1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тиранска средба: Инфузија за патернитет и легитимитет

9 јануари 2023

Рама ќе сака да покаже „патернитет“ над севкупниот албански фактор во регионот, а од врвот на ДУИ - да бидат легитимирани од Тирана за вистински претставници на партијата, наспроти „Огнена Група“.

Поканетите на средбата со албанскиот премиер сугерираат дека во Тирана ќе има (пост)празничен прием, но аналитичарите се уверени дека постојат повеќе причини за одржување на средбата (фото: Тирана)
Поканетите на средбата со албанскиот премиер сугерираат дека во Тирана ќе има (пост)празничен прием, но аналитичарите се уверени дека постојат повеќе причини за одржување на средбата (фото: Тирана)Фотографија: Micha Korb/pressefoto korb/picture alliance

Коктел-средба, празничен прием или вечера? Иако форматот под кој водствата на партиите на Албанците од Северна Македонија биле поканети во Тирана од албанскиот премиер Еди Рама се објаснува различно, суштината се чита идентично: такви средби има кога ќе „згусти“.

Последната се одржа на 7-ми јануари 2017 година, по која ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците, објавија декларација од седум точки, во која „се согласуваат за заемна поддршка на заедничката политичка агенда која предвидува реализација на повеќе цели, во идниот владин мандат и/или во секој понатамошен мандат“.

Тоа беше појдовната платформа на партиите на Албанците во преговорите за формирање на нова влада.

Шест години подоцна, опсегот на прашања за разговар во Тирана е многу поголем: интеграциските перспективи, уставните измени во РСМ и нивната поддршка од партиите на Албанците, тензиите меѓу Србија и Косово, состојбите во регионот...

Причини за средба

Иако поканетите сугерираат дека во Тирана ќе има (пост)празничен прием (а не состанок со дневен ред), аналитичарите се уверени дека постојат повеќе причини за одржување на посочената средба.

„Според мое мислење, не постои една единствена причина, туку повеќе причини за закажаната средба на премиерот на Албанија, Еди Рама, со претседателите на албанските партии во Македонија“, вели за ДВ уредникот на „Лајм“, Исен Салиу.

„Како прво, мислам дека Рама им прави услуга на своите пријателиАли Ахмети и Артан Груби, на кои, во моментот кога внатрепартиските поделби во ДУИ земаат замав, им е доста значајно да добијат легитимирање од Тирана како вистински претставници на нивната партија, наспроти таканаречената ‘Огнена Група’, која таков легитимитет сега бара од партиската база. Тој впечаток за Ахмети и Груби им е значајно да го создадат токму пред партиските структури на ДУИ“, вели Салиу.

Дали Рама им прави услуга на Ахмети и Груби?Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Втората причина ја лоцира во фактот што Албанија влегува во изборна година (локални избори), на кои Еди Рама и неговите социјалисти се очекува да го имат најсериозното изборно соочување во последните десет години, против двоецот Сали Бериша-Илир Мета. „За релативно голем дел од избирачите во Албанија е од доста големо значање албанскиот премиер да покаже ‘патернитет’ над целокупниот албански политички фактор во регионот. Тој ‘патернитет’ на Еди Рама во моментот не му го признават лидерите на косовските Албанци - Албин Курти и Вјоса Османи, па Рама сака делумно тоа да го надомести во однос на лидерите на Албанците во Македонија“, смета нашиот соговорник.

Не е време за сликање!

На средбата во Тирана во вторник (10.1.) поканети биле лидерот на ДУИ - Али Ахмети, на Алијансата за Албанците - Арбен Таравари, на Движењето Беса - Билал Касами, на Алтернатива - Африм Гаши и на ДПА - Мендух Тачи.

Според Салиу, очекувано е Еди Рама да зборува со партиските лидери и за сѐ покомплицираната безбедносна состојба на северот на Косово, и да побара од нив внимателно однесување во ситуација која има потенцијал да се одрази и на регионалната безбедност. Но, и да побара од нив да не застранат од евроинтеграцискиот курс при евентуални политички промени во земјата (нова влада или предвремени избори...)

Во момент кога внатрепартиските поделби во ДУИ земаат замав, на Ахмети и Груби им е доста значајно да добијат легитимирање од Тирана како вистински претставници на нивната партија, анализира СалиуФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Освен претседателот на ДУИ, Али Ахмети, мислам дека претседателите на другите албански партии не се радуваат многу на ова свикана средба, официјално како свечена послепразнична вечера, но сепак не можат да ја одбијат стравувајќи дека тоа ќе им носи негативни поени пред албанската јавност во земјата. Самиот Рама верува дека со оваа средба нема да ја провоцира македонската јавност како пред шест години, сметајќи дека своето пријателство кон Македонија го покажал со острите и храбрите полемики со Бугарија и со Европската Унија во врска со Македонија“, оценува Салиу.

Во дел од домашните критики се посочува дека Албанците од Македонија без исклучок ја докажале нивната прозападна ориентација, што средбата во Тирана ја прави беспредметна.

„Прозападната ориентација е на сите Албанци на Македонија, без исклучок. За оваа цел, нема потреба од каква било средба во Тирана. ЕУ и САД постојано од двете држави бараат од политичката сцена да ги оддалечат корумпираните политичари, а не да се сликаат со Еди Рама во Тирана“, оцени поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми