ТикТок веројатно нема да биде исклучен во САД
17 јануари 2025Во недела (19.01) можеби ќе дојде до исклучување на популарната платформа ТикТок во САД. Според американскиот закон за странска контрола на онлајн платформите, тогаш ќе истече рокот од 270 дена за промена на сопственоста на оваа мрежа. Ако ТикТок сè уште е во сопственост на групацијата Бајтденс со седиште во Кина, апликацијата ќе биде отстранета од американските платформи за преземање на Епл и Гугл и ќе го изгуби пристапот до инфраструктурата. Но, во меѓувреме станува сѐ поизвесно дека платформата сепак може да има иднина во САД.
Бајден очигледно не сака да ја спроведе забраната на ТикТок
Недела е последниот ден на Џо Бајден како претседател на САД. Следниот ден, во Белата куќа се сели Доналд Трамп. Администрацијата на Бајден во заминување ќе мора да го спроведе исклучувањето на ТикТок, но таа очигледно не сака да го стори тоа. „Американците не треба да очекуваат ТикТок одеднаш да биде забранет во недела“, изјави анонимен владин претставник за Ен-Би-Си. Како што се вели, се испитуваат опциите за соодветно спроведување на законот.
Бајден со закон може да го продолжи рокот на ТикТок за три месеци. Сепак, предуслов за ова е да има ветувачки преговори за продажба, а ТикТок и Бајтденс досега одбиваа дури и да зборуваат за разделба. Но, Белата куќа сигнализира дека насловите во врска со ТикТок не треба да ги засенат последните денови на Бајден на функцијата.
Рокот истекува за време на викендот, еден ден пред инаугурацијата на новиот претседател, „и следната администрација ќе треба да го спроведе тоа“, се вели од Белата куќа, а јавува Еј-Би-Си. Американски официјален претставник за новинската агенција АП изјави дека спроведувањето на законот ќе биде оставено на идниот претседател Трамп.
Трамп веќе не сака да се ослободи од ТикТок
А токму тој се чини нема интерес за забрана - веќе не. За време на неговиот прв мандат, Трамп се обиде да принуди продажба на ТикТок. Во меѓувреме, тој вели: „Зошто би сакал да се ослободам од ТикТок?“ Трамп беше успешен на платформата и во текот на предизборната кампања преку платформата допре до голем број млади луѓе.
Иако и новиот претседател мора да го почитува законот, неговиот табор истражува какви правни потези би можеле да се преземат. „Ќе преземеме акција за да се осигураме дека ТикТок нема да биде исклучен“, изјави идниот советник за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, за Фокс њус. Тоа треба да му даде на Трамп повеќе време да преговара за договор.
Загриженост за влијанието на Кина
Минатата година, самиот Валц гласаше за законот како републикански конгресмен. Тој рече дека на Кина мора да ѝ се оневозможи пристап до милиони Американци за пропаганда и собирање податоци. Сега Волц сè уште уверува дека Трамп сака да ги заштити податоците на американските корисници. „Конзервативците секако не сакаат кинеските комунисти да добијат лозинки и податоци и да можат да влијаат врз американскиот народ“, рече тој.
Во САД, постојат предупредувања дека кинеската влада може да добие пристап до податоците на американските корисници преку ТикТок и да ја злоупотреби платформата за пропаганда. ТикТок и нејзината матична компанија Бајтденс го негираат ова. Членовите на Конгресот во Сенатот и Претставничкиот дом добија доверливи брифинзи за ризиците поврзани со ТикТок, но американската влада не ги објави доказите за наводите против апликацијата.