1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тендерите пак во сива зона - опасност да се укине контролата

ДТЗ
12 декември 2024

Место да се прошири опфатот на контролирани тендери поради ризик од корупција - контролата се укинува, реагираат од Платформата за борба против корупција. Незадоволство има и кај Антикорупциската комисија

тендери
Тендерите повторно во сива зона - со законски измени ќе се укине контролатаФотографија: Colourbox/M. Chab

Државната комисија за спречување на корупцијата е сериозно загрижена поради предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки, кои се носат по скратена постапка и без широка јавна расправа, експертска дебата и сеопфатна анализа на нивните последици. Тие посочуваат дека започнале со антикорупциска проверка на предложените измени и дополнувања на законот, којашто е дел од заложбите за навремено утврдување на ризиците од корупција и судир на интереси во законодавството.

Барање да се стопира постапката

Незадоволство од законските измени изрази и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Тие побараа веднаш да се стопира иницијативата за измена на Законот за јавните набавки по скратена постапка. Според нив, предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки, што ја спроведува Бирото за јавни набавки, претставуваат сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога, според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители, корупцијата во јавните набавки е широко распространета. 

„Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните ’црвени знаменца’ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции“, се вели во реакцијата. 

Антикорупциска проверка на законските измени

Иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, е поднесена во Собранието по скратена постапка на 5 декември од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов, Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драгана Бојковска, Зоранчо Јованчев, Игор Здравковски, Љупчо Пренџов. Предлог-измените веќе се најдоа на дневен ред на комисиите за финансирање и буџет, како и на 22. пленарна седница на Собранието.

Измените се предложени речиси во исто време кога во Северна Македонија беа приведени 23 лица за корупција во јавни набавки. Според дел од граѓанските организации, предлогот за законски измени за укинување на контролата од страна на Бирото за јавни набавки е порака којашто сериозно загрижува, особено ако се има предвид дека за злоупотреби со јавни набавки досега во земјата биле обвинети и екс премиери и министри. Па така, наместо да се стега обрачот околу корумпираните носители на јавни функции, предложената законска регулатива повторно ги враќа тендерите во сивата зона. 

Според ДКСК, загрижува фактот што во предложените измени се предвидува промена на составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, во исклучително краток рок од 15 дена, што отвора дополнителни прашања за транспарентноста и оправданоста на ваквите измени. 

Место да се стега обрачот околу корумпираните носители на јавни функции - тој се олабавува Фотографија: PantherMedia/Audtakorn Sutarmjam/imago images

Измени без јавна консултација 

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата укажува дека иако еднаш веќе беше повлечен предлогот, повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви било јавни консултации. Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите, се посочува во реакцијата. 

Според нив, особено загрижува моментот кога се предлагаат овие и низа други измени во законот, односно при „историски највисок буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, со што ваквите измени се чекор назад во градење на систем кој може да ја спречува  и ефективно да ја санкционира корупцијата“. 

„При какви било намери за измени на законската регулатива од доменот на јавните набавки, инсистираме да се организира консултативен процес во кој ќе учествуваат сите надлежни институции како Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Министерството за финансии, Државната комисија за спречување на корупцијата и граѓанските организации кои работат на антикорупциска проблематика“, велат од Платформата. 

Тие се децидни дека практиката на донесување законски измени во скратена постапка, без консултативен процес, особено за решенија кои може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, е неприфатлива и спротивна на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики. 

Филипче: Измените се чекор назад

И лидерот на СДСМ, Венко Филипче смета дека предложените измени на Законот за јавни набавки се несоодветни и се чекор назад, бидејќи со нив се елиминира контролата на Бирото за јавни набавки и составот на комисијата.

„Зошто да му правиме трик на системот? Ајде да одиме чекор напред во компатибилност со законите во Европската Унија. Истовремено апелирам Владата и Министерството за евроинтеграции сериозно да поработат на реформската агенда“, порача Филипче, кој е претседател на собранискиот Национален совет за евроинтеграции на пленарна конференција во Собранието.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми