1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

Како настанала Ноќта на вештерките?

БЈ/ агенции
31 октомври 2024

Култ или бизнис? Антички пагански погребен обичај или празник со христијански корени? Што всушност се крие зад Ноќта на вештерките? И каква врска има денот со тиквите?

Ноќта на вештерките
Ноќта на вештеркитеФотографија: JULIO CESAR AGUILAR/AFP

Некои луѓе со недели со нетрпение го очекуваат празникот и си ги украсуваат становите и градините со тикви, свеќи и секакви морбидни предмети. За други пак, целиот празник е хорор. Католичката новинска агенција (КНА) одговара на прашања во врска со Ноќта на вештерките.

Празникот се слави секогаш на 31 октомври. Нејасно е од каде потекнува, но корените се поврзуваат и со келтската и со христијанската традиција. Некои Ноќта на вештерките ја толкуваат и како транзиција пред темните зимски месеци.

Светот во Хеловин-треска

01:55

This browser does not support the video element.

Од „all Hallows eve(ning)“ стана Хеловин, односно „Ноќта на вештерките“. Името се однесува на вечерта пред Денот на сите светци, кој црквите од секогаш го празнуваат на 1-ви ноември почнувајќи од далечната 835 година. Често се тврди дека празникот се заснова на древен пагански култ на смртта. Дали ова е точно?

Многумина Ноќта на вештерките ја поврзуваат со две илјади годишниот келтски празник Самхаин, кој што го означува преминот од сезоната на жетва во зима и се слави во ноќта од 31 октомври до 1 ноември. Според легендата, портата кон „оној свет“ тогаш е отворена - границата меѓу животот и смртта – а, преку неа во човечкиот свет можат да влезат и самовили и духови.

Потеклото на Ноќта на вештерките веројатно е од ИрскаФотографија: Clodagh Kilboyne/REUTERS

Но, како настана од тоа Ноќта на вештерките?

Први докази за овој обичај датираат од доцниот среден век, особено во Ирска, но и во Шкотска. Бидејќи Ирска многу рано е станата христијанска, некои експерти претпоставуваат дека Самхаин и Денот на сите светци постепено се претопиле еден во друг. Меѓу другото, се зборува и за покани за вечера во пресрет на Денот на сите светци. Децата пак оделе од куќа до куќа за да собираат донации, а некои од овие „прошетки“ биле поврзани и со милостина за сиромашните.

Зошто се мисли дека Ноќта на вештерките потекнува од САД?

Според сегашните истражувања,  обичајот во САД се појавил дури со бранот на ирската емиграција во 19 век. Од таму бил „реувезен“ во Европа преку американски војници стационирани на континентот и популарната серија хорор филмови „Ноќ на вештерките“ (од 1978 година). Составниот дел од одбележувањето на празникот станува сè попопуларен од 90-тите години, делумно и поради тоа што деловниот свет откри како да го капитализира.

Хеловин во САДФотографија: Mario Anzuoni/REUTERS

Како се слави Ноќта на вештерките?

Обичајот од САД, маскирани деца да одат од куќа до куќа и да им се закануваат на домаќините со изреката „trick or treat“ доколку не добијат бонбони е преземен и во Германија каде децата ѕвонат и бараат „слатко или кисело“. На забавите за  Ноќта на вештерките  и возрасните се облекуваат што е можно поморбидно.

Во САД најпопуларни костими за Ноќта на вештерките меѓу возрасните во последниве години се вештерка, вампир и суперхерој. Децата најмногу сакаат да се преправаат во принцези, суперхерои или Спајдермен. Не се изоставени ниту животинските членови на семејството, па така Американците своите кучиња и мачки најчесто ги облекуваат во костим од тиква.

Хорор-костими за Ноќта на вештеркитеФотографија: Chalinee Thirasupa/REUTERS

Што мислат Германците за Ноќта на вештерките?

Зависи од тоа кого прашуваш. Секој кој сака забава со маски, или да заработува од празникот веројатно е поотворен за сѐ што носи Ноќта на вештерките. Во истражување на Југов од октомври 2022 година, само 18 проценти од Германците навеле дека празникот има некакво значење за нив. Во други истражувања, многумина го критикуваат премногу комерцијалниот аспект на денот.

Каква е врската на празникот со тиквите?

Издлабените тикви со гримаси  и свеќи веројатно почиваат на ирската легенда дека злобниот ковач по име Џек по неговата смрт не дошол во рајот. Но, никаквецот го измамил дури и самиот ѓавол, па ни тој не можел да ја земе неговата душа. Па така му останало само парче усвитен јаглен што го ставил во издлабена репка. Се вели дека до денес со оваа светилка талка низ студените ноќи. Ирците наводно со слични светла во темното годишно доба потсетувале на судбината на ковачот. Бидејќи репа не растела во Северна Америка, новодојденците ја зеле тиквата како замена.

Колку Ноќта на вештерките е фактички бизнис?

Истражување на Германското здружение за трговија од 2023 година објави рекордна продажба од околу 480 милиони евра во најголем дел потрошени за украси, костими и шминка. Сепак, само 13,5 проценти од сите испитаници рекле дека сакаат да трошат пари на артикли за празникот. Во 2019 година само 8 проценти одговориле потврдно на прашањето, а приходите во истата година изнесувале 320 милиони евра.

Американците и своите кучиња и мачки најчесто ги облекуваат во костими на Ноќта на вештеркитеФотографија: Yuki Iwamura/picture alliance/dpa/AP

Во САД приходите се многукратно повисоки. Ноќта на вештерките се смета за најпрометен празник по Божиќ. Според анкета од 2021 година, граѓаните на САД сакале да потрошат околу 10 милијарди долари на производи поврзани со празникот. Сепак, трошењето околу Божиќ е над трилион долари.

Каков е ставот на Црквата за Ноќта на вештерките?

Долго време, претставници на црквата ги критикуваа костимите на ѓаволи и вампири во пресрет на Денот на сите светци како несоодветни и посочуваа дека така се деградира споменот на мртвите. Во Протестантската црква на многу луѓе им беше трн во око тоа што Ноќта на вештерките и Денот на реформацијата се одбележуваат на ист ден. Меѓутоа, многу претставници на Црквата во меѓувреме имаат поопуштен став во однос на празникот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми