1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тежок самит на ЕУ: Многу проблеми, малку време за решавање

Бернд Ригерт
15 декември 2022

Самитот на ЕУ треба да трае само еден ден. Но, листата на проблеми е доста долга: енергетска криза, војната на Русија, државите од Западен Балкан и проблематичната Унгарија.

Шефовите на држави или влади сакаат да го обезбедат снабдувањето со енергија на Европа - но како?
Шефовите на држави или влади сакаат да го обезбедат снабдувањето со енергија на Европа - но како?Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/N. Economou

Вообичаено декемвриските самити на врвот на ЕУ траат по два дена. Но, годинава претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел реши средбата на 27 шефови на држави и влади да ја скрати на еден ден. На многу ЕУ-дипломати во Брисел не им е јасно зошто ваква одлука, бидејќи листата со проблеми за кои треба да се разговара на крајот од оваа година на криза и војна, е навистина долга.

Затоа Брисел очекува мачна долга ноќна седница која ќе трае до петок наутро. Ускратување сон е испробана и проверена тактика при преговори во ЕУ. Така се уморуваат тврдоглавите шефови на држави или влади и на крајот се пронаоѓа компромис со кој сите некако ќе се сложат.

Една цел важи и за овој самит: „Единството е клучот“, напиша во поканата за средбата, претседателот на Советот, Шарл Мишел. ЕУ сака да делува суверено и одлучно, за да ѝ покаже на Русија дека одговорот на Унијата на руската војна во Украина е недвосмислен.

„Украина, како и секогаш, е во центарот на нашите напори“, вели Мишел. ЕУ мора да даде одговор на руската ескалација и користењето на зимата како оружје. Покрај хуманитарната помош на Украина ѝ треба и долгорочна потврда дека ќе добиваат воена и финансиска помош. За ова ќе се дебатира на самитот. Што сè е денеска на дневен ред?

И на овој самит во фокусот е руската инвазија на Украина и последиците за земјата и за ЕУФотографија: Philip Reynaers/BELGA/dpa/picture alliance

Финансиска помош за Украина

Откако Унгарија се откажа од отпорот, ЕУ следната година може да ѝ даде директна финансиска помош на Украина од 18 милиони евра со кои земјата ќе може да исплаќа плати и пензии. Дополнително, уште 5,5 милијарди евра ќе бидат уплатени во „Европскиот мировен фонд“ со кои ќе може да продолжи финансирањето оружје и муниција за украинската армија.

Украина бара повеќе системи за противвоздушна одбрана - кој ќе испорача?Фотографија: Simon Jankowski/NurPhoto/picture alliance

Европската комисија предложи на Украина да ѝ се одобри неколкугодишна буџетска поддршка за Киев да може подобро да ги планира средствата. Останува да важи реченицата која произлегува од сите ЕУ-самити годинава: „ЕУ ќе ѝ помага на Украина сè додека е потребно.“ Но, останува контроверзно прашањето кое оружје смее да ѝ се испорача. Дали на листата може да бидат вклучени и одбранбените системи Патриот од залихите на Бундесверот?

Проширување на санкциите за Русија

И покрај интензивните преговори, ЕУ до почетокот на самитот имаше проблем да постигне единство за деветтиот пакет санкции за Русија. Според информации од дипломатски кругови на ЕУ, унгарската влада се обидела да отстрани некои луѓе од Русија од листата на санкции. Околу 200 руски функционери треба да бидат казнети со забрана за влез во ЕУ и замрзнување на нивните имоти поради напади на инфраструктурата во Украина.

Унгарија, која сè уште одржува добри односи со Кремљ, секогаш се колеба околу вакви мерки. Во јуни, унгарскиот премиер Виктор Орбан успеа да протурка рускиот патријарх Кирил да не биде санкциониран. Поглаварот на руската црква се смета за близок сојузник на Владимир Путин.

Енергетска криза во ЕУ

Годинава, по рускиот напад на Украина, ЕУ драстично го намали увозот на јаглен и нафтаод Русија и воведе санкции. Русија пак драстично го намали извозот на гас во ЕУ, иако природниот гас не е под санкции. Тоа доведе до експлозија на цените на енергетските пазари. ЕУ реагираше со премин кон други добавувачи, во најголем дел на течен гас од САД и Катар, како и со мерки за штедење. Земјите членки на Унијата сакаат да ги ублажат високите цени со помош на цел пакет различни ограничувања на цени и директни субвенции.

Терминал за течен гас во Брунсбител, ГерманијаФотографија: Marcus Brandt/dpa/picture alliance

И покрај повеќемесечните преговори, 27те држави членки не успеаја да се договорат за горната граница на набавна цена за природниот гас на глобалниот пазар за цела ЕУ. Половина од земјите во Унијата, вклучително и Франција и Италија бараат ограничување на цената за купување. Другата половина, вклучително и Германија и Холандија, ја отфрлаат опцијата за строго ограничување на цените, бидејќи со тоа може да се загрози снабдувањето. Добавувачите на гас би можеле да ги пренасочат своите бродови во Азија, каде ми можеле да постигнат повисока, неограничена цена.

Европската комисија како компромис предложи ограничување на цената на гасот на 275 евра по мегават час, што би се применувало само во случај на екстремно високи цени. Досега владите на државите во ЕУ не успеаја да се договорот околу оваа „кочница во случај на опасност“. На овој самит се очекува долга расправа по ова прашање. 

Не е постигнат договор ниту за заедничка платформа на добавувачи на гас од ЕУ. Тие би требало да ги здружат своите пазарни сили и да ги искористат за заедничка набавка на гас, со што би се влијаело врз намалување на цените. Во ова би требало да учествуваат и компании од земјите кандидати за влез во ЕУ, односно земјите од Западен Балкан.

Русија со сенишна флота го заобиколува нафтеното ембарго

01:15

This browser does not support the video element.

Уште повеќе задолжувања?

Канцеларот Олаф Шолц на претходните самити ги отфрлаше критиките на бројни земји членки на сметка на германскиот пакет помош вреден повеќе милијарди евра за поддршка на домаќинствата и компаниите во Германија. „Двојниот пакет“ од 200 милијарди евра прави дисторзија на внатрешниот пазар на ЕУ, критикуваше Франција, но и други земји.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен сега зборува за нов европски „Фонд за суверенитет“ кој би можел да се користи за финансирање на инвестиции во нови извори на енергија и инфраструктура. Овој предлог наиде на различни реакции во Европскиот парламент.

„Инвестицискиот фонд треба да биде голем како програмата за обновување на ЕУ NextGenerationEU“, сугерира европратеникот на Зелените, Расмус Андресен. Тоа би биле 750 милијарди евра, кои за прв пат ќе бидат финансирани преку заедничкиот долг на ЕУ за фондот за закрепнување по Корона. Против таков фонд е европратеникот Маркус Фербер од Демохристијаните: „Не може одговорот на Комисијата на ЕУ за секој проблем да претставува нов инвестициски пакет финансиран од долгови. Иако Комисијата може да гледа поинаку, со нови ќе долгови сигурно нема да станеме посуверени“, критикува тој.

Така една од темите на самитот ќе бидат и инвестициските програми и државните поддршки. Ни по ова прашање не се очекуваат конечни одлуки.

Западниот Балкан чека

Минатата недела лидерите на ЕУ во Тирана се состанаа со претставниците на шесте држави од Западен Балкан и ветија забрзување на пристапните процеси кои се окарактеризирани како „геостратешки важни“. На овој самит би можело Босна и Херцеговина да стане петтата земја од балканската група која ќе добие кандидатски статус. Тоа значи дека релативно нестабилната држава би направила чекор поблиску до пристапни преговори.

Самит за Западен Балкан во Тирана, 6.12.2022Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Косово, кое не е признаено како држава од Србија, но и од пет земји членки на ЕУ, би требало да поднесе официјално барање за членство во ЕУ, што е прв од многуте чекори до пристапување во Унијата. Европската Унија очекува Србија и Косово да си ги решат своите конфликти. Откако пред неколку дена на Косово беше нападната мисијата на Еулекс, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел итно ги повика двете страни на преговори, кои би требало да доведат до конкретни резултати до почетокот на овој самит на Европската унија.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми