренери.

„Поради емоционалното или физичкото насилство овие малолетни деца освен со физички повреди се здобиле и со автоимуни заболувања, намалена самодоверба и одбивност кон спортот како последица од стресот и анксиозноста за време на тренинзите. 14 годишно дете повеќе нема да ја има истата самодоверба и добросостојба, бидејќи било изманипулирано од свои врсници и сексуално злоупотребено. За случајот да биде уште пострашен, трето лице видео снимката од настанот масовно ја споделува на социјалните мрежи“, се додава во извештајот.

„Меѓаши“ со загриженост констатира дека во континуитет со години се случува злоупотреба на деца и потребна е повеќе од макотрпна ангажираност и посветеност кон намалување на бројката на децата жртви, не само на државните институции и НВО секторот,туку и на индивидуите во општеството. Тие ги повикуваат сите релевантни фактори во државата да ги заштитат децата и на прво место да ги стават интересот на детето.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми