1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензии меѓу Украинците и Ромите во Чешка

14 јули 2023

Во Чешка сѐ почесто се регистрираат судири меѓу тамошните Роми и украински бегалци. Два изолирани насилни инциденти доведоа до големи антиукраински демонстрации на Ромите

Ром убиен во Брно, Чешка
Во спомен на млад Ром кој бил убиен во Брно, ЧешкаФотографија: Monika Hlavacova/CTK Photo/dpa/picture alliance

„Украинци, одете си дома!“ „Ова е наша земја!“ „Бараме сигурност!“ Овие слогани ги извикуваа неодамна стотици демонстранти на улиците на чешкиот град Пардубице. Чешките Роми гласно протестираа против украинските бегалци поради тоа што сѐ повеќе се чувствуваат загрозени и маргинализирани.

Претходно дојде и до тепачка меѓу дваесетина Украинци и припадници на чешкото ромско малцинство во градот со 100.000 жители во централна Чешка. Полицијата уапси тројца мажи, еден Ром е префрлен во болница со рана нанесена од нож. Видео снимката од нападот со нож ги обиколи социјалните мрежи.

Ситуацијата во ромската заедница од средината на јуни е напната. Тогаш еден млад Ром во Брно во слична кавга беше убиен од Украинец. И во тој случај дошло до напад со нож. „Напаѓачот бил Украинец кому му пречела гласната музика на млади Роми во трамвај“, пренесе порталот Idnes.cz.

Протест на чешки Роми по убиството на млад Ром од еден Украинец во чешкиот град Брно Фотографија: Monika Hlavacova/CTK Photo/dpa/picture alliance

„Ова е наш дом!“

Неколку дена по убиството, во центарот на Брно беа одржани антивладини и антиукраински демонстрации предводени од проруски провокатори. Антивладини и антиукраински пароли беа извикувани и минатата недела, кога Роми од цела Чешка дојдоа на протест во Пардубице.

„Ова е наш дом“, извикуваа Ромите, барајќи заштита од „насилните украински криминалци“. Ги обвинуваа бегалците дека се агресивни и зависни од алкохол. „Сакаме да ѝ обрнеме внимание на владата дека и ние сме граѓани на оваа земја и да не одиме вооружени низ градот и да ги напаѓаме другите“, порачаа демонстрантите. Ромскиот активист Фердинанд Баник на новинарите им изјави: „Сакаме да живееме мирно. Последниот случај не е осамен. Има сѐ повеќе судири меѓу Украинци и Роми.“

Министерот за правда Павел Блажек меѓутоа ги критикуваше демонстрантите што не го пријавиле својот протест кај властите, со што го прекршиле Законот за собири. „Учествување на протест и повици да се дојде на демонстрација се незаконити. Уставот и законот мора да важат за сите, и за мнозинството и за малцинствата“, порача министерот преку Твитер.

Поддршка на Украинците на сметка на Ромите?

Голем дел од Ромите во Чешка зависат од социјална помош. Многу од нив сметаат дека украинските бегалци имаат повластен третман при доделувањето на социјална помош. Во текот на пролетта имаше неколку судири меѓу Украинци и Роми во просториите на Агенцијата за вработување, па и во Прага. Во неколку случаи ситуацијата морала да ја смирува полицијата.

Од почетокот на руската војна во февруари, Чешка прими стотици илјади бегалци од Украина. Околу 400.000 од нив моментално живеат во земјата со десет милиони жители. Порано имаа право на поголеми износи од чешките државјани кои зависат од помош – на пример живеењето во стан во целост им го финансираше државата. Но, тие привилегии сега се укинати за оние кои во земјата се подолго од шест месеци. Официјално, тоа би требало да создаде исти услови за сите кои живеат во Чешка.

Според чешки експерти, Ромите сметаат дека се обесправени и на пазарот на труд. Многу од нив веруваат дека чешките работодавачи работните места на кои вработуваа Роми, сега им ги даваат на Украинци. „Украинците се на повисока положба на општествената скала од Ромите“, укажува за порталот Denik N социјалниот антрополог Матоуш Јелинек.

Дезинформации од Русија

Згора на сѐ, како што вели за Дојче веле претставничката на владата задолжена за ромско малцинство, Луцие Фукова, проруски групи посебно целат на Роми во ширењето дезинформации и омраза против Украинците. Меѓу Ромите, кои во Чешка и без тоа се сметаат за граѓани од втор ред, има многу фрустрации.

Претставничката на владата за ромско малцинство, Луцие Фукова: проруски групи шират дезинформации и омраза против Украинците.Фотографија: Regierung der Tschechischen Republik

Дезинформациите можат лесно да поттикнат антиукраинско расположение и на социјалните мрежи. И во текот на пандемијата на коронавирус, малцинствата беа подложни на дезинформации, вели Фукова. „Сега дезинформативните кампањи пронајдоа нова тема: Украинците“, вели таа, а излез гледа во промовирање на образованието и оспособување на ромската заедница. Таа смета дека треба да се создадат услови кои би им овозможувале на Ромите завршување на школувањето и упис на повисоки школи.

Повеќевековна историја на Ромите во Чешка

Во Чешка живеат околу 250.000 Роми. Нивно присуствосе бележи во документите уште од раниот 15 век. Но, исто толку стара е и историјата на нивна дискриминација.Во текот на Втората светска војна многу од нив станале жртви на германскиот прогон. Логорите на смртта ги преживеале само околу 600 од нив. Но, по војната нивниот број повторно нагло се зголемил, меѓу другото и како последица на присилно преселување и доселување од истокот на тогашна Чехословачка и од соседните земји.

Протест на чешки Роми против дискриминација во Теплице, архивска фотографија од 2021 годинаФотографија: Ondrej Hajek/CTK/picture alliance/dpa

Дури и во текот на комунистичката ера, Ромите биле соочени со голема дискриминација, а потоа често биле на мета на десничарски екстремистички и расистички групи. И денес се социјално загрозени и често живеат во лоши услови.

„Ромите во Чешка и натаму се чувствуваат дискриминирани“, изјави во февруари годинава претставничката на Советот на Европа за човекови права, Дуња Мијатовиќ. Наспроти тоа, Чешка е горда на тоа како постапи со големиот бран од украински бегалци. Повеќе од 100.000 Украинци најдоа работа во Чешкадо пролетта оваа година, а деведесет проценти од украинските деца (околу 50.000) посетуваат чешки училишта. 

Истовремено, владата одлучно ги отфрлува наводите дека ќе има помалку средства за чешките граѓани, вклучувајќи ги и Ромите, поради третманот на украинските бегалци. „Издвојувањата за украинските бегалци се незначителни споредено со она што владата им го обезбеди на чешките граѓани во текот на енергетската и финансиската криза“, изјави чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски за Дојче веле.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми