1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За нови документи слободни термини дури во ноември

ДТЗ
9 август 2023

Доколку немате лични документи со новото име на државата- Северна Македонија, ве очекува критичен период. Рокот за замена на документите е краток, а термини речиси и да нема.

пасоши
Ситуацијата е секогаш напрегната за време на летните одмори, кога во последен миг се вадат нови пасоши за патувањеФотографија: Petr Stojanovski

„Ве молиме почекајте, сите оператори во моментов се зафатени“ - ова е најчестата автоматска порака која што ќе може да ја слушнете деновиве доколку се обидете да стапите во контакт со операторите за закажување термини за вадење на нови лични документи во МВР. Ситуацијата е секогаш напрегната за време на летните одмори, кога во последен миг се вадат нови пасоши за патување, но сега нервозите се неколкукратно зголемени ако се знае дека се ближи рокот за замена на старите документи кои ја немаат новата ознака на државата „Северна“ или „НМК“. 

Најголем притисок во Скопје 

Најголем притисок има во Скопје. Оние најупорните коишто повеќепати ќе свртат на телефонските линии на МВР, слободни термини за нови пасоши во главниот град можат да резервираат за крајот на ноември или почетокот на декември. Малку порелаксирана е ситуацијата во помалите градови, каде термини можат да се обезбедат веќе во наредните недели. 

Дел од граѓаните се жалат дека чекаат предолго време да извадат документи, велат дека телефонските броеви за закажување се постојано зафатени, а електронското закажување речиси и не функционира, оти кога ќе го изберете саканиот термин веднаш ве насочува да побарате нов на кол-центарот на МВР. 

Граѓаните поитаа да ги заменат документите кои го содржат натписот ,,Република Македонија“ со патни исправи со новото уставно име на државата – Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

Итни термини нема ни за лек 

За многумина досега беа спас итните термини за вадење документи, за кои се плаќа повеќе од стандардната процедура (6.400 денари за образец и такса) , но МВР треба да го издаде документот најдоцна во рок од 48 часа од часот на поднесувањето на барањето за издавање на пасош. Но, и за итни термини во Скопје треба да се чека до 22 август. 

Од МВР велат дека се обидуваат да им излезат во пресрет на барањата на сите граѓани, поради што на пунктовите за вадење нови документи се работи во две смени до 19.30 часот.  Поради тоа што се воведуваат нови термини за вадење документи за време на викендите - може да се случи некој да се добие термин и во многу поскоро време. 

Законска обврска 

До февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои место досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име- Република Северна Македонија, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција.

Нови документи се обврзани да извадат и оние чии документи сè уште важат, но се издадени со старото име на државата. За многумина ваквата законска обврска ќе значи и зголемен товар за буџетот, ако се има предвид дека рипнаа цените на услугите во МВР. Во просек, за новите лични документи едно четиричлено семејство ќе треба да издвои околу 3.000 денари повеќе. 

По 12 февруари 2024 година старите документи нема да важат, ниту една институција нема да ги прифаќа како важечки документ, нема да може да се подигаат пари во банка, да се вози или да се патува со документи на кои пишува Република Македонија. За неважечки документи предвидена е и парична казна.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми