1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензии со Србија: Косово го одложи спорното правило

БЈ/ агенции
1 август 2022

Група Срби во неделата со барикади ги блокираа патиштата до два гранични премина од Косово кон Србија. Причина – планираното воведување на регулатива за влез во земјата. Приштина во текот на ноќта попушти.

Spannungen zwischen Kosovo und Serbien
КФОР е подготвен да интервенира доколку е загрозена стабилностаФотографија: Laura Hasani/REUTERS

По тензиите на северот на Косово во близина на границата со Србија, Приштина најави дека засега ќе го одложи воведувањето на контроверзната мерка за планираните гранични контроли. Во соработка со меѓународните партнери, владата ветува одложување на примената на мерката за 30 дена, соопштија ноќеска од кабинетот на премиерот Албин Курти на Твитер. Предуслов е да се отстранат сите барикади и да се врати целосната слобода на движење. 

Владата ги осуди  „блокадите на патиштата на северот на Косово“  како и истрелите од страна на вооружени лица, се вели во соопштението. Приштина го обвини Белград за „агресивни дејствија “ во текот на попладневните и вечерните часови.  Српскиот претседател Александар Вучиќ  пак изјави дека ситуацијата во Косово никогаш не била „покомплексна“ за Србија и за етничките Срби. „Атмосферата е доведена до вриење“, рече Вучиќ, предупредувајќи дека „Србија ќе победи“ доколку бидат нападнати Србите, но и изразувајќи надеж дека ќе дојде до деескалација на ситуацијата во Косово.

Група Срби од Косово во неделата поставија барикади во областа со претежно српско население. Непознати лица истрелаа и куршуми во насока на косовските полицајци, но нема повредени, соопшти доцна вечерта во неделата полицијата во Приштина. 

Тензиите настанаа поради тоа што косовските власти од овој понеделник веќе не сакаа да ги признаваат српските лични документи на граничните премини. Србите требаше на граница да вадат привремен документ за влез. Косовската страна ова го гледа како мерка на реципроцитет. Косовските граѓани веќе подолго време при влез во Србија на граница добиваа  привремен документ, бидејќи Србија не ги признава косовските документи. Покрај ова, нови правила треба да важат и за автомобилските таблички – етничките Срби кои имаат регистарски таблички издадени од Србија ќе мора да ги променат за косовски регистарски таблички во рок од два месеци.

Курти и политичкото раководство се во контакт со американски и европски претставници и ветија дека спроведувањето на мерките се одложува за први септември, се вели во владиното соопштение. Претходно и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел и американскиот амбасадор во Косово, Џеф Ховенир повикаа да се одложат мерките. Борел ја поздрави одлуката на косовската влада и на Твитер додаде: „Очекувам веднаш да се отстранат сите блокади“, а нерешените проблеми треба да се решаваат преку дијалог со посредништво на ЕУ. Нормализација на односите меѓу Косово и Србија е основа за нивниот пат кон Европската Унија, е пораката на Борел. 

Безбедносната ситуација на северот на Косово е тензична, соопшти во неделата вечер и мисијата на НАТО КФОР. Тие будно ја следат ситуацијата и во согласност со нивниот мандат се „подготвени да интервенираат доколку е загрозена стабилноста“. Мисијата предводена од НАТО секојдневно се фокусира на гарантирање безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе во Косово. 

Во меѓувреме, Русија, која важи за сојузник на Србија, го обвини Косово за „провокации“. Портпаролката на Министерството за надворешни работи во Москва, Марија Захарова, според медиумите изјавила: „Ваквиот развој на настаните е понатамошен доказ за неуспехот на посредничката мисија на Европската Унија.“ Русија во повеќе наврати во минатото ги обвинуваше европските држави за години на наводно  неуспешно посредување во однос на Украина  и во овој контекст ја оправда својата агресивна војна против соседната земја, која ја започна на крајот на февруари.

Околу 50.000 етнички Срби, кои живеат во северниот дел на земјата, користат регистарски таблички и документи издадени од српските власти.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми