Кина започнa голема воена вежба околу Тајван
1 април 2025
Кина започна голема воена вежба околу островот Тајван. Ова го соопшти Народноослободителната армија на Кина. „Тоа е сериозно предупредување и одвраќање за сепаратистичките сили за независност на Тајван“, изјави портпаролот на Источната команда на кинеската армија Ши Ји.
Заедничките маневри на армијата, морнарицата, воздухопловните сили и ракетните единици ќе вклучи приближување кон островската република од различни правци и тестирање на „оперативните способности“ на војниците, се вели во соопштението. Сè уште не се достапни бројки за бродовите и авионите кои учествуваат во вежбата.
Тајван забележал носачи на авиони и воени бродови
Кинеската воена команда одговорна за операциите долж Тајванскиот теснец објави графика со наслов „Опколување“. На неа се прикажани бродови и борбени авиони кои го опкружуваат островот. Друга слика дистрибуирана од војската го прикажува тајванскиот претседател Лаи Чинг-те како инсект кој се пече на отворен оган.
Според информациите од Тајван, во близина на островот биле забележани носачот на авиони Шандонг и 19 кинески воени бродови. Министерството за одбрана во Тајпеј соопшти дека внимателно ги следи активностите на Кина.
Кинеската војска спроведува редовни вежби
Кинеската Народноослободителна армија речиси секојдневно вежба со воени бродови и воени авиони во близина на Тајван. Пекинг смета дека островската република е дел од нејзината територија, иако со децении има демократски избрана влада независна од Пекинг. Народната република сака да го анектира Тајван и веќе се закани дека ќе користи војска доколку тоа не може да се постигне по мирен пат. Демократската прогресивна партија, која Пекинг ја смета за сепаратистичка бидејќи тајванската независност е дел од нејзината програма, владее во Тајпеј од 2016 година. Сепак, претседателот Лаи Чинг-те веќе изјави дека не сака да прогласи формална независност бидејќи островската држава е веќе независна земја.