1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензии и најави за бојкот пред одлуката за Законот за јазици

ДТЗ
6 декември 2024

Најавата на Уставниот суд дека на 11 декември ќе ја разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците предизвика тензии кај ДУИ и најави за бојкот на седницата на двајца судии Албанци.

македонско знаме
Тензии и најави за бојкот пред одлуката на Уставниот суд за Законот за јазициФотографија: MIA

Најавата на Уставниот суд дека на 11 декември ќе ја разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците предизвика тензии кај опозициската ДУИ и најави за бојкот на двајца судии Албанци коишто размислуваат да не учествуваат во одлучувањето.

Прашањето коешто подолго време ја бранува јавноста се очекува да кулминира идната недела. Демократската унија за интеграција (ДУИ) предупредува дека укинување на која било одредба од Законот за употреба на јазиците не е само правен чин, туку директен удар врз стабилноста и мирот на Северна Македонија.

„Овој закон е производ на сложен компромис, постигнат по години на макотрпни преговори и претставува темел на меѓуетничката еднаквост и заемната почит. Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина“, велат од партијата на Али Ахмети. 

Тие посочуваат дека ако Уставниот суд одлучи да го укине Законот за јазиците, кого го оквалификуваа како еден од клучните столбови на Охридскиот договор и меѓуетничката хармонија, последиците ќе бидат непоправливи и нема да можат да преземат одговорност за тоа што може да се случи потоа.

„Уставните судии од албанска етничка припадност јавно изјавија дека ќе ја бојкотираат оваа седница и одлучување, што го прави уште поопасно едностраното решение за укинување на одредбите од Законот за јазиците. Овој бојкот е јасен показател дека ваквите напори за укинување на 10 члена од овој закон имаат длабоко дискриминаторска природа и целат на ‘поништување’ на албанскиот јазик на институционално ниво“, велат од партијата.

Оспорување на легитимноста

Но, првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити вели дека јавноста дискутира за законот за употреба на јазиците токму поради нецелосните решенија и досегашните политики кои ги водела ДУИ.

Тој во петокот (06.12) од Тетово порача дека ова е чувствително прашање и дека треба разумно да се пристапи.

„Ова прашање да беше апсолвирано како што треба, да имаше закон за албанскиот јазик по сите теркови денес немаше да биде тема на дискусија“, вели Меџити.

Претходно тој рече дека има најави оти на седницата на Уставен суд, на која треба да се разгледува предметот за Законот за употреба на јазиците кој е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, нема да присуствуваат двајца судии. Тоа, според него, ќе значи дека одлуките нема да бидат легитимни. 

Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, во интервју за Канал 5 на 7 ноември рече дека станува збор за предмет за кој постои заклучок дека ќе одлучува полн состав. Тој е дециден дека не се доведува под закана законот за јазиците, туку само примената, како да се операционализира. Првичните најави беа дека Уставниот суд разгледува 13 иницијативи кои се однесуваат на Законот за употреба на јазиците.

За ДУИ - 11 декември е ден што може да промени се. Двајца уставни судии навестуваат дека нема да дојдат на седницатаФотографија: DW/P. Stojanovski

18 члена преку 13 иницијативи

Уставниот судија, Осман Кадриу, најави дека нема да учествува на седницата на 11 декември. Во интервјуто за Алсат вели дека пред Уставниот суд се оспоруваат 18 члена кои се поднесени преку 13 иницијативи од 46 субјекти, вклучувајќи академици, професори и политичка партија. Како што вели Кадриу, еден од неспомнатите спорови во Законот за употреба на јазиците е тој за исчезнување на терминот албански јазик, кој се користи во две одредби. Доколку се прифатат сите спорови, додава тој, самото постоење на законот како целина се доведува во прашање.

Во тензична и бурна атмосфера македонското Собрание во 2018 година го донесе Законот за јазици. Законот предизвика многу реакции во и надвор од парламентот. Со законот се предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

Само година и пол откако беше донесен, Законот за јазици се врати во жариштето на политичкиот интерес по објавувањето на нацрт-заклучоците на Венецијанската комисија. Таа ги повика властите на Северна Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни.

Правните експерти на Советот на Европа потенцираат дека во споредба со законодавството за 2008 година, овој закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми