Тенкови место возила - германскиот пазар на работа се менува
26 март 2025
Во германската индустрија има ново мешање на картите: додека во германски водечки компании како Фолксваген се губат работни места, производителите на тенкови и крстосувачки ракети очајно бараат нови вработени.
Една неодамнешна студија на консултантската куќа EY и Декабанк претпоставува дека „според сегашните бројки, европските земји на НАТО во наредните години во вооружување ќе инвестираат 72 милијарди евра годишно, со што ќе се отворат или осигураат 680.000 работни места во Европа“.
Студијата на консултантската компанија Карни доаѓа до слични резултати. Сепак, точниот број на квалификувани работници што недостасуваат зависи од тоа колку ќе се вооружуваат европските НАТО-држави. Ако тие во иднина трошат два отсто од своето економско постигнување на вооружување, како што налагаат правилата на НАТО, до 2030 година ќе има недостиг од околу 160.000 квалификувани работници. „При средно зголемување (2,5% од БДП) постои опасност непополнети да останат 460.000 работни места, а при значително зголемување (3%) дури до 760.000“, пишуваат авторите на студијата Гидо Хертел и НИлс Кулвајн. Посебен недостиг на стручњаци има во сферата на вештачка интелигенција и на големото количество на податоци, т.н. Big Data.
Одбранбените компании, како Рајнметал, во моментов имаат околу 60.000 вработени во Германија. Ако се вклучат и добавувачите, бројот е околу 150.000, вели Клаус-Хајнер Рел, експерт за одбрана во Институтот за германска економија (ИВ) кој е близок до работодавачите.
Каде да се најдат работници?
Производителите на артилериско оружје, радарска технологија и мотори за гасеничари, со оглед на очекуваната поплава на нарачки, не само што бараат нови работници, туку се во потрага и по производствени локации.
Што е поочигледно од тоа решение да се бара во секторите погодени од криза? „Профитираме од тешкотиите на автомобилската индустрија“, вели директорот на Хензолт, Оливер Дере во интервју за новинската агенција Ројтерс. Баварската компанија произведува радари кои, на пример, се користат во противвоздушната одбрана во Украина. Еден од системите „Хензолт“ е способен дури и да лоцира бомбардери како што е американскиот Ф-35.
Веќе се во тек разговори со добавувачите во автомобилската индустрија Континентал и Бош за преземање работници, потврдува Дере.
Во Герлиц, во источна Германија, на полската граница, одбранбената компанија КНДС ја презема фабриката на производителот на возови Алстом, која требаше да биде затворена во 2026 година. КНДС планира да преземе околу половина од 700-те вработени.
Производителот на тенкови сака во поранешната фабрика на железницата да произведува компоненти и модули за тенковите Леопард 2, Пума и Боксер. Производствототреба да започне веќе годинава.
Конкурентот Рајнметал исто така се потпира на луѓе кои доаѓаат од други индустрии: квалификуван работник кој претходно произведувал специјални компоненти за нафтената индустрија сега произведува цевки за тенкови во фабрика на Рајнметал во северна Германија. Поранешна козметичарка, пак, сега таму лакира тенковски гранати.
Што е дозволено, а што не?
Но, преминот од цивилна во одбранбена индустрија не е баш така лесен, објаснува Ева Брикнер во интервју за ДВ. „Промена е можна само на одредени позиции и функции“, вели консултантката за човечки ресурси, која е специјализирана за безбедносната и одбранбената индустрија. „Квалификувани работник кој работи на монтажна лента во Фолксваген и компанија обично може да работи и во одредени одбранбени претпријатија.“ Дури и развоен инженер може да започне да работи во одбранбената индустрија по одреден период на преквалификација, смета Брикнер, инаку шефица на консултантската куќа „Хајнрих и Кол“ во Минхен.
За други функции, како што се специјалисти за продажба или набавувачи, тоа не е можно. „Набавувач од автомобилската индустрија, кој е навикнат неговиот добавувач да реагира веднаш кога тој го бара тоа, не може така лесно да се префрли во одбранбената индустрија“, објаснува Брикнер.
Безбедносните проверки го ограничуваат бројот на апликанти
Ханс Кристоф Ацподиен, раководител на Сојузот на безбедносната и одбранбената индустрија, укажува и на една посебна карактеристика на компаниите за оружје: за многу вработени се задолжителни безбедносни проверки, а за нив е потребно време. „Роковите за издавање на овие дозволи во моментов се далеку од доволно кратки за да овозможат брза транзиција на релевантниот персонал“, вели тој за ДВ.
Во индустријата за оружје е важна листата на држави, која поставува високи барања за апликантите од земји кои претставуваат значителен ризик за безбедноста на Германија. Списокот на Министерството за внатрешни работи вклучува земји како Авганистан, Кина, Виетнам, Ирак, Иран, Сирија, Русија и поранешните советски републики. Дури и подолг престој во една од овие земји е исклучително проблематичен за вработување во индустријата за оружје.
Американски експерти на располагање?
Само во Германија и Европа нема да биде можно набрзина да се најдат доволно квалификувани работници и менаџери за индустријата за вооружување. И токму тука во игра влегуваат САД и американскиот претседател, вели Ева Брикнер: „Со оглед на тоа што Трамп почна да објавува кратења на истражувачките институти и универзитети, природно се појави можност за Европа“. Досега, САД, со своите елитни универзитети и големите истражувачки буџети, привлекуваа врвни таленти од целиот свет. „Но, ако сега се повлекуваат средства, тогаш тоа е можност за Европа да каже: Тогаш ние ќе бидеме моторот на иновациите. И ќе ги добиеме луѓето“.
Брикнер веќе добила барања од САД поради непродолжени зелени карти или врвни стручњаци кои веќе не се чувствуваат ценети на нивното работно место во САД. Многумина се прашуваат дали сакаат политички и геополитички да го поддржат новиот курс на САД, потенцира Брикнер. „Ова е огромна можност и треба да ја искористиме. Затоа што можеме да донесеме некои навистина паметни луѓе“.