1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Болни сеќавања на теророт на Олимпијадата во Минхен

Петер Хиле
26 август 2022

11 израелски спортисти и еден полицаец загинаа во нападот на палестински терористи во Олимпиското село во Минхен. Германија тешко и контроверзно се справуваше со трагедијата на Олимпијадата отворена пред точно 50 години.

Уништен хеликоптер по драматичните случувања на воениот аеродром Фирстенфелдбрук во 1972 година
Уништен хеликоптер по драматичните случувања на воениот аеродром Фирстенфелдбрук во 1972 годинаФотографија: dpa/picture alliance

Ханс Фелкел и ден денес се вознемирува кога ќе слушне звук на ротори од хеликоптер бидејќи го асоцираат на татнежот од двата хеликоптера од типот Бел-УХ 1 кој го следи уште од ноќта на 6 септември 1972 година. Фелкел тогаш бил војник на Бундесверот стациониран во воздухопловната база Фирстенфелдбрук. Бил ноќна смена во кулата, задолжен за пилотите кои слетувале таму. Тогаш 21-годишно момче, драмата во Олимпиското село, на само 20 километри оддалеченост од Минхен, ја следел на телевизија. Тоа утро палестински терористи упаднаа во просториите на израелскиот олимписки тим. Ги застрелаа кревачот на тегови Јозеф Романи и тренерот по борење Моше Вајнберг, а уште девет Израелци ги земаа во заложништво.

Часови на страв во Олимпиското село

Вечерта, осум терористи со нивните деветмина заложници се качија во два хеликоптера. Не им пројде барањето да бидат ослободени од затворите во Израел и Германија нивни истомисленици. По неколку часа преговори, германскиот министер за внатрешни работи Ханс – Дитрих Геншер им вети безбеден премин во египетскиот главен град Каиро. Хеликоптерот требаше да ги однесе до аеродромот Рим каде им беше речено дека ги чека авион.

Арапски терорист преговара со тогашниот министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер Фотографија: picture alliance / dpa

Но, наместо тоа пилотите на граничната полиција ги однеле во воздухопловната воена база во Фирстенфелдбрук. Фелкел во разгововор за ДВ се присетува дека хеликоптерите пристигнале во базата околу 22.30 часот и слетале точно пред прозорецот од неговата канцеларија на приземјето.

Фијаското од Фирстенфелдбрук

Планот на полицијата бил снајперисти да ги застрелаат терористите и да ги ослободат заложниците. Но, планот тргнува наопаку. Терористите возвраќаат со калашникови, а од германската страна не се знае кој што прави. Никогаш порано не биле тренирани за ослободување заложници. Полицајците немаат радио контакт, при што дел биле изложени на огнот од колегите.

Фелкел и неговите соборци од Бундесверот воопшто не биле информирани дека терористите и заложниците ќе бидат донесени во базата. „Едноставно упаднавме во сето тоа оти бевме ноќна смена. Никој претходно ништо не ни кажа,“ вели Фелкел. Тој се сокрил зад радијаторот додека куршумите му летале над глава. Само неколку метри од неговата канцеларија е погоден полицаец. „Антон Флигебауер беше покосен. Лежеше таму со куршум во главата.“

Напад врз фестивалот на мирот

Размената на оган траела до полноќ. Потоа следи експлозија. Еден терорист фрлил граната врз еден од хеликоптерите во кој сѐ уште имало врзани заложници. Утрото кога се разденило станало јасно – покрај полицаецот Антон Флигербауер застрелани се уште петмина терористи. И ниту еден од израелските заложници не го преживеа нападот.

Имињата на убиените израелски спортисти на сомен-плоча во МинхенФотографија: Peter Hille/DW

Со Олимписките игри во Михен Германија сакаше на светот да му го покаже своето пријателско лице. Тоа требаше да биде „Фестивал на мирот“, само 17 години по војната и убиството на 6 милиони Евреи од Германците. Но, повторно се убиени Евреи на германско тло – а, германската држава се покажа некадарна да ги заштити.

40 години молк

По еднодневна пауза и комеморација, Олимписките игри во Минхен продолжија. Нема никакво извинување од политичарите, ниту од полицијата за фијаското од Фирстенфелдбрук. Не е формирана никаква истражна комисија и никој не презема одговорност за неуспешната мисија за ослободување, ниту за неприфаќањето помош од израелските специјалци. Со децении семејствата на жртвите мораа да се борат за да дојдат до истражните досиеја. И до ден денес се борат за повисока отштета. Не сакаат да имаат ништо ниту со одбележувањето на 50-годишнината од трагичниот настан во Минхен.

„Сведоците, жртвите и нивните семејства беа третирани како здодевни роднини од село,“ вели Лудвиг Шпенле. Тој е баварски комесар за антисемитизам и е посветен на расветлување на атентатот. Германија тогаш не успеа да се справи со теророт. „И она што следеше потоа е исто така драматичен неуспех на државата“, вели Шпенле за ДВ. „Свесно и намерно решија работите што може побрзо да се заборават. Сè премолчеа. Немаше никакво сеќавање на жртвите,“ вели тој. Од пред едвај десет години се првите обиди да се направи нешто во знак на сеќавање, со поставување споменик во Олимпискиот парк.

Потисната траума

Што побрзо можно враќање на секојдневието – ова во 1972 важеше и за луѓето како Ханс Фелкел. Летовите во Фирстенфелдбрук набрзо повторно се воспоставија, иако кај кулата уште имаше урнатини, се сеќава Фелкел. Тие не добиле никаква психијатриска поддршка, а лекарите тогаш препорачувале чашка коњак по претрпениот стрес.

Ханс Фелкл и Ана Улрике Бергхајм во надзорната кулата во ФирстенфелдбрукФотографија: Peter Hille/DW

„Човек се обидува да ги потисне таквите трауматски искуства“, вели Ана Улрике Бергхајм. Претседателката на Историското здружение Фирстенфелдбрук со години трага по сведоци на атентатот. Така го пронашла и Ханс Фелкел и останатите. Таа сега веќе точно може да каже кој бил каде во која просторија од кулата ноќта на 6 септември 1972.

Справување со сеќавањата

„Очевидците доживеаното секако го немаат процесирано,“ вели Бергхајм за ДВ. „Многу од сведоците се појавуваат денес бидејќи дури сега се подготвени да зборуваат за тоа што го преживеале.“ Не биле запоставувани само роднините на жртвите, вели Бергхајм.

„За 50 години ниту една официјална институција не се погрижила околу лицата кои биле таму таа вечер, полицајците, возудхопловците, пожарникарите врз кои било пукано додека гаселе оган. Никој од овие луѓе 50 години не бил запрашан – како се справувате со сеќавањата?“

Ханс Фелкел денес отворено зборува за тоа што го преживеал ноќта на 6 септември 1972 година. За тоа како ги видел телата на Андре Шпицер и Јозеф Гутфројнд во хеликоптерот, со врзани раце. Вели, до сега не побарал контакт со роднините на жртвите. Не сака да се наметнува. Ако некој му се обрати, тоа е нешто сосем друго. И 50 години по масакрот во Минхен, се чини дека има уште многу што да се каже.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми