1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МузикаСоединети Американски Држави

Тина Тарнер: збогување со Кралицата на рокот

Сузане Кордс
25 мај 2023

Повеќе од пет децении настапуваша на концерти ширум светот, а од 2009 година живееше повлечено. Тина Тарнер, кралицата на рокот и неуморен борец, почина на 83-годишна возраст.

Тина Тарнер на концерт во Минхен во 1985 година
Тина Тарнер на концерт во Минхен во 1985 годинаФотографија: Sven Simon/dpa/picture alliance

Чиста енергија во потпетици, мини здолниште и лавовска грива – така фановите ја познаваат Тина Тарнер. Додадете го на тоа и оној длабок, рапав глас со кој влезе во музичката историја и го обезбеди своето место на Олимп за најдобрите рокери на сите времиња.

На нејзината последна светска турнеја во 2009 година, имаше повеќе од милион гледачи - тогаш таа имаше 69 години. Вчера, на 24 мај 2023 година, на нејзината страница на Инстаграм беше објавено дека рок легендата починала на 83-годишна возраст.

Збогум за шоу-бизнисот

Тина Тарнер го одржа својот последен концерт на 5 мај 2009 година во Шефилд, Англија. Се разбира, во полна сала. И тогаш конечно беше готово. „Тоа беше одлично шоу, навистина прекрасно“, изјави таа за Би-би-си години подоцна во едно од нејзините ретки интервјуа. А еден ден по Шефилд, длабоко вдиши и реши: „Ова е тоа. Нема шанси да се вратам на тоа“. Повеќе од 50 години таа речиси секоја ноќ ја поминуваше во автобус, авион, автомобил или во хотел. „Постоеше само таков живот за мене и во еден момент не сакав повеќе да пеам и да танцувам. Сакав да бидам дома и да бидам сосема нормална.“

Тина Тарнер на концерт во Келн кој беше дел од нејзината проштална турнејаФотографија: Hermann J. Knippertz/AP Photo/picture alliance

Дома, тоа за неа беше вила во близина на Киснахт на Циришкото езеро од 1990-тите. На имот од околу 5.000 квадратни метри во Швајцарија, кој го нарече „Алгонкин“ по нејзината баба Индијанка, Тина уживаше без шоу-бизнисот, заедно со својот сопруг, Германецот Ервин Бах.

Расна сегрегација и страст за музика

Таа е родена како Ана Меј Булок на 26 ноември 1939 година и пораснала на фарма во малиот град Натбуш во Тенеси. Нејзиното семејство берело памук, а во тоа време сè уште имаше расна сегрегација во САД. Како дете, таа морала да ја наведне главата кога зборуваше со белец: „Да господине, не господине...“ Во неделите Ана Меј пеела во црковниот хор.

Во 1955 година, таа се преселила во Сент Луис и нејзиниот живот ќе се промени откако го запознала Ајк Тарнер, еден од пионерите на соул музиката. Двајцата се запознале во клуб каде веќе популарниот Ајк свирел со својата група Кингс оф ритам. Седумнаесет годишната Ана Меј спонтано го земала микрофонот и испеала еден од хитовите на ББ Кинг. Тоа беше почетокот на нејзината кариера без преседан. Ајк ја ангажирал на лице место како придружен вокал за неговата група.

Ана Меј Булок станува Тина Тарнер

Таа ја добила својата голема шанса во 1960 година. Арт Лејзитер, фронтменот на групата Ајк Тарнер бенд, требал да ја сними песната „Фул ин лав“, но бидејќи тој не се појавил, Ајк и го дал микрофонот на младата Ана. Тоа беше нејзиниот прв хит, кој се искачи на 27-то место на американските топ листи. Од промотивни причини, Ајк набрзо ја преименувал младата пејачка Тина и од хорот во кој пеела во позадина и ја ставил во центарот на вниманието. Оттогаш тие заедно ја обиколија земјата под името „Ајк и Тина Тарнер“.

Сцена од документарниот филм „Тина“Фотографија: Universal Pictures/dpa/picture alliance

Тие двајца приватно станале двојка. Се венчале во 1962 година во Мексико и добиле два сина. Професионално работите оделе сѐ подобро и подобро.

Бегство од брачниот пекол

Заедничка турнеја со Ролинг Стоунс, редовни настапи во Лас Вегас, нов профитабилен договор со издавачка куќа и повисоки хонорари за настапи во живо - тоа биле успешни години за Ајк и Тина Тарнер. Тие одржуваале 270 концерти годишно, а со песната „Прауд Мери“ во 1970 година за првпат влегоа во првите десет на американските топ листи. Синглот е продаден во милиони копии, а Тина ја доби својата прва Греми награда за најдобар Р&Б женски вокал.

Како уметничка двојка, Ајк и Тина Тарнер беа примени во Рокенрол Куќата на славните во 1991 година, но пејачката приватно го опиша бракот како пекол на земјата. Ајк постојано ја изневерувал и бил насилник. Неколкупати ја претепал и таа завршила во болница. И тогаш, во 1976 година, таа повлекла кочница: по еден настап во Далас, таа истрчала од хотелскиот апартман кој го делеле - со отечено лице и само 36 центи во џебот. Таа никогаш не се вратила. Кога се развеле, таа се откажала од сите права и од заедничкиот имот. Таа со себе го понела само своето уметничко име - име кое подоцна ќе ѝ донесе светска слава. 

Тина Тарнер и нејзиниот тогашен сопруг Ајк: професионално успешни, приватно катастрофаФотографија: Bert Reisfeld/dpa/picture alliance

Од чистачка до светска ѕвезда

Но, на почетокот Тина се борела да ја држи главата над вода. Била во долгови поради откажаната турнеја со Ајк, кој ги земал сите хонорари. Пеела во барови и на забави во компании, а работела и како чистачка. „Да се биде слободен... па, тоа беше прекрасно! Не ми беше грижа што немам пари, што морам да чистам туѓи куќи за да заработам“, се присетуваше подоцна таа на тие тешки времиња.

Големите дискографски куќи ја отпишале како поранешна ѕвезда која тешко може да се пласира на пазарот. Но, Тина конечно нашла поддршка кај музичкиот продуцент и менаџер Роџер Дејвис. Тој верувал во неа и ја извлече од дното на нејзината кариера. Тина се врати во центарот на вниманието во 1984 година, на 45-годишна возраст, со албумот Прајват денсер, синглот стана нејзиниот прв број 1.

Оттогаш, работите тргнуваат само на нагорна линија за кралицата на рокот. За време на кариерата долга повеќе од 50 години, Тина Тарнер продаде околу 200 милиони албуми и освои дванаесет Греми награди. Во 1988 година, таа настапи на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро пред 180.000 луѓе - со што влезе во Гинисовата книга на рекорди.

 

Сузане Кордс Светски патник со пасија за културата
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми